4 дена Шар Планина - полн пансион - август 2010 - (ден 3)
<претходна страна - ден 2 >
Третиот ден започна мирно и спокојно. Веќе ни стана рутина будењето, спремањето на логорот и пакувањето. Како и претходните денови, Марин се буди прв, пред да изгрее сонцето, шета наоколу и бара позиција за добри фотографии. Потоа, еден по еден, особено кога ќе огрее сонцето, стануваме и другите. Минатата ноќ крај нашиот логор минаа некои ловџии - околу 3:30 им ги слушнавме гласовите, а во текот на утрото слушавме истрели во горниот дел на планината. Утрата по правило се свежи, но наскоро сонцето силно запекува. Правиме договор дали да појдеме по стрмниот гребен на Рудока или да се вратиме по истиот пат од вчера кон седлото. Се усвојува варијантата да одиме во патот кон седлото. Пак, како по договор веќе - почнуваме со пешачење во 8:20.
Ден 3 : Логорот на изгрејсонце - Вања пред шаторот
поаѓаме нагоре во правец на седлото
снежни јазичиња се огледуваат во малото езерце
излегуваме на седлото - назад Бориславец
Рудока (десно) и Бориславец (лево)
Навлегуваме во делот на Рудока планина. Преку седлото излегуваме на задниот - западен дел на Рудока, од каде е лесно да се искачи - имаме голема висина а падините се благи за искачување. Одиме со ранци до средното врвче на Рудока. Тоа е малку карпесто - како мала купола. Тука сме во 9:50. Ги симнуваме ранците се сликаме, се обидуваме да телефонираме. Потоа поаѓаме кон посеверниот врв на Рудока, оној кој е свртен кон Бориславец и Црно езеро. Таму сме во 10:10. Глетката е прекрасна. Го гледаме и гребенот за кој се мислевме утрото дали да појдеме и заклучуваме дека сме можеле да одиме и оттаму, бидејќи во горниот дел на гребенот нема некои пречки (високи карпи и слично).
екипата (Вања, Деан, Марин) на средниот врв од Рудока
Трајче на Рудока - назад десно - Бориславец
Марин на Рудока - позади Бориславец и Црно езеро
Голема и Мала Враца видени од Рудока
Се враќаме на средниот врв кај ранците, ги товараме на грб и одиме кон третиот, појужниот врв на Рудока, накај Голема Враца. Оттука стрмно се спуштаме по терен со висока трева кон Тија Вода - плато помеѓу Рудока и Голема Враца низ кое тече прекрасно поточе кое истекува од две мали езерца. Тоа е дел од полето Шутман, голема висорамнина која се наоѓа на косовска страна на надморска височина од 2100 - 2200 метри.
Голема Враца и Тија Вода (долу)
мирната Тија Вода патува по широкото седло
Во 11:50 сме на Тија Вода. Се одмараме 10 минути крај поточето и продолжуваме по изохипса полукружно околу подножјето на Голема Враца. Планот ни е да стигнеме денес до Горнот Врачанско езеро меѓу двете Враци, да поставиме таму логор.
Вања пред Мала Враца
Деан под Мала Враца - на Горно Врачанско езеро
Во 12:50 сме кај Горното Врачанско езеро. При доаѓањето наваму погледот постојано ни го привлекува високиот конус на Мала Враца - стрмно и убаво врвче.
Одлучуваме да правиме логор тука, кај езерото. По кратко разгледување и правење крукче околу езерцето и неколкуте мали езерца подолу, заклучуваме дека нема видлив извор на вода, од каде би ги обновиле резервите. Ние имаме секој по уште литар / литар и пол вода, но за цел ден и за вечера и за утре тоа нема да ни биде доволно. Во моментот решаваме да собереме снег од снежниот јазик на другата страна на езерото. Ги полниме нашите садови со снег, а топлото сонце набргу почнува да го топи снегот.
логорот е поставен - мал попладневен одмор
ладење на нозете во Горното Врачанкско езеро
Ги поставуваме шаторите, ручаме малку, па попладневен одмор - со ладење на нозе во езеро. Околу 15:30 часот се спремаме да се искачиме на Мала Враца - не можеме повеќе да одолееме на предизвикот. Во меѓувреме сонцето го стопи снегот, но за жал - во оние садови кои не беа покриени - водата беше нарасена од прашина, поради ветрот кој попладнето се појави. Но, ние бевме решени подоцна да ја процедиме и зовриеме водата за понатамошна употреба.
Само што ги направивме првите 50 чекори од искачувањето кон Мала Враца, се појави еден овчар и почна да не вика да се симнеме.
Симнувањето до овчарот беше многу вредна работа - Скендер - овчарот, многу пријатен човек кој веќе 40 години е на овој терен ни покажа каде има извор со вода - од западната - косовска страна на Мала Враца. Исто така, кога го прашавме дали тука доаѓаат планинари како нас со шатори, ни кажа дека пред ден-два имало група од 20 планинари од Чешка, меѓу кои и 5 девојки кои поминале тука, спиеле во близината на нивното бачило (на косовска страна) и ги угостиле со леб, млеко, сирење.
средба со овчарот Скендер
По средбата со Скендер одиме на Мала Враца. Стрмен терен баш колку што треба, да ти удираат колената во теренот пред тебе, 33 степени нагиб, не е многу но за нашите планини повеќе од вообичаено. Особено горниот дел кој е микс на карпи и трева и кој може да биде лизгав. Не е алпиунистички, далеку од тоа, планинарење, но треба да се биде внимателен. Ако не се оди по најдобрата патека, може да се навлезе во проблематичен дел со карпи каде веќе би била потребна и опрема за осигурување. При крајот се излегува на гребенот и од каде има уште околу 100 метри до врвот. Кон врвот поаѓаме во 15:50 а горе сме во 16:30. Од горе погледот е фантастичен - од птичја перспектива. Особено добро се гледа во правец на Кораб. Седиме малку горе, уживаме во глетката и правиме преглед на теренот за утрешниот ден - враќање во цивилизација.
на почеток на искачувањето на Мала Враца - поглед кон езерото и шаторите
Трајче на пат кон врвот Мала Враца
Деан и Вања пред завршниот дел на искачувањето на Мала Враца
Деан на пат кон врвот
на Мала Враца : Марин, Трајче, Деан
спуштање од Мала Враца - Вања и Трајче
спуштање од Мала Враца : Деан, Трајче, Вања
на пат кон изворот со вода - западната страна на Мала Враца
Во 17:25 сме пак во логорот и веднаш ги земеме сите празни шишиња и се упатуваме кон изворот да наполниме вода. По мало расчистување на изворчето, полниме прекрасна вода. Толку е ладна што по неколку секунди потопување на раката (за да се наполни мало шише), раката е оладена веќе на граница на болка. Ги полниме шишињата и назад во логор - на подготовка на вечера.
последна вечера од нашето четиридневно патување
По вечерата одиме на запад - кон Косово и уживаме во играта на сончевите зраци и облаците - прекрасни комбинации на форми и бои.
зајдисонце - Вања со сонцето на дланка
вечерта сонцето и облаците ни направија прекрасна претстава со бои и сенки - Мала Враца
Третиот ден минавме 11400 метри должина, и искачивме 980 метри висинска разлика.
3D мапа за третиот ден
профил на патеката за третиот ден
<понатаму - ден 4 >
|