Дешат - Веливар - септември 2009 - амфитеатарот под Веливар -
<претходна страна - по камењарот >
Пред нас врвчето Скала - една убава пирамидална форма. Минуваме лево низ еден природен премин, на еден дел има убав карпест дел како скалички - Марин и Влатко ги потсетуваше на некоја друга планина ама не можеше да им текне која. Понатаму убаво патче, на места со изметче од овци - горе имало бачило. Теренот во форма на огромен амфитеатар, избразден со неколку поточиња кои во каскади се спуштаат надолу. Убавина. Проверивме - има долго ехо и можеш да викаш колку можеш и колку сакаш. На барање на Влатко решивме да се спуштиме до поточињата. Ќе згрешевме да не се спуштевме. Тука поминавме петнаесеттина минути во разгледување на водопадчињата и вирчињата и во фотографирање.

Звериње со преминот кон амфитеатарот (лево) - десно е врвчето Скала

... амфитеатарот
...
ПРЕМИН - од еден свет во светот на надреалното

амфитеатарот го сечат неколку поточиња кои формираат каскади и мали вирчиња под нив
Влатко - главниот иницијатор да ги видиме овие водени убавини
Марин

Потоа се упативме нагоре кон седлото на левата страна кое е на висина од 2050 m . Во 10:05 сме на висина од 2000 m - веднаш под седлото. Од левата страна ни е Јаловарско брдо, интересно брдо пресечено од едната страна, а заоблено од спротивната - горната страна. Кога се качивме на седлото се појави ново благо ондулирано пространство во правец на југ - накај Крчин. Јаловарското брдо масивно се издигаше од нашата лева страна и ни го покриваше целото видно поле во таа насока.

седлото на 2050 m
а сега поглед наназад - амфитеатарот, а потоа ливадата на Звериње - во позадина - Бистра
Продолжуваме на југ. Имавме желба да стигнеме до остатоците од црквата св. Недела за да се запознаеме со тој дел од теренот, иако имавме можност и оттука да појдеме нагоре директно кон врвот. По неколку кривинчиња и уживање во разиграноста на теренот и погледот на спротивната страна - кон Бистра, стигнавме до св. Недела во 10:30 часот. Времето во меѓувреме се расчисти и сега веќе имаше сонце, но почна да дува ветерче со некоја умерена силина, околу 20 km / h . Од црквата се останати темелите, а во близина има мал резервоар за вода. Висината е 2030 m . Ова место ни беше битно дека овде излегува и онаа патека која поаѓа од с. Битуше, преку Османова ливада и езерцето Локув, така да всушност прибиравме информации за следното патување од таа страна.
еден пејсаж се заменува со друг - незнаеш што е поубаво
на патот кон остатоците од црквата

карпите од десната страна и понатаму сртот кој се искачува кон врвот Веливар

остатоците од црквата св. Недела
<понатаму - кон врвот >
|