Елбрус 2009 (5642m) - Кавказ, Русија
Извештај
ЕЛБРУС (5642 м.) - КАВКАЗ 2009 (11 – 25 јули 2009)
< Претходна страна >
15 јули 2009 - среда
Со 2 минибуса стигнавме до Азау на 2350 метри, каде што во таа дивина изградиле современ скијачки центар, те. жичарница со гондоли. Но, жичарницата не работеше. Слушнавме разни верзии. Де, саботажа, де ремонт, де претседателот на Републиката, кој е Кабардинец, сака да го купи скијачкиот центар и сега го саботира туризмот на Балкарците. Како и да е, немавме друг избор и 23-ца луѓе се качивме во камион марка УАЗ и додека над нас се нишаа празните гондоли полека се искачувавме по планината. По планината се разминуваа Лади, УАЗ-и и УРАЛ-и, како по магистрален пат, а ние, и воодушевени од глетката и исплашени од понорите само молевме Господ без проблеми да стигнеме до Гарабаши на 3800 м.
Превоз со камион
Билјана, Катица, Снежана во камион
Директно вбризгување
Патем имаше и сонце и магла и дожд. Нашиот камион се расипа, нешто не беше во ред со доводот на гориво, така што еден од возачите се качи на кабината и држеше канистер од каде што горивото преку цевка директно одеше во моторот. Возењето кое требаше да трае максимум 2 часа се оддолжи на 4 часа. На 3700 м камионот веќе не можеше да ја совлада угорницата и моравме со ранците на грб да одиме нагоре.
На Гарабаши има и цистерни (со прозори и врати), контејнери за сместување и место за шатори. Имаше планинари од Словачка, украинци, руси, американци. Од Гарабаши нагоре, по стазите, има длабок снег.
На врвот од блискиот глечер ги поставивме шаторите, ги наместивме вреќите за спиење, се напивме топла супа и легнавме да се одмориме. Нервозни и изморени од долгото патешествие, секој со своите мисли, брзо заспавме.
Шатори на Гарабаши
Цистерни на Гарабаши
16 јули 2009 - четврток
Утрото осамна облачно и студено. Почна да врне дожд, па град, па снег и така без престан. Заробени сме во шаторот. Околу 12 часот целата група тргна нагоре, на аклиматизација. Повеќемината се качија до 4200 м., до домот Пријут 11 (куќа Дизел) и до околните контејнери. Подоцна со Горан Срезовски од Гарабаши се искачивме повторно до куќата Дизел каде за спиење во комотниот дом (куќа Дизел) со дрвени лежаи плативме по 500 рубљи за ноќ. За парите имавме бесплатно користење на гас за кување. Домот беше полн со германци кои се подготвуваа за утрешното искачување.
Како се организирани другите групи планинари? Самите планинари го организираат пристигнувањето од нивната земја до аеродромот во Наљчик или во Минерални Води. Пред тоа на интернет наоѓаат руска туристичка агенција (на пример Пилгрим Турс од Русија) која ги пречекува на аеродромот, ги вози, сместува, им обезбедува готвач и водич до врвот за околу 600-700 евра. На крај од експедицијата срдечно ги испраќаат од аеродромот.
Цената по учесник за нашата експедиција беше 850 евра (за период од 11 до 25 јули, 2009 година).
Во цената не беа вклучени: исхраната при патувањето, аклиматизацијата и искачувањето.
Конкретно за исхрана на германците во куќата Дизел беше задолжена Лејла, готвачка од едно околно место, која нам постојано ни нудеше чаеви, каши, колачи. Но, и ние и помагавме. Полневме шерпи со снег кој после топењето во вода таа го употребуваше за јадење, а и помагавме во средување на кујната и магацинот.
Чеповите за уши повторно ми помогнаа да заспијам без проблем во просторија со бучни планинари.
Во куќата Дизел на Пријут 11 со Лејла
Дупка за копање на чист снег
17 јули 2009 - петок
Утрото Лејла не изненади со топол чај, милиброд и џем. Се сетив на баба ми која за внуците правеше милиброд. За возврат и наполнив 3 шерпи со снег за топење. Лејла кажуваше дека работи како готвачка во училиште за плата од 3500 рубљи месечно (80 евра), а овде како готвачка на група планинари зема 1500 рубљи дневно (34 евра).
Другите планинари од нашата група од Гарабаши се искачија пешки и се сместија во контејнерот „Марија“ (на Пријут 11), за 450 рубљи по човек за ден. Ранците стигнаа од Гарабаши до Пријут 11 на ратрак за 300 рубљи по ранец. И во цената од 450 рубљи во контејнерот беше вклучено користење на гасот. Значи, со нас требаше да носиме помалку боци гас и горилници од Терскол. Опремата и ранците ги пренесовме од Гарабаши до Пријут 11 со ратрак за 3600 рубљи (300 рубљи од ранец). Шаторите и дел од опремата останаа во Гарабаши оставени на милост и немилост на времето.
Групата тргна на аклиматизација кон Стене Пастухове, на 4800 м. Времето се поправи, се појави сонцето и пред нас се отвори една од најубавите панорами што сум ги видел во животот. Седиме во снегот, а наспроти нас остри врвови, бело-сини глечери, длабоки долини, ... А, над нас повремено, затскриени со облаци, се појавува де, Западен, де Источен Елбрус, како да сакаа да останат скриени се до финалното искачувањето. Марин воодушевен од глетката направи многу фотографии и последен се спушти долу.
На аклиматизација до Стене Пастухова
Искачување со скии на грбот
Германците сместени во куќата Дизел беа задоволни од нивното денешно искачување на Елбрус. Само еден од нив не успеал да се искачи на врвот, и покрај лошото време утринава.
Во Пријут 11 во куќата Дизел и во контејнерите на 4200 м постојано доаѓаа едни а заминуваа други групи планинари. Од цел свет. Сепак е предизвик да се искачиш на еден од SEVEN SUMMITS ( највисоки врвови на седумте континенти).
Дел од планинарите со себе носеа скии (обични, турно, кратки скии), па и даски за скијање. Се качуваа нагоре со скиите на грбот, дури на 4800 метри (пешки или со ратрак) и потоа со ужување "везеа" по снегот и по глечерите надолу, оставајќи траги зад себе како плетенки од коса.
А, некој луд инвеститор ќе прави голем планинарски дом со футуристички изглед на местото на изгорениот дом, веднаш над куќата Дизел, на 4200 м.
18 јули 2009 - сабота
Облачен ден, со температура над 0 степени. Стазата е полна со планинари кои одат горе-долу за аклиматизација. Сите се надеваат на погодно време во недела наутро кога и ние планираме да тргнеме кон врвот. Нашите пријатели од Македонија и Србија преку СМС пораки ни ја кажуваа временската прогноза за Кавказ и Елбрус и ни рекоа дека најпогодни денови за искачување на врвот се оваа сабота и недела.
Во Пријут 11 дојде голема група планинари, веројатно руси, кои дисциплинирано, еден зад друг тргнаа кон Стене Пастухова на аклиматизација. Во нивна близина застана ратрак од кого слегоа неколкумина. Од далеку не се гледаше што прават па го вклучив зумот на фотоапаратот. Една плавокоса девојка почна да се соблекува позирајќи им на околните фотографи само во сината долна облека. После неколку минути и неколку пози во снегот се облече и тргна нагоре.
"Русите доаѓаат“ на 4200 м.
Манекенки на 4200 м.
Седејќи пред куќата Дизел сосем случајно приметив во далечината Око. Во глечерот точно спроти Елбрус, снегот направил скоро совршено око, веѓа и дел од лице. Како Пикасо да дошол на Кавказ и насликал дел од лице во снегот.
Око во глечерот
По стазите кон и од Пријут 11 постојано се движат ратраци кои нагоре-надолу разнесуваат планинари и скијачи. На нашата група и беше понуден превоз од 4200 м. до 4800 м. со ратрак за 11.000 рубљи (250 евра). Некој спомена дека за 1000 евра нуделе искачување со ратрак до 5000 м.
Некои планинари кои претходно го искачиле (или не) врвот препорачуваат користење на ратрак во секоја прилика, за да се зачува снагата за финалното искачување. Но, ние решивме да не користиме ратрак.
Денес се одмараме пред утрешното искачување. Околу 15 часот дојде украинскиот водич Александар кој беше платен да не води кон врвот. Ќе тргнеме во 2 часот наутро со темпо од 45 минути бавно одење и 5 минути одмор.
Ручавме тестенини, супи, пиевме вода, се одмаравме. Вечерта легнавме со чувство на исчекување. Пред тоа сите ги спремија ранците (со облека, храна и вода) и облеката во која ќе се искачуваме.
|