Елбрус 2009 (5642m) - Кавказ, Русија
Извештај
ЕЛБРУС (5642 м.) - КАВКАЗ 2009 (11 – 25 јули 2009)
< Претходна страна >
23 јули 2009 - четврток
Рано утрото, околу 6 часот, иако требаше да ме разбуди мобилниот телефон на Марин (не заѕвони), тргнав кон аеродромот во Наљчик од каде во 8 часот полетав кон Москва (летот до Москва трае два и пол часа и чини 150 евра). Слетав на аеродромот Домодедово, на еден од краевите на Москва и прво со воз, а потоа со метро стигнав до хотелот Вега во Исмаилово, на другиот крај од Москва. Се изненадив кога видов каде се наоѓа хотелот. Веднаш до автобуската станица од која пред 10-тина дена тргнавме кон Наљчик.
Први впечатоци од Москва: во Москва а и на Кавказ нема дебели луѓе, во Москва сите возат Range Rover џипови со затемнети стакла, и нема, ама навистина нема поубави жени од Московјанките.
Метро карта во еден правец чини 23 рубљи (пола евро), а повратна метро карта 44 рубљи (1 евро). Метро станиците се големи, чисти и убаво уредени. Од стотина метро станици, 20-тина се уредени како вистински музеи, со скулптури на партизани, херои и писатели, со широки степеништа и барокни сводови.
А, има и што да се види во Москва? Таму се е огромно. Огромна зграда на Министерството за надворешни работи, огромниот 60-70 метарски висок споменик на Петар Велики на реката Москва, огромни улици, убавата Арбат улица со многу улични артисти, Пушкиновиот музеј. Очекував и поголем Црвен плоштад, но впечатокот ми се поправи кога го видов храмот Св. Василиј Блажен сјаејќи на сонцето.
Ме воодушевија куполите на руските цркви. Златни, бакарни, зелени, шарени куполи на црквите.
Споменикот на Петар Велики
Министерство за надворешни работи
Скулптура на улицата Арбат
Свети Василиј Блажен на Црвениот плоштад
Црковни куполи низ Москва
Црковни куполи низ Москва
Во Москва се стемнува дури околу 23 часот и улиците се преполни со луѓе. Црвениот плоштад беше полн со туристи од цел свет кои љубопитно ѕиркаа де кон Мавзолејот на Ленин, де кон тврдините на Кремљ, де кон црквата Св. Василиј Блажениот.
Впечатокот за љубезните руси (посебно луѓето од Кавказ) до некаде ми го расипаа некои рецепционери во хотел o т Вега и некои продавачи по продавниците.
24 јули 2009 - петок
Другите членови од групата со автобус, утрината пристигнаа во Москва и веднаш се впуштија во разгледување на градот. Уживаа во убавото време, во големиот Црвен плоштад, се сликаа со двојниците на Ленин и на Путин, шетаа покрај реката Москва.
На Црвениот Плоштад
Покрај реката Москва
Споменик на Генерал Жуков
Смена на стражата пред Кремљ
Типичен руски сувенир е "Бабушка" , дрвени фигури на жени во традиционална облека кои се ставаат една во друга. Некои од Бабушките вредеа вистинско богатство, оти, како што велеа продавачките, биле направени од познати уметници.
Руските имиња некогаш предизвикуваа смеа. На пример, свежо пилешко месо напишано изгледа како на сликата. Хонг Конг е Гонконг, Виена е Вена, Париз е Париж, Истанбул е Стамбул, MacDonalds е Макдоналдс.
Свежо пилешко
Гонконг и Стамбул
MacDonalds е Макдоналдс
25 јули 2009 - сабота
Во 6 часот наутро со автобус тргнавме кон аеродромот Шереметјево. На аеродромот се препакувавме за да ги запазиме аеродромските ограничувања за авионски товар.
До 12 часот шетавме низ продавниците во аеродромот, поминавме низ пасошката и царинската контрола, одевме боси низ еден вселенски скенер за преглед на телото кој кружеше околу нас. Конечно во 12:30 полетавме од дождливата Москва кон Белград.
Дождлива Москва од авион
Авионот се наполни со голема група туристи од Србија и Македонија кои 10-тина дена уживале низ Ст. Петерсбург и Москва. Ги вративме срелките на часовниците на " наше " време (-2 часа) и после два и пол часа стигнавме во врелиот Белград.
На аеродром не пречекаа пријатели од Белград и роднини на српските планинари. Се сликавме, се поздравивме и се разделивме.
Кратка статистика за крај:
9000 км. вкупно поминати за 15 дена (11 – 25 јули)
5642 м висок врвот Западен Елбрус
4500 км во еден правец: Скопје - Белград - Москва – Наљчик – Терскол.
1000 рубљи = 23 евра = 1400 денари
530 км дневно поминати со многу превозни средства: автомобили, воз, авион, комбе, лифт, автобус со лежаи, руски камион УАЗ со погон 6х6, жичарници, метро во Москва, такси, панорамски брод по река Москва и пешачење во сите правци: лево, десно, горе и долу.
450 кг вкупен товар на целата експедиција од 13 луѓе
35 кг во просек по секој учесник на експедицијата
13 учесници во експедицијата
10 учесници го освоија врвот Западен Елбрус
2 освоени врва (Западен и Источен Елбрус) од страна на Горан Срезовски
1 врв Западен Елбрус – највисок на европскиот континент.
|