Читање натписи на етикети

Изберете го вистинското масло за моторот на Вашиот автомобил


Изберете го вистинското масло за моторот на Вашиот автомобил

Како да дознаете кое моторно масло од нашата фамилија Lubex одговара најдобро за Вашиот автомобил? Тоа е многу едноставно, преку ознаките што се наоѓаат на пакувањето на секое масло. Овие ознаки се однесуваат на класификацијата и спецификацијата на моторното масло. Секако дека прво ќе биде потребно да проверите во прирачникот за Вашиот автомобил кои моторни масла ги препорачува производителот на возилото.

Класа на вискозност

Основната поделба на моторните масла се врши според класата на вискозност. Овој поим се однесува на течливоста на маслото. Означувањето се применува интернационално и се состои од трите букви SAE, како кратенка од Society of Automotive Engineers или Здружение на автомобилски инженери, по што следуваат уште две бројчени ознаки и буквата W (Winter-Зима) меѓу нив. Првата бројка се однесува на вискозноста, односно течливоста на маслото при зимски температури, додека втората бројка на течливоста при летни температури, односно при загреан мотор.

Колку е пониска првата бројка, толку е поголема течливоста на маслото при зимски температури, а со тоа и способноста на маслото брзо да допре до подвижните делови од моторот. Соодветно на тоа, повисока вредност на втората бројка во ознаката значи дека маслото ја задржува способноста за подмачкување и при високи температури. Како пример, ознаката 5W-40 кај нашето врвно моторно масло Lubex Supersyn, значи дека истото обезбедува сигурно и темелно подмачкување на моторот во целиот температурен распон помеѓу -35 oC и повеќе од 40 oC.

Класата на вискозност сепак не е пресудниот фактор што решава за квалитетот на одредено моторно масло. За тоа служи спецификацијата.

Спецификација на моторни масла според ACEA и API


Какви квалитети и својства поседува моторното масло, односно каков е неговиот состав и за кои видови на мотори е наменето истото, може да се дознае преку ознаката за спецификацијата на маслото според нормите на ACEA и API.

ACEA е кратенката за европската асоцијација на производители на автомобили и ги означува моторните масла според следново:

- ACEA класа A се моторни масла за бензински мотори во патнички автомобили
- ACEA класа B се моторни масла за дизел мотори во патнички автомобили и доставни возила
- ACEA класа C се моторни масла за бензински и дизел мотори со филтер за честички чад во издувниот систем
- ACEA класа Е се моторни масла за дизел мотори во товарни возила

Ознаката за класата се дополнува со бројчена ознака, којашто во основа се однесува на ограничувањата на количината на сулфатна пепел, фосфор и сулфур:

- ACEA A1/B1 – моторни масла за намалена потрошувачка на гориво и ниска вискозност при зимски температури
- ACEA А3/B3 – масло за мотори со високи перформанси и за намалена потрошувачка на гориво; намалена испарливост и спречување на талози; можност за продолжени интервали на замена. Не е наменето за дизели со директно впрскување на горивото.
- АCEA A3/B4 – исто како A3/B3, но наменето за дизели со директно впрскување на горивото.
- ACEA A5/B5 – масло за мотори со исклучително високи перформанси, за бензински и дизел мотори со директно впрскување; можност за продолжени интервали на замена. 

На квалитетот и својствата на маслата укажува и спецификацијата според американскиот институт за нафта API. Означувањето се врши со две букви по основната ознака API: S се однесува на масла за бензински мотори, C за дизел мотори. Според оваа спецификација се разликуваат:

- API SM – на важност од 2004 година, со намалена потрошувачка на гориво и заштита на системот за пречистување на издувните гасови.
- API SL – на важност од 2001 година.
- API SJ – на важност од 1996 година; намалена загуба од испарување.
- API CI-4 – на важност од 2002 година; за мотори со рециркулација на издувните гасови
- API CH-4 – на важност од 1998 година

Покрај овие спецификации, производителите на автомобили поставуваат посебни барања во поглед на квалитетот на моторните масла со сопствени спецификации, како BMW, Ford, Mercedes-Benz, Opel, Peugeot, Porsche, Renault, Volkswagen и др.