Обновливи извори на енергија

Обновливи извори на енергија


Придонесот за одржлив развој претставува значаен составен дел од начинот на делување на нашата Компанија. За да се задоволи постојаниот раст на потребни енергенси за населението и стопанството, а во исто време да се ограничи влијанието на искористувањето на енергијата врз животната средина, неопходна е примената на обновливи извори на енергија.

Покрај тоа што со постојаното усовршување на нашите погонски горива и средства за подмачкување придонесуваме за намалување на потрошувачката на гориво и на емисијата на СО2, во нашата фабрика за биодизел произведуваме висококвалитетно биогориво од обновливи извори. Чистиот биодизел Б100 се произведува врз база на семе од маслодајна репка и го исполнува европскиот стандард МКС ЕН 14214, што понатаму овозможува најширок дијапазон на негова примена.

Чистиот биодизел претставува составен дел и од погонското гориво ULTRA Diesel Bio Jet, каде што учествува со 6 проценти во составот на горивото и нуди дополнителни еколошки и експлоатациски предности. Исполнувањето на најновиот европски и македонски стандард за квалитет на дизел гориво МКС ЕН 590 овозможува горивото ULTRA Diesel Bio Jet да се користи неограничено во сите возила чиишто производители пропишуваат најстроги стандарди во поглед на квалитетот на горивото.

Макпетрол веќе започна со поставување на фотоволтаични системи за производство на електрична енергија на своите продажни објекти. На тој начин, преку создавањето на чиста енергија, придонесуваме кон зачувување на животната средина и намалување на загадувањето.