Елбрус 2009 (5642m) - Кавказ, Русија
Извештај
ЕЛБРУС (5642 м.) - КАВКАЗ 2009 (11 – 25 јули 2009)
< Претходна страна >
12 јули 2009 - недела
Утрото со минибус од хотелот се префрливме во населбата Исмаилово, на импровизираната автобуска станица во близина на хотелскиот комплекс Исмаилово направен за Олимписките игри во 1984 година. Го пронајдовме автобусот со лежаи и се подготвивме за пат долг скоро 1700 км кон крајниот југ на Руската Федерација. На автобусот имаше напис "Москва – Наљчик, 11:00, Воскресение" , што значи дека автобусот тргнува за Наљчик, денес, во недела (Воскресение на руски јазик).
Пред поаѓање за Наљчик
"Нашиот" автобус
Автобусот е без клима уред, со лежаи на две нивоа и со 8 седишта за седење. Се лежи на душеци покриени со ќебиња, и на 30 степени навистина е топло. Улога на клима уред играа двата отвори во покривот на автобусот и зависно од тоа колку брзо оди автобусот, толку беше ладно те. топло во автобусот. Друштво во автобусот ни правеа работници и жени на работници кои се враќаа во своите родни места на Кавказ. Повремено застанувавме на бензински пумпи и стојалишта.
Внатрешноста на автобусот
Измешани нозе
Еден од возачите на автобусот, по кажувањето на Марин е вистински "Шумахер" . Наведнат над воланот, вели Марин, вози 130 на час и сите возила му се тргаат од патот. Патем поминувавме низ бескрајни рамници и мали населби кои се снабдуваат со гас со надворешни цевки кои изгледаат како дебели јажиња за сушење на алишта.
Гасна инсталација во Терскол
Поминавме покрај градовите Тула, Вороњеж, Ростов на Дон и се приближивме до Црното море и до Кавказ. Во близина на Ростов на Дон GPS -от од Сашко покажа 0м надморска висина, што значи ако се искачиме на целта - нашата амплитуда на движење би била од 0 до 5642 и обратно.
Патот Москва – Наљчик е главна врска меѓу Москва и југот на земјата и е многу фреквентен. Безброј камиони во двата правци создаваат голема гужва по патот, кој на некои делници е автопат, на некои делници е магистрален пат. Некаде го обновуваат асфалтот, а некаде додаваат уште патни ленти.
13 јули 2009 - понеделник
После 24 часа лежење во автобусот и повремен сон, стигнавме во Наљчик, главниот град на Кабардино Балкарската Република, на само 200 км до градот Грозни во Чеченија. Републиката, прочитав на Интернет, има околу 900.000 жители кои зборуваат руски, кабардински и балкарски јазик (слични на турскиот јазик).
Од Наљчик со истиот автобус тргнавме кон Терскол оддалечен 105 км од Наљчик. Лазар ни кажа дека во Наљчик и во рамнинскиот дел на Републиката живеат Кабардинците, а во планинските места, Балкарците, другата етичка заедница, и живеат како во "(државен) брак" , де се сакаат, де се караат. Патем поминувавме покрај дивата река Баксан која ја сече долината над која се надвиснати врвови од над 4000 метри. Водата во реката Баксан доаѓа од бројните глечери, кои како што прочитав на интернет ги има 22 на број низ целиот кавкаски масив. Високите планини од лево се природната граница со Грузија, со која минатата година Руската Федерација имаше воен конфликт. На неколку места, покрај патот имаше маскирани полициски/воени пунктови. Длабоко во планините кн Грузија, раскажуваше Лазар, има убави долини (Долина на младоста) и светски познати алпинистички кампови.
Глечери над Терскол
Реката Баксан
А Терскол е мало, сиромашно село на 2050 метри надморска височина во кого има неколку продавници, 3 хотели, а ние бевме сместени во едниот "Салам" .Полупансион во хотелот "Салам" , со комотни соби и современи бањи, чини околу 10 евра по човек по ден. 1 евро се менуваше за 44 рубљи во периодот од 11-25 јули 2009. Во Терскол имаше и хотел во кого беа сместени спортисти од цела Русија и кое секое утро и вечер трчаа по околните стази.
Дел од групата и шоферите пред хотелот Елбрусија
Хаубици за лавини?
На крајот од селото беа поставени два воени топа чии цевки беа свртени на различни страни кон планините. Терсколчани велеа дека тоа биле топови за уривање лавини. Не прашував повеќе. Во Терскол има Биро за пријавување на експедициите и Биро за спасување при несреќи. Има и биро за издавање на сертификати и значки за освојувањето на Елбрус и околните врвови. Во продавницата "Алпиндустри" може да се изнајми и купи планинарска и скијачка опрема.
Цените за изнајмување на планинарска опрема во хотелот "Салам" за 1 ден се: цепин (150 рубљи = 3,4 евра), горилник (150 рубљи), чизми (300 рубљи = 7 евра), дерези (200 рубљи = 4,5 евра). Во продавницата "Алпиндустри" боца Пропан бутан гас се купува за 350 рубљи (ако е неоштетена, може и да се врати по куповна цена од 8 евра), канистер за вода од 5 литри чини 300 рубљи, горилник 500 рубљи (11 евра) ......
Сметајќи дека на Кавказ нема храна за престој во височините, носевме многу инстант супи, тестенини, житарици, конзерви, вакумирано месо. Но, таму, и во најмалото населено место има свеж зеленчук и овошје и друга храна по многу прифатливи цени.
14 јули 2009 - вторник
Доручавме, па пешки отидовме во с.Чегет на првото аклиматизациско искачување и по ски-патеката тргнавме нагоре. Во местото Чегет, на околу 15-тина минути од Терскол има жичарница до височина над 3000 метри. Дел од групата пешки се качи на 2860 м, а другите на врвот над 3000 м. Се сликавме покрај табла со предупредување дека сме во погранична зона (до границата со Грузија). Никој немаше проблеми при искачувањето (пешки) и симнувањето (со жичарница).
Пред поаѓање на првата аклиматизација
Групата на 2800 метри
Вечерта се спакувавме за утрешното заминување на 3800 метри, а непотребната опрема ја оставивме во хотелот.
|