Дознајте повеќе

... за маслата и мазивата


Поимот „средство за подмачкување“ којшто се користи за маслата или мастите се однесува само на најзначајната функција што тие ја имаат во моторот и воопшто во возилата. Со развојот на автомобилската техника, паралелно се развиваа и средствата за подмачкување, за истите со текот на времето да се унапредат од обично работно средство во еден вид на „конструктивен дел“ на моторот, кој придонесува за негова помирна работа и подолг век на користење.
-Подмачкување: Со подмачкувањето се намалува триењето меѓу деловите од моторот, а со тоа и нивното абење. Соодветно на тоа се ослободува и помалку топлина.
-Ладење: Маслото за подмачкување ја прима топлината од местата каде што не доспева течноста од системот за ладење, како што се клиповите, и ја одведува истата, на пример до садот за масло, или кај одредени модели, до ладилникот за масло.
-Заптивање: Средството за подмачкување ја врши функцијата на фино заптивање, на пример кај кошулките (хилзните) на цилиндрите.
-Придушување на бучавата: Преку слојот масло се придушува металниот звук од допирањето на подвижните делови, на пример на клиповите со кошулките на цилиндрите.
-Заштита од стареење: Додатоците во маслото го спречуваат создавањето на талози во моторот во форма на смолести или асфалтни соединенија.
-Одржување на чистотата во моторот: Маслото содржи додатоци (адитиви) кои ги неутрализираат нечистотиите во маслото и ги задржуваат во него со што се спречува тие да се наталожат на виталните делови од моторот.
-Заштита од корозија: Преку слојот масло на металните делови во внатрешноста на моторот се спречува корозија под дејство на кондензирана вода и влажноста на воздухот. Моторното масло исто така е способно да апсорбира одредена количина вода.
-Неутрализација: При намалување на степенот на компресија (ефектот на продувување), дел од гасовите од согорувањето доспеваат до блокот на моторот. Маслото ги неутрализира штетните состојки, како на пример сулфурестите киселини коишто се создаваат од сулфурниот диоксид.
-Пренос на сила: На сите места на подмачкување се пренесуваат сили преку тенкиот слој масло. Во лизгачките лежишта, на пример, тоа се врши преку создавањето на маслениот клин за подмачкување.
... во автомобилите до 1910 година, возачот мораше маслото да го впрскува со помош на рачна пумпа во куќиштето на моторот или во лежиштата. ... до 1925 година, возачите сé уште мораа да интервенираат со впрскување дополнителна количина масло преку рачната пумпа при повисоко оптоварување на моторот, најчесто кај мотоциклите. ... во современите мотори со висок број на вртежи, протокот на масло низ системот за подмачкување изнесува меѓу 300 и 400 литри масло во минута. За споредба, крвотокот во човечкото тело, со пет до шест литри крв, при силно напрегање постигнува проток од околу 100 литри во минута. ... температурата на горните клипни прстени и нивните жлебови достигнува температура меѓу 240 и 280 степени Целзиусови, зависно од моторот. Маслото ја има и таа задача, да преземе дел од оваа топлина
Современите моторни масла, зависно од видот и ефикасноста се базирани врз најразлични базни масла, односно нивни мешавини. Дополнително се користат адитиви, кои преку хемиско и физичко дејство ги подобруваат својствата на средствата за подмачкување. Само со добро избалансирана формула на базно масло и состав на адитиви може да се изведе моторно масло со висока ефикасност. Основното правило е: Колку е поголем уделот на адитиви во моторното масло, толку е повисок и квалитетот, а соодветно на тоа и цената. Минералните масла се најдолго користени основни масла. Тие се составени од соединенија на јаглеводороди со најразлична форма, структура и големина. Нивното производство е релативно едноставно и со пониски трошоци, по пат на дестилација и рафинација на суровата нафта. Најголем дел од синтетичките масла, исто како и минералните масла се произведуваат од суровата нафта, но постапката на производство е покомплицирана и поскапа. За разлика од минералните масла, кои се состојат од различни молекули на јаглеводороди, синтетичките масла претежно се состојат од еднакви јаглеводородни молекули со линиска структура, коишто како такви природно не се создаваат во суровата нафта туку се резултат на дополнителна синтеза.. Синтетичките масла имаат поширока примена и нивната рамномерна градба подобро одговара на ефикасноста на адитивите, поради што може да се постигнат посебни и поквалитетни својства. Целосно синтентските масла поседуваат неколку значајни предности пред минералните масла: - Подобро стартување при незагреан мотор и при ниски температури - Помало абење поради побрзото снабдување со масло на местата за подмачкување - Слојот за подмачкување ја задржува стабилноста и при повисоко оптоварување и при повисоки температури. Мешавината на минералните со синтетичките масла во различни соодноси претставуваат т.н. полусинтетички масла. 
Адитиви за заштита од стареење
Дури и најквалитетното масло за подмачкување е подложно на оксидација, односно стареење, под дејство на топлина и кислород. Притоа се создаваат киселини, како и талози во форма на смоли, кои обично не се растворуваат во маслото. Стареењето во почетокот се одвива мошне забавено и маслото не се менува. Но, откако ќе се инактивираат и неутрализират дел од адитивите кои имаат функција да го забават процесот на стареење, брзината на оксидација се зголемува со забрзано темпо.

Детергенти и дисперзанти
Во процесот на согорување во дизел и бензинските мотори се создаваат мноштво продукти од согорувањето, коишто во помала или поголема мерка влијаат врз моторното масло. Тоа главно се продукти од стареењето на маслото, делумно или целосно несогорени остатоци од горивото, чад, кисели соединенија, азотни оксиди и вода. Задача на детертентските, односно дисперзантските адитиви, претходно познати како HD-адитиви, е цврстите и течните нечистотии да ги обвиткаат и да ги задржат во маслото, за на тој начин да се спречи нивно таложење врз деловите од моторот. Покрај тоа, мора да се неутрализираат и киселите соединенија.

Адитиви за заштита од корозија
Корозијата во основа претставува хемиско или електрохемиско нагризување на металните површини. Најчести предизвикувачи на корозијата се кислородот и водата. Водата што е неопходна за корозијата и создавањето киселини доаѓа првенствено од влагата во воздухот. Во помала количина се појавува вода од согорувањето што произлегува од реакцијата на горивото со кислородот од воздухот.

Адитиви против екстремен притисок и против абење
Кога деловите што лизгаат еден врз друг, како на пример лежишта, клипови, вентили и запченици, повеќе не можат да се раздвојат целосно при високо оптоварување, површините на лизгачките тела се допираат, при што доаѓа до зголемено абење, а во екстремен случај и до нивно деформирање или делумно топење. Овие адитиви создаваат исклучително тенок слој врз лизгачките површини. Во нормални услови, тие се црсти, но при притисок и температура добиваат способност да лизгаат. На тој начин се спречува директен контакт на метал со метал, односно прекумерно абење. По потреба, овие слоеви постојано се обновуваат.

Подобрувачи на индексот на вискозност
Минералните масла ја менуваат вискозноста во зависност од температурата. При ниска температура, тие се помалку течливи, а при повисока температура се полесно течливи. Оваа промена на вискозноста во однос на температурата може да биде повеќе или помалку изразена кај различни масла и истата се изразува во бездимензионална нумеричка вредност VI – индекс на вискозност. Моноградните (едноподрачните) моторни масла имаат VI меѓу 90 и 100, додека мултиградните (повеќеподрачните) моторни масла поседуваат VI повисок од 120. Оваа вредност може да се постигне кај минералните масла со VI меѓу 90 и 100 со додавање на подобрувачи на индексот на вискозност, коишто претставуваат долги молекули на јаглеводороди во форма на влакна. Кога маслото е студено, молекулите се набиени и нерастворени, не влијаејќи врз зголемувањето на вискозноста. Кога маслото ќе се загрее, тие целосно се растворуваат и набабруваат, при што се постигнува посакуваното згуснување на маслото, а со тоа и повисок индекс на вискозност.

Адитиви за намалување на Точката на течење - Pourpoint
Точката на течење е најниска температура при која што маслото сеуште е течливо. Згуснувањето на маслото е поради кристализација на парафините што се содржани во базното масло која доведува и до зголемување на вискозноста. За спречување на овие појави се користат адитиви, кои создаваат голем број ситни и неповрзани кристали, коишто во помала мерка влијаат врз течливоста на маслото во споредба со големите и поврзани парафински кристали.

Адитиви против пенење
Подвижните делови, како коленастото вратило, клиповите, запчениците и сл. предизвикуваат интензивно мешање на маслото со водухот, што води кон пенење. Пената штетно влијае на целосната функционалност на системот за подмачкување и може да предизвика тешки дефекти.