Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Елбрус 2009 (5642m) - Кавказ, Русија

Извештај
ЕЛБРУС (5642 м.) - КАВКАЗ 2009 (11 – 25 јули 2009)

< Претходна страна >

20 јули 2009 - понеделник

Иако според планот на експедицијата требаше да останеме уште 2 дена на во Пријут 11 (еден ден за искачување на Источен Елбрус и еден резервен ден) сепак решивме да се симнеме во Терскол. Дел од неискористената храна (инстант супи и тестенини, житарки и млеко во прав) му ја оставив на готвачот во куќата Дизел кој подготвуваше храна за новата група планинари од Данска.

Околу 10 часот по лошо време (врнеше снег), со ранците на грбот (и влечејќи ги транспортните вреќи по снегот) тргнавме кон Гарабаши, кон нашите шатори. Шаторите кои ги оставивме на Гарабаши со дел од непотребната опрема за среќа стоеја како што беа поставени. Ги собравме шаторите и со едноседешницата се симнавме до Станицата Мир. И од таму, сега со гондоли (не со камион), што би рекле "господски" , се спуштивме во Азау на 2350 м.


Спуштање со едноседешницата и голем ред за нагоре


Современи гондоли

Но, два ранци (од Билјана) и една јакна (од Марин) ги заборавивме горе на почетокот на едноседешницата во Гарабаши. За да ги симнат ранците и јакната еден од вработените на едноседешницата ми побара "сувенир" . Му дадов 300 рубљи, но ги симнаа само ранците. Марин лично се качи горе да ја побара јакната, но не ја најде. "Данок на планината" , разочарано рече Марин.

Изморени, се тетеравевме одејќи од една на друга жичара со големите ранци во рацете. Со минибус од Азау стигнавме во Терскол и се сместивме во 2 хотела, "Салам " и "Елбрусија" . Прво што направивме со Билјана и Марин, пред да се истушираме, беше да нарачаме три дупли свежи салати, макарони со сирење и компирчиња. А, се почестивме и со пиво.

Конечно туш и топла вода после 6 дена во снежната дивина. Измиени и најадени полека се привикнувавме на цивилизација, на меки кревети, на редовно јадење. Вечерта бевме во блискиот бар, на наргиле, јасминов чај и chill out музика.


21 јули 2009 - вторник

Утрото, одморени, ја вративме изнајмената опрема во хотелот "Салам“, а во продавницата "Алпиндустри" ги вративме и неоштетените и неупотребените боци со гас по куповна цена.

Дел од групата се одмараше во Терскол, а дел бевме во Чегет каде купувавме сувенири, маици со напис Елбрус, CD -а, DVD -а,..... По кажувањето на Терсколчани, типични кавкаски сувенири се појас со кучешки влакна кој многу топлел околу половината, Кавкаски ликер, кама.


Билјана на пазарот во Чегет

Купивме руско вино кое решивме да го пиеме за ручек. Во кафеаната во Терскол сакавме да порачаме Шашлик (кавкаски специјалитет од месо на скара). Но, локалните келнери не знаеја англиски јазик, а на руски не можевме да се разбереме. На крај употребивме мимики и звуци. Значи, порачавме два "Муууу" , еден "Беее" и еден "Кокодак" шашлик (телешко, јагнешко и пилешко месо) покажувајќи со рацете и прстите рогови, уши и крила.

Вечерта се запознавме со пријателот на Лазар, Ахмед Рахим Елмазов, балкарец од Терскол кој се искачил на Монт Еверест. Тој пред искачувањето на Монт Еверест никогаш не искачил ништо повисоко од Елбрус. Цел живот (55 години) се качувал на Елбрус во секакви временски услови работејќи како спасител. Неговите пријатели кои беа во кафеаната, најмногу во негова чест, но и во наша чест, заиграа на нивните брзи народни песни. Интересна игра, каде што мажот и жената следејќи некој свој внатрешен ритам весело кружеа еден околу друг.


Народна балкарска игра


Ахмед Рахим Елмазов и Лазар Попара

До наргиле барот имаше галерија со многу убави фотографии од Кавказ и Елбрус. Јас од фотографот нарачав пет фотографии со исцртана рута од Азау до врвот Елбрус (100 рубљи за една фотографија) и купив уште 4-5 други фотографии за спомен.

Вечерта пак спиевме во Терскол.


22 јули 2009 - среда

Наместо да останеме уште еден ден и да безделничиме во Терскол се спакувавме и со две комбиња околу 9 часот тргнавме кон Наљчик. Патем се сликавме покрај интересни споменици.


Споменик на влезот на долината


Споменик на влезот на долината

Во Наљчик се сместивме во хотел "Алпинист" во центарот на Наљчик. Лазар не поведе во разгледување на градот. Убаво уредени паркови, чисти улици со многу возила Волга и Лада, џамија, ... Лазар повеќепати спомена дека Наљчик бил избран за град со најубаво уредени паркови во целата Руска Федерација. По улиците на Наљчик сите возила се со затемнети стакла. Сите Волги, Лади, комбиња. Објаснуваа дека младите не сакале да ги гледаат кога се возат со женски. Но, повеќето од возачите беа постари луѓе.

 


Хотелот Алпинист во Наљчик


Убави паркови низ Наљчик

Имав непријатности со милицијата (во Русија уште постои Милиција) кога го сликав Кабардино Балкарскиот Парламент. Ми побараа документи, ми побараа увид во направените слики, го повикаа шефот на обезбедувањето на Парламентот. Во нивно присуство ги избришав сликите од Парламентот и заминав со чувство на нелагодност.


Плоштад во Наљчик


Џамија во Наљчик

Само од автоматите за пари во центарот на Наљчик можат да се извадат рубљи од Виза или Мастерс платежна картичка. Влегов во туристичката агенција "Сочиавтотур" во која побарав информација за хотели во Москва. Многу љубезни луѓе. Ми најдоа хотел во Москва, се јавија и резервираа соба (Исмаилово, Вега хотел), ме почестија со чај. Туристичката агенција, по кажувањето на директорот Сижаев Амир Султанович досега била концентрирана на организирање летни одмори во Сочи, на брегот на Црното море, но сега сакале да ја прошируваат понудата и за планинари (искачување на Кавказ и Елбрус). Им кажав детали од нашата програма за искачување на Елбрус и им ги кажав условите за планинарење низ Европа. За возврат решија да ме почестат вечера и никако не прифаќаа одбивање. На вечерата во ресторанот "Бочки" (Буре) со Амир и Јуриј бевме Билјана, Марин и јас. Убав ресторан во форма на буре, сиот во дрво, во средината на паркот во Наљчик.

Ресторанот Бочки (Буре) во Наљчик

Масата во Бочки полека почна да се полни со кавкаски специјалитети: вотка, свежа салата, сирења, разни типови шашлик .... Ние не знаевме, но бил обичај домаќинот да одржи повеќе здравици во текот на вечерата. И тргнаа здравиците на Амир. Здравица за пријателите, за успехот, за здравје, за семејството. На крај од вечерата, после сето изедено јадење и испиени вотки и јас кажав здравица, заблагодарувајќи им се на Амир и Јуриј за пречекот и љубезноста и им посакав успех во работата и животот. Ги поканив новите пријатели да дојдат во Македонија. Вратата на нивните домови е отворена за нас во секое време.

Во хотелот "Алпинист" членовите на експедицијата добија сертификати за искачениот врв/врвови, за искачената височина и соодветни значки "Руски алпинист".

< Претходна страна >     < Следна страна >


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje