Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Дешат - Веливар - септември 2009 - кон врвот -

<претходна страна - амфитеатарот под Веливар >

Правиме пауза од 5 минути, се облекуваме потопло и излегуваме на сртот веднаш до нас - на граничната линија со Р. Албанија. Оттука пука поглед во сите правци. Јужно од нас се издига Голем Крчин, но самиот врв се уште е во облак. Уште понатаму - малку во десно - се гледа како се извива Дебарското езеро. Северно - Веливар. Импресивна угорнина со висинска разлика од околу 300 m . Тревнат терен, некаде повисока трева по која можеш да одиш како по скалички. Ако се оди подесно, на самиот раб, тревата е пониска и се меша со камена подлога. Полека - полека (колку што ние може да одиме полека) се искачуваме нагоре. Попатно гледаме лево на албанска територија. Подолу има некои интересни остри карпи. Малку подалеку на северо-запад се гледа Пешкопеја. Последниот дел од искачувањето е карпест, а карпестите блокови се многу распукани од атмосферските влијанија.


на сртот под врвот


врвот е на десната страна


поглед надолу - патеката што доаѓа од с. Битуше


лево - Јаловарско брдо - поназад - Звериње - десно - Скала


Веливар - 2373 m


интересни карпи на албанска страна


распукани камени плочи


уште малку и сме на врвот


фотографија за во споменар

На врвот сме во 11:15 . Си честитаме, се фотографираме. Ветрот малку ослабна но се уште дува, па се спуштивме неколку метра на албанската страна за да одмориме и да каснеме нешто. Јадеме и гледаме во правец на Кораб, кој исто така е во облаци. Надолу на албаската страна има две минијатурни езерциња со правилна тркалезна форма. На брдата под нас патеки обилно обезбедени од бункери. Долу се слушаат и некои гласови - најверојатно некои албански овчари (а можеби и не беа овчари?).


жолти блузи - назад поглед во правец на Кораб


Марин - позади него е провалија, а во далечината - Бистра


мало езерце на албанската страна - кај нив е сонце дека се во NATO


наместо громобран


пауза за ручек

Одмораме 20-ина минути. Првобитната идеја беше од врвот да продолжиме по сртот на север уште неколку километри и потоа да свртиме откај Куртово ќуле за накај Жировница. Но, поучени од случката со камењарот, како и со оглед на тоа што времето почна да се менува, од македонска страна почнаа да се издигаат облаци во наш правец, решивме да не експериментираме премногу овој пат, туку фино и културно да се вратиме назад по истата патека, со тоа што на враќање да не одиме по камењарот, туку да се обидеме да ја најдеме "добрата" патека, за да знаеме за следниот пат.

Правејќи ги овие муабети, Марин се сврте назад кон врвот од зад кој веќе почна да се крева маглата, кога одеднаш викна - "Еј!!! Гледајте!!!". Се свртев веднаш и што да видам, голем бел галеб со целосно раширени крилја лебди над самиот врв. Марин видел уште еден со него. Два залутани галеби - најверојатно од Јадранско море кое е на 70 km од врвот и тројца планинари на врвот Веливар - Дешат. Да не ти се верува... Немавме време да се освестиме од она што го видовме за да ги земеме апаратите и да ги сликаме.


<понатаму - враќање >


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje