Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Алпи Словенија, Швајцарија, Франција - лето 2008

Впечатоци од експедицијата "АЛПИ 2008"
во организација на Планинарските друштва "Победа" од Белград
и "Макпетрол" од Скопје: 03.08 - 19.08.2008

(трет дел)

<претходен дел >

9 август 2008 (сабота)

Рано наутро тргнавме кон домот Де Гуте. Преку Кулоарот на смртта, се преминувавме многу внимателно поради камењата кои постојано се одронуваат. Сите ги ставивме нашите шлемови, а дел од планинарите ги ставија и дерезите и еден по еден успешно го преминавме Кулоарот.

  

Внимателен премин преку Кулоарот на смртта Стрмната патека кон домот Де Гуте

Во последната третина од патеката кон домот Де Гуте имаше сајли и клинови кои ни го олеснуваа искачувањето. Полека сите планинари (двајца планинари од Тет Рус се вратија долу во Шамони), преку сајли и клинови се искачија во домот Де Гуте од кого пукаше неверојатен поглед на околните планини и долини. Всушност веќе бевме високо над облаците, на 3.817 метри.

  

Шамони во далечина - поглед од домот Тет Рус Над облаците – поглед од домот Де Гуте

Седнавме на масите во големата просторија на домот Де Гуте, порачавме јадење и купивме многу вода (5 евра за шише од 1,5 литри вода). Пиењето вода е една од мерките против појава на висинската болест. Денот го поминавме во одмарање (не и спиење), јадење, пиење вода, одење во тоалет и аклиматизациски успон на 4.000 метри.

  

Аклиматизација на 4.000 метри Шатори над домот Де Гуте

Вечерта спиевме таму каде што најдовме место: на клупите, под клупите, на масите, под масите, на подот. А, некои планинари спиеја и надвор од домот, во шатори.

Светлата во домот се гаснат во 20 часот, и ние ги наместивме часовниците и мобилните да ѕвонат во 1 часот по полноќ, ги извадивме вреќите за спиење, и ги ставивме тампоните за уши. Би рекол дека едно од основните работи кои еден планинар треба да ги има со себе, покрај шлемот, ранецот и вољата за планинарење, се и тампоните за уши.

Спиењето е никакво, сонот краток, а исчекувањето за тргнување кон врвот големо.

  

Спиење во домот Де Гуте Спиење во домот Де Гуте

 

10 август 2008 (недела)

Во 1 часот после полноќ почнуваат да ѕвонат часовниците и мобилните, сите ги палат челните лампи и почнува подготовката за искачување. Сите сме максимално концентрирани на подготовката на опремата и облеката пред искачувањето. Ги ставивме дерезите на чизмите, ги зедовме цепините во раце, се врзавме во навези и на чело со Миланка – нашата водичка, полека тргнавме во темнината. Единствено светло беа лампите кој секој ги имаше на челото. Гледајќи наназад колоната планинари во темнината изгледаше како долга извиена змија со рамномерно распоредени светли точки. Според слободна проценка, заедно со нас, кон врвот утрото тргнаа околу 300 планинари.

  

Искачување во ноќта Првите утрински зраци

Времето беше ладно, но мирно. Многумина планинари од разни земји од светот (Полска, Германија, Британија, Чешка, ...), кој побрзо, кој побавно, полека се искачуваа кон врвот (поради мачнина 3-ца наши планинари се вратија назад во домот Де Гуте). Наскоро се појавија првите утрински сончеви зраци кои ја осветлија сета убавина на околината. Се гледаше светлината на градовите во далечина, се гледаа оштрите гребени на врвовите и највисокиот меѓу нив, Мон Блан.

  

Со чести и кратки одмори поминавме покрај бивакот Валоа, се разминавме со планинарите кои веќе го искачиле врвот и се враќаа надолу. Полека се искачувавме преку „ножот“, на кого го осетивме силниот ветер и конечно го видовме врвот Мон Блан на кого веќе имаше планинари. Бидејќи бевме блиску до целта повеќе не ни пречеше ниту ветрот, ниту силното сонце, ниту уморот.

Се искачивме на врвот. Успеавме. Борко, Душка, Маријана и јас, Горан

После 8 часа искачување и чести паузи го освоивме Мон Блан, висок 4.807 м. или 4.808 м. или 4.810 метри. Различни бројки можат да се најдат на различни мапи и брошури.

Но, нам веќе не ни беше важна бројката.

  

Кон Мон Блан На врвот (4.808 м.)

  

На Мон Блан (4.808 м.) На Мон Блан (4.808 м.)

Силниот ветер, сонцето и малиот простор едвај ни дозволуваа да се сликаме. Температурата на врвот беше под нулата. Над нас кружеше хеликоптер кој како да сакаше да се увери дека успешно стигнавме на врвот. После 15-тина минути почнавме да се симнуваме надолу кон домот Де Гуте.

На симнување видовме двајца планинари од Грција и јас намерно им го претставив нашиот навез како планинари од грчкото соседство (еден Македонец, двајца Срби и една Бугарка). Мислам дека кога го слушнаа зборот „од Македонија“ им замрзна насмевката на лицето.

Во домот Де Гуте стигнавме после 5 часа симнување, кратко се одморивме во него и тргнавме надолу кон домот Тет Рус. Таман на заоѓање на сонцето го преминавме Кулоарот на смртта и сигнавме во домот каде што вечеравме и преспавме.

<понатаму>


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje