Елбрус 2009 (5642m) - Кавказ, Русија
Извештај
ЕЛБРУС (5642 м.) - КАВКАЗ 2009 (11 – 25 јули 2009)
(Пишува: Горан Николоски, ПД "Макпетрол“ - Скопје)
11 јули 2009 - сабота
На железничката станица во Белград се собра целата група планинари од Македонија и од Србија кои тргнаа кон врвот Елбрус (5642 м.) на Кавказ, во Руска Федерација. Некој имаше големи транспортни торби, некој по 2-3 големи ранци, вреќи за спиење, шатори и требаше големо внимание да не се затурат истите.
Членовите на меѓународната планинарска експедицијата "Кавказ 2009" беа планинари од повеќе планинарски друштва/клубови - Горан Срезовски, Сашо Перовски и Живко Темелкоски од ПСК "Бистра" од Скопје, Златко Каракамишев и Снежана Дучева од ПД "Дуб" од Богданци, Билјана Митровска од ПД "Македон" од Скопје, Катица Борисовска од ПСК "Руен" од Крива Паланка, Виктор Калаузи од ПД "Водовод" од Битола, Марин Стојановски и Горан Николоски од ПД "Макпетрол" од Скопје, Милан Стевановиќ од ПД "Победа" и Зоран Гачиќ од ПД "Железничар" од Белград, Србија. Организатор на експедицијата беше Лазар Попара од ПСД "Железничар" од Нови Сад, Србија.
На аеродромот во Белград поради ограничувањата за тежина на товар некои од планинарите за да ја намалат тежината на ранците облекоа зимски јакни, панталони, па и планинарски чевли и така патуваа до Москва. А, надворешната температура се приближуваше кон триесетиот степен. Дозволеното ограничување е максимум 20 кг. во товарниот дел и максимум 10 кг. во патничкиот дел од авионот. 6-7 евра се доплаќа за секој килограм над ограничувањето. И покрај тоа што имавме по некој килограм товар повеќе од дозволеното, не доплативме.
Препорака. На аеродромот, пред чекирањето, обврзно да се погледнат деталите на авио картата: лет, авио компанија, времето на полетување. Зошто? Па, поради недоразбирање, додека чекавме чекирање во редот за Аерофлотовиот лет, мене и на Марин ни одлета Јатовиот авион со кого ние двајца всушност требаше да летаме за Москва. Но, среќа, со брза интервенција на Лазар и со доплата од 230 евра најдовме две слободни седишта во Аерофлотовиот авион и среќно ја продолживме нашата авантура која можеше нагло да биде прекината на самиот почеток.
После пасошката и царинската контрола, влеговме во авионот и за два и пол часа стигнавме на аеродромот Шереметјево во Москва.
На аеродромот Шереметјево, Москва
Веднаш ги наместивме часовниците на руско време (+2 часа). На аеродромот не чекаше пријателката на Лазар која обезбедила минибус за превоз и сместување во хотел. На прв впечаток, Москва е огромна, чиста и сета во зеленило. Додека патувавме кон хотелот поминувавме покрај огромни потполно нови висококатници и деловни центри. Меѓу зградите од време на време ќе се појавеа златни куполи на некоја црква. Во далечина се гледаше грамадната зграда на Универзитетот Ломоносов.
Деловни центри во градба
Гостиница (хотел) Орехово
Убави, комотни соби во хотелот "Орехово" , во истоименото предградие на Москва, но далеку од центарот на Москва. Вечерта Лазо ни откри некои руски специјалитети, суви лигњи и пушени риби кои одлично одеа со руско пиво, а самите откривме дека е вистина за русите оти обожаваат во сабота навечер да се забавуваат со многу алкохол купен во блискиот маркет.
|