Алпи Словенија, Швајцарија, Франција - лето 2008
Впечатоци од експедицијата "АЛПИ 2008"
во организација на Планинарските друштва "Победа" од Белград
и "Макпетрол"
од Скопје:
03.08 - 19.08.2008
(автор: Горан Николоски, Гостивар, Република Македонија)
Кратка статистика за експедицијата:
- 12 .000 фотографии од сите планинари.
- 4.700 поминати километри со автобус.
- 2.000 фотографии од црногорецот Душко.
- 130 ранци и торби во различни големини.
- 52-ца планинари и излетници.
- 50 апарати и камери во автобусот.
- 23 женски членови на експедицијата.
- 17 дена – времетраење на експедицијата.
- 13-мина Македонци и Македонки.
- 10 различни хотели и планинарски домови за сместување.
- 9 земји низ кои помина експедицијата (Србија, Хрватска, Словенија, Италија, Швајцарија, Франција, Германија, Австрија, Унгарија).
- 5 држави од кои потекнуваат планинарите и излетниците (Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Бугарија).
- 4-ца Зорановци во целата група.
- 3 - ца Македонци го искачија Мон Блан
- 2-ца возачи на автобусот од Белград.
- Една Миланка Арсиќ.
3 август 2008 (недела)
Големата група планинари и излетници (вкупно 54-ца луѓе) се собра во Белград, во улицата Скерлиќева, веднаш под големиот црковен храм Свети Сава.
Возачите не можеа да поверуваат колку ранци и торби треба да се сместат во автобусот - како да се селеше една мала држава. Но, некако успеавме да ги спакувавме сите ранци и торби во автобусот и сите заедно тргнавме до блискиот храм на заедничко сликање и мисли за добар пат.
Скерлиќева улица , Белград Храм Св. Сава, Белград
4 август 2008 (понеделник)
Утрото стигнавме во Словенија, во градот Цеље, во подножјето на Савињските Алпи. Целта беше посета на слапот Ринка и искачувањето на врвот Гринтовец (2.558 м.). Слапот Ринка излегуваше од длабокиот засек во планината и паѓаше надолу во слап висок 100-тина метри.
Големата група планинари полека се искачуваше по стрмите патеки на Савињските Алпи над Логарската долина. Ова беше прво искачување во долгата експедиција и сите сакаа да си ја проверат силата. Стигнавме во планинарскиот дом Камнишка Коча на Камнишко седло каде што преспавме.
Слап Ринка, Словенија Савињски Алпи, Словенија
5 август 2008 (вторник)
Во 7 часот наутро почна долгото патешествие кон врвот Гринтовец. Времето беше облачно и големата група планинари се развлече по стрмните премини и оштри сртови. Врвот Гринтовец изгледаше недостижен. Група од 11 планинари се одвои напред и преку 3 други врвови (Турска Гора – 2.251 м., Скута - 2.532 м. и Долги Хрбет - 2.473 м.) стигна во подножјето на врвот Гринтовец.
Врвови на Савињските Алпи Мал одмор на еден од врвовите
Патем на неколкупати поминавме „ via ferata “ - преку сајли и клинови на најстрмните делови.
Поголемиот дел од групата се симна во планинарскиот дом Цојзова Коча, а најиздржливите 11 планинари (3-ца Македонци) по силен дожд се искачија на Гринтовец (2.558 м.).
Поради лошото време, наводенети до гола кожа, 4-ца планинари не ја виделе вистинската патека за спуштање кон домот Цојзова Коча, и на своја рака одбрале многу потежок пат за симнување. Нивната одлука внесе голема загриженост меѓу останатите планинари, но, за среќа нивната авантура заврши на најдобар начин – се симнале во најблиските села и кој со такси, а кој со автобус, стигнале до Љубљана, побрзо од останатите планинари. За крај на напорниот ден, поради недоразбирање, наместо во хостелот Цанкар, така изводенети и со планинарски чизми, влегле на свечениот прием кој се одржувал во Цанкарјев Дом.
Ние, останатите планинари, до автобусот во Камнишка Бистрица дојдовме околу 23 часот, после скоро 17-часовно пешачење по врвовите на Савињските Алпи. Се шегувавме дека ако за освојување на врв од 2.558 м. ни треба 17 часа, колку ли ќе ни треба за освојување на Мон Блан (4.808 м.). <понатаму>
|