Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

4 дена Шар Планина - полн пансион - август 2010 - (ден 2)

<претходна страна - почеток на патувањето >

Следниот ден околу 6:30 не будат првите сончеви зраци. Преку ноќта беше доста свежо, па јас во мојата летна вреќа за спиење спиев со дуксер, со капа на главата и со тенки ракавици на рацете. Утрото на тревата и по шаторите има кондензирано роса. Но денот е убав, сончев, дури и многу сончев. Веќе за половина час станува топло, а сонцето е толку силно што веднаш се мачкаме со креми за заштита, облекуваме долги ракави и ставаме капи / марами на главите. Почнува подготвувањето за новиот ден. Сите убаво наспани, одморени, едвај чекаме да одиме понатаму. Мал појадок, пакување на ранците и во 8:20 поаѓаме во правец на Џинибег - Трапезница - Извори на Пена.


Ден 2 : Логорот рано наутро


Марин демонстрира како треба да се заштитиме од UV зрачењето


поаѓаме во правец на Џинибег - Извори на Пена


Трапезница - долу изворите на Пена

На Трапезница не се искачуваме, туку продолжуваме по изохипса кон Белоезерски Рид. Веќе излегуваме на дел со нов видик, во правец на Косово. Убави долини со реки, потоци, некаде трева, некаде карпи. Доаѓаме до делот на Белоезерски Рид каде патеката скршнува во десно меѓу карпите во правец на Челепино. Тука ги оставаме ранците и - онака - лесни како пердуви - бргу се искачуваме на Белоезерски Рид, кој е едно големо плато во форма на трапез, или на покрив на куќа. Од таму се пружа поглед на многу врвови на едната и другата страна на Шара. Општ заклучок на екипата беше дека ќе направевме голема грешка ако не се качевме на овој - на изглед - не многу значаен врв. На врвот сме во 9:40. Седиме 10-15 минути и уживаме во глетката во сите правци, особено во правец на Боговињското езеро и Бориславец, но и во правец на Титов Врв, Мал Турчин, па десно Рудока, Враците, Кораб.


Белоезерски Рид


Вања и Трајче на Белоезерски Рид


поглед кон Рудока, Голема и Мала Враца, долу е полето Шутман


патека меѓу карпите кон Челепино


патеката и Челепински врв

Се враќаме до ранците и продолжуваме по прекрасна патека помеѓу карпите и понатаму по убавото седло кон Челепино. Доаѓаме до најистурениот дел на запад - на граница со Косово на овој дел од патеката. Успонот до Челепински врв сега ни изгледа мал во однос на стрмнините изминати минатиот ден. Но убаво е да се одржува формата. На врвот сме во 10:40. Тука е и граничниот камен кој ни послужи како помошна масичка за спуштање и кревањена ранците. И тука правиме мал одмор - особено за да ја разгледаме околината, повеќе на косовска страна која за нас е нова. Го гледаме теренот што е пред нас, Враците веќе се многу блиску и уживаме во нивната убавина.


Челепински врв


на Челепински врв - граничен камен - поглед кон Бориславец

Правиме план како понатаму - по гребенот да се спуштиме до изворите на Боговињска река, па до седлото кон Бориславец, од седлото надолу кон Црно езеро - местото каде денес ќе правиме логор.
Поаѓаме. Времето е сончево и доста топло. Внимаваме на резервите со вода, а пазејќи да пиеме доволно за да не дехидрираме. Во 11:55 сме на изворите на Боговињска река и веднаш почнуваме со искачувањето кон седлото. На седлото среќаваме двајца планинари - Шпанци кои во изминатите часови ги гледавме пред нас и се прашувавме кои се тие. Веднаш одиме во долината меѓу Бориславец и Рудока - кон езерото. За помалку од еден час стигнуваме до езерото, имајќи попатни средби со некои од овчарите. На некои места имаше се уште големи снежни јазици - малку невообичаено за овој период од годината.


седлото за Бориславец и Црно езеро


Рудока планина - стадо овци на падините

Точно во 13 часот сме кај Црното езеро. Езерото е можеби најубавото езеро на Шар Планина. Богато со вода, делува некако длабоко, моќно. Веднаш го лоцираме изворчето со вода, од левата - северната страна на езерцето. Бидејќи беше обраснато во трева и трње, малку го расчистивме, ставивме камчиња за пристап и ги обновивме резервите со вода. Потоа - нешто подолу, крај езерото - избравме место за логор и ги поставивме шаторите.


прекрасното Црно езеро


одмор крај езерото на местото за логор - позади - Рудока

Правиме одмор, ручаме и нешто подоцна, во 14:30 поаѓаме да се искачиме на Бориславец. Како што обично идат работите, не "влече" некако да одиме по пострмниот пат. Така и овој пат, тргнавме речиси директно нагоре. Во 15:30 сме на врвот, искачувајќи 500 метри висинска разлика. Фотографии и разгледување на околината, па спуштање назад. За спуштање решивме малку да заобиколиме, прво малку по гребенот, па потоа надолу, дека стрмината при искачувањето беше навистина голема. Во 16:20 сме на Црно езеро. Имаме доволно време да уживаме во природата, да се разладиме во езерото. Подоцна ни се придружи едно момче од бачилото - Фатмир, кој ни правеше друштво некои два часа, а пред стемнување дојде со уште едно помало момче на коњи без седло и ни направија прекрасна претстава јавајќи со коњите околу езерото, на моменти и галопирајќи.


искачување на сртот на Бориславец


Вања и Трајче на Бориславец


Марин на гребенот на Бориславец


заслужено освежување по освоениот врв - Вања во Црно езеро


пријателот Фатмир со коњите

Крајот на денот како и обично е резервиран за правење супа, вечерање. Оние кои не можеа веднаш да заспијат или кои ноќта се разбудија и ги протнаа главите надвор од шаторот можеа да уживаат во неверојатната глетка на полното ѕвездено небо, нешто што може да се види само високо во планина во мирна ноќ.

Вториот ден минавме 13100 метри должина, и искачивме 1050 метри висинска разлика.


3D мапа за вториот ден


профил на патеката за вториот ден


<понатаму - ден 3 >


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje