Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Алпи Словенија, Швајцарија, Франција - лето 2008

Впечатоци од експедицијата "АЛПИ 2008"
во организација на Планинарските друштва "Победа" од Белград
и "Макпетрол" од Скопје: 03.08 - 19.08.2008

(втор дел)

<претходен дел >

6 август 2008 (среда)

После одморот во хостелот Цанкар во Љубљана, тргнавме преку Италија во Швајцарија. На многумина ова им е прво патување во Швајцарија. Во Швајцарија влеговме преку преминот Гондо и патот не носеше низ тесна долина низ која течеше вода со боја на бетон (од околните глечери), надвисната од високи планини. Како да влегувавме во Шангри Ла, таинствена и тешко достапна држава.

За среќа цариникот не влезе во автобусот за да види што пренесуваме. А, ние пренесувавме „опаснен товар“ – влажни и испотени чизми (од походот на Гринтовец) кои се сушеа во автобусот.

Се искачивме на еден премин скоро на 2.000 метри надморска височина кога патот почна да не носи надолу кон зелената долина и населените места.

  

Високи планини во Швајцарија Глечери во височините, Швајцарија

Низ кривулестите патишта стигнавме во Теш каде што дел од групата се смести во камп, во шатори, а другите во хотел. Како и во сите наредни места што ги посетивме, и овде најдовме „земјаци“ кои работеа како таксисти, келнери, ѕидари. Сите тие ни кажуваа интересни детали за местата во кои живееја. На пример, старите куќи во Теш можат да се обновуваат само од внатре, а од надвор мора да останат непроменети.

 

7 август 2008 (четврток)

Утрото кон врвот Брајтхорн (4.175 м.) тргнавме преку најчудниот град кој некогаш сум го видел - Цермат. Цермат е град како од цртаните филмови. Убави куќи, со цвеќиња по терасите и со необични возила по улиците. Значи, во Цермат нема возила на бензин и дизел, туку има само електрични возила. Мали и коцкести, возилата тивко и бавно се движат по улиците и во секој момент изгледа дека од возилата ќе излезат Мики Маус или зајакот Роџер.

  

Електрично камионче Електричен автобус

А, покрај Цермат е еден од најубавите и најстрашните врвови во Европа, Матерхорн. Утрото врвот беше осветлен од сонцето во сета своја големина и убавина.

  

 

Електричните возила не пренесоа до жичарницата која пак не одведе на височина од 3.883 м. од каде што почна нашиот поход кон врвот Брајтхорн.

Швајцарците на таа височина интензивно градат ресторан; хеликоптерите носеа градежна опрема, работниците ѕидаа, а планинарите и скијачите незаинтересирано поминуваа покрај нив, со една цел, освојување на Брајтхорн (4.175 м.) или на скијачките терени.

Ги ставивме дерезите, се врзавме во навези и полека тргнавме кон врвот. Сончевото време брзо се промени и на врвот, при преминувањето преку тесниот „нож“ не фати невреме, силен ветер, леден дожд и магла. На врвот Брајтхорн се искачија 24 планинари (5-мина Македонци). Сите можевме да осетиме што значи висока планина: брза промена на времето, силно невреме, заедничко чекорење во навеза, ... се она што не очекува при освојувањето на Мон Блан.

  

Под Брајтхорн, Швајцарија Долга колона планинари

  

Брајтхорн (4.175 м.), Швајцарија Шамони, Франција

После спуштањето во Цермат добро се наручавме во еден старински ресторан и со автобусот од Теш тргнавме кон Шамони во Франција. Ноќта се сместивме во еден планинарски дом, несвесни за убавината на градот и околината.

 

8 август 2008 (петок)

Утрото во Шамони беше облачно и не ни дозволуваше јасно да ги видиме околните врвови. Со автобусот стигнавме во местото Ле Хуш од каде што прво со жичарница, а потоа со запчестата железница тргнавме кон Мон Блан. Ле Хуш ечеше од аплаузите, извиците при искреното испраќање од страна на излетниците кои остануваа 4 дена во Шамони и во околината. А, ние, 28 планинари, натоварени со големи ранци, планинарска опрема, храна и вода, тргнавме кон Мон Блан.

  

Испраќање во Ле Хуш, Франција Испраќање во Ле Хуш, Франција

 

Излезот од навалениот запчест воз на платформата за излез (на 2.375 м.) кој е хоризонтален беше вистинско доживување.

  

Во исчекување на запчестиот воз Навалениот вагон на 2.375 м.

Неверојатна глетка околу нас. Високи врвови, огромни глечери кои полека се распарчуваат движејќи се надолу и мноштво планинари од разни земји, сите со желба да направат некој личен подвиг.

Од последната постојка на возот нагоре веќе нема жичари и возови. Сега се зависи од физичката и менталната спремност на планинарот. Патеката кон планинарскиот дом Тет Рус на 3.167 м. беше полна со планинари и со неколку диви кози кои љубопитно не загледуваа. Некои планинари се искачуваа со рамномерно темпо, некои често застануваа да сликаат, а некои непрекинато зборуваа (планинари од Швајцарија). Околу 14 часот стигнавме во домот Тет Рус, ручавме и излеговме надвор да се сликаме во подножјето на големите глечери. Во домот Тет Рус има повеќекреветни соби и ние 28-мина се сместивме во една 15-креветна соба. Спиевме и на креветите и на подот.

  

Во близината на домот Тет Рус Домот Де Гуте во далечина

Над домот Тет Рус е надвисната нашата следна цел, планинарскиот дом Де Гуте на 3.817 м. кој гледан одоздола изгледа толку блиску, а сепак толку далеку.

<понатаму>


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje