Миџор - март 2006 (...продолжува...)
<претходен дел - пристигнување до домот>
Утро, сонце, убавини, видици на сите страни, тишина, -4Ц, шаторче, се бело со нов снег, мразулци, кученца си играат на снегот и за час сите покрај мене па малку играње и прошетка со нив, па назад на спремање, организиран доручек, подготовка за искачување на врвот Миџор, подготвување на ранците, опремата, неколку и во 08:15, 29 планинари во колона тргнаа кон врвот во неразгазен снег, а Миџор во облак како да срамежливо се криеше од нас. Првиот одеше со широки крпли за снег, поединци имаа и цепини, водачот одреди кој зад него ќе биде, лесно темпо, колона, а 2 кучиња ни се приклучија и така со нив 31.
Благ успон, како 50% од Церипашина, чиста површина, малку снег како целиот снег да беше долу каде што заглавивме синоќа со возилото, сув снег и супер за движење. Неколку кратки паузи, врвот се поблиску но уште во облаци, а почнува да дувка и застудува и колоната се развлекува, ситни застои, а напред оние кои летово треба да одат на Мон Блан.
Ветрот е се посилен така да прво одлетува една ракавица од девојка, па капче од момче, се постудено така да поединци чувствуваат студ на рацете, па долг застој како би се почекале последните. Стоиш во место, се ладиш, ти студи, а врвот во се потемен облак, чекаш покрет на врвот а тој касни и конечно по договор повторно покрет и почеток на последниот успон кој не е воопшто стрм но многу незгоден од силниот ветар, студ, игличките од снег кои ти се пикаат насекаде, замрзнатите наочари со кои ништо не гледаш, а без нив очите за час ти се полни со ситен снег па мораш пак со наочари но пред нив правиш брана со ракавиците и штаповите и така чекор по чекор со видливост од 5-6 метри пред тебе одиш угоре и конечно едно испупчување, дигнати раце од тој пред мене и знак дека стоиме на врвот Миџор и тие 2170 метри. БРАВО ЗА СИТЕ 11 ДУШИ кои истрајаа и стигнаа до највисоката точка на оваа ниска но сурова планина. Во 11:40 минути бевме горе каде ветрот и снегот не оставаа повеќе да седиме и уживаме во погледот, ами брзо назад на потопло.
<понатаму - враќање од врвот >
|