Елбрус 2009 (5642m) - Кавказ, Русија
Извештај
ЕЛБРУС (5642 м.) - КАВКАЗ 2009 (11 – 25 јули 2009)
< Претходна страна >
19 јули 2009 - недела
Утрото во 2 часот (по руско време) се собравме пред контејнерот "Марија" по ладно и јасно време, облечени во јакни, капи, ракавици и дерези целата група, тргнавме кон врвот предводени од украинскиот водич Александар. Значи, тргнавме од 4200 м.
Искачувањето беше многу напорно. Сите се боревме со ладното време и реткиот воздух. А, на угорнината и немаше крај. Покрај нас поминуваа ратраци кои носеа планинари до 4800 м од каде што тие тргнуваат кон врвот. Кога се раздени, веќе бевме над Стене Пастухова и пред нас се појави долга колона планинари во која имаше витални Руси, изморени Британки со водич, Американци, Македонци, Украинци. Надолу слегуваа планинари со главоболка (висинска болест), разочарани што не можат да се качат на врвот. Интересно, но имаше и планинари кои стоеја на едно место и по 30-тина минути, неможејќи да се поместат. Кога ќе ги прашав дали се добри, тие без зборови само ќе климнеа со главата и ќе продолжеа да стојат, собирајќи снага за следните чекори.
Старт на групата 4200м, 02 :15 часот
Краток одмор на 5000 м.
Се појави сонцето кое стана толку јако што мораше да се заштитиме со глечерски очила, марами и маски. А поради студот и прстите од рацете не смеат да останат долго без ракавици.
Се одвоив од групата и со побрзо темпо тргнав кон врвот имајќи ја групата цело време во видно поле.
После 9 часа напорно искачување стигнав до Седлото, во подножјето на двата врва, Западен и Источен Елбрус. Самиот поглед на последната угорнина беше застрашувачки. Зарем има крај на угорнините? Слаб ветер дуваше се до Седлото, каде што беше потопло. Прв пат утрото одев неколку метри по удолнина, што психички многу ми годеше. На Седлото соблеков дел од облеката, го симнав ранецот и извадив храна и вода за да закрепнам. Според поискусните планинари, одмор во Седлото е неопходен за успешно искачување на врвот. Тука се одмарав скоро 1 час и чекав да се појави некој од групата.
Тогаш дојде Горан Срезовски – Срезо , ги оставивме ранците (освен фото апаратот) во снегот и тргнавме на последниот успон, кон врвот Западен Елбрус. За околу час и половина, околу 12: 30 часот, по убаво време стигнавме на врвот. Патем сите што слегуваа надолу не бодреа да го искачиме врвот кој според нив е само на неколку минути од нас. На врвот има камено обележје околу кого има неколку шарени заставички и метална стрелка на која што со големи букви пишува „ Gstaad ( CH ), 450 Std , а со помали букви пишува "Elbrus , 5642 m .". Врвот Западен Елбрус кој се наоѓа на плато, прочитав на интернет, всушност е 2000 години стар, згаснат вулкан.
На врвот имаше 3-ца планинари кои срдечно не поздравија. Горан Срезовски прв од нашата група го искачи врвот Западен Елбрус. Мислам дека имаше сила да се искачи уште погоре. Направивме повеќе слики и филмови. Горан Срезо на филмот ги поздравуваше своите колеги од работа и своите домашни, а јас снимив панорама од 360 степени. На кратко ги симнав ракавиците и очилата за да се познава на сликите и на филмовите дека јас сум на врвот. Се обидувавме да ја разгледаме околината, но од долината нагоре почнаа да се формираат облаци кои носеа невреме. Во далечина имаше грмотевици.
Горан Николоски на врвот Елбрус 5642 м
Горан Срезовски на врвот Елбрус 5642 м.
После 20-тина минути тргнавме надолу. На слегување, на 100- тина м од врвот му помагавме на еден планинар кој повраќаше (висинска болест).
Другиот дел од нашата група почна да го искачува врвот тргнувајќи од Седлото нагоре. Осуммина чекор по чекор, полека ја освојуваа последната голема угорнина пред врвот.
Слушнав дека Билјана и Марин стигнале до 5350 м, а потоа тргнале надолу затоа што (ми кажаа на 4200 м. во контејнерот каде што еден по еден не дочекуваа и ни честитаа за искачениот врв).
(Марин Стојановски пишува): наместо за 8 часа до таму стигнавме за 10, сите планинари кои тргнаа по нас не поминуваа, многу е доцна, останавме последни на таа височина кои уште се качуваат, брзо почна да се менува времето, ветер носеше од сите страни многу брзо темни, сиви и бели облаци и за миг големото синило почна да се затвара, врвот се искачува најкасно до 12 - 13 часот, а потоа е проблем бидејќи има чести кратки или долги турбуленции проследени некојпат и со електрични празнења или појава на магла. Планинарите кои се враќаа од врвот и кои поминуваа покрај нас изгледаа многу изнемоштено и решивме да не ги качуваме уште тие 292 м, бидејќи врвот е тука и секојпат ќе чека и дочекува планинари, и на време да си појдеме назад. И баш кога се вративме на 4200м почна да врне дожд. Овде дожд а како е горе и што е со нашата екипа, тие мисли ни се вртеа во главите, завршува Марин.
На Седлото седнав да се одморам во друштво со рускиот водич Александар, а неуморниот Горан Срезовски - Срезо се напи Цедевита, го зеде цепинот и тргна кон врвот Источен Елбрус. Тој направи вистински подвиг. Во ист ден се качи на двата врва и на Западен и на Источен Елбрус, што ретко се случува. На Седлото, врзани во наврска, се вратија и другите членови на групата кои успешно го искачиле врвот. Си честитаа меѓусебе за постигнатиот успех. Беа горди на успехот и многу изморени. Во очекување на невремето, набрзина се облековме, ги ставивме ранците на грбот и тргнавме надолу. Патем врнеше и снег и град и дожд. Последни во Гарабаши, на 4200 м дојдоа Милан и Зоран чија десна страна од телото беше прекриена со корка мраз од снежното невреме. Двајцата кажуваа дека му помогнале на млад украински планинар кој имал проблеми со висинската болест безбедно да се симне по тоа невреме во Пријут 11.
(Марин Стојановски пишува): На крај се се заврши среќно, сите се вратија здрави и живи, задоволни од остварениот подвиг, искачениот највисок Европски врв еден од големите 7. Но дел од нив никогаш нема да го заборават електрицитетот кој шеташе по нивните тела, стравот, залегнувањето во снегот со ранците под нив да се скрие цепинот, подалечните или поблиски електрични празнења, брзањето надолу, а на места и трчање за да се стигне што побрзо до контејнерот. Рускиот водач кој не го искачи врвот Елбрус со групата, дали поради неговата болест и изнемоштеност или поради нешто друго, а ни спомна дека ги искачил сите четири 7000 ки на Памир, а бил многу пати на Елбрус. Зоран и Милан кои се вратија сами последни многу после другите и кои најдобро ја почуствуваа суровоста и брзата промена на времето вообичаена за овој врв, завршува Марин.
Зоран со корка мраз на главата
Снежна виулица на Пријут 11, а во Скопје е +38 степени
Изморени и секој во своите мисли, јадевме, се напивме топла супа и чај и легнавме да се одмориме.
Пред тоа се договоривме дека утре слегуваме во долината.
|