Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

4 дена Шар Планина - полн пансион - август 2010

Од 15 до 18 август група од четири планинари - сите членови на ПД "Макпетрол" од Скопје изведовме 4 дневна планинарска тура по Шар Планина. Учесници беа: Марин Стојановски, Вања Милев, Деан Тодоров и Трајче Панковски. Облека, храна, шатори и останата опрема за ПОЛН ПАНСИОН - 4 дена и 3 ноќи - сето тоа на почетокот го ставивме во едно возило во мугрите тоа рано саботно утро и појдовме кон Попова Шапка, оптимистички настроени и среќни дека конечно замислената тура ќе почне да се реализира.

Идејата за ваква акција веќе подолго време кружеше низ нашите глави. Поконкретни планови почнавме да правиме кон почетокот на летото. Јас многу сакав да ги поминам Враците, а знаев дека еден ден нема да биде доволно за да се видат сите убавини на тој дел на Шара. Нормално, особено е тешко да се усогласи ваква акција, бидејќи сите сме вработени, со многу обврски, со семејства кои не чакаа да појдеме на годишен одмор. Исто така и временската прогноза многу влијаеше на датумот на изведување на акцијата. Во GPS-от сепак ставив повеќе можни варијанти, за да може на теренот да правиме прилагодувања според потребите на времето и групата.

Од Скопје поаѓаме во 5 часот наутро. Возиме до Попова Шалка - до пред планинарскиот дом "Смрека" каде ги средуваме ранците и се спремаме за поаѓање. Мала дигресија : Вечерта пред поаѓањето го измерив на вага ранецот со сета опрема и планираната залиха на вода - тежеше 26 kg.
Мојата сопруга не слика пред старт и потоа со колата се враќа за Скопје. Ние поаѓаме во 6:30 часот од "Смрека" кон сртот во правец на Јелак / Лешница.


Пред поаѓање од Попова Шапка

По широкиот пат се движиме на север - северозапад и пристигнуваме на седлото под Плат во 8:30 часот. Ги оставаме ранците на седлото и поаѓаме кон врвот Плат. Одиме малку по гребенот и уживаме во глетката која се отвара - Лешница, Среден Камен, прекрасни комбинации на карпи и трева. Во 9:10 сме на Плат. Мал одмор, разгледување, фотографии, па назад на седлото.


Средниот ред врвови на Шар Планина : Плат, Среден Камен и Крива Шија


Среден Камен виден од Плат


на спуштање од Плат


Плат од друг агол

Од седлото почнуваме да се спуштаме во долината меѓу Плат и Среден Камен во 9:50. Патот е одличен, убаво планинско патче. Од левата страна - од правец на бакардан и Титов врв го гледаме Лешничкиот водопад. Под нас има едно напуштено бачило. Ја минуваме рекичката и почнуваме со стрмното искачување кон Среден Камен. Во 11:45 сме на седлото под Среден Камен. Правиме краток одмор.


Лешнички водопад


искачување кон седлото на Среден Камен


Крива Шија


првиот дел од гребенот кон Титов Врв

Потоа поаѓаме кон Титов Врв по убавиот, карпест но прооден гребен - нема некои пречки за искачување, само волја и истрајност. Награда е прекрасната глетка на долината меѓу Бакардан и Титов Врв, во правец на Среден Камен и Крива Шија. Во 13:55 сме на Титов Врв. Тука правиме малку поголем одмор, за малку храна, малку телефонирање до домашните и пријателите, малку фотографирање.


кон Титов Врв


камењарот под врвот


на Титов Врв


спуштање од Мал Турчин кон изворите на Смрека

Во 14:30 поаѓаме од Титов Врв кон седлото со Мал Турчин. Го проаѓаме камењарот под Мал Турчин, но не се искачуваме на врвот, туку минуваме некои 20 метри подолу, вртејќи во десно (на запад) за да се спуштиме по многу стрмната падина надолу. На следното седло правиме мал одмор и продолжуваме во правец на изворите на Смрека. Еден дел од патеката е тревнат, а потоа има карпест дел - камењар. Потоа веќе се покажува широката долина на изворите на Смрека, повеќе изворчиња кои подолу се спојуваат. Многу убав дел од Шар Планина, идеален за кампување.


Кривошијско езеро и Крива Шија


Мал Турчин виден одоздола - од страна на Смрека


местото за логор - прв ден


нашите шатори


изворчето

Во 16.50 сме на местото каде решивме да го подигнеме логорот за првата вечер. Имаме доволно време да ги поставиме шаторите, да се измиеме од потта на изминатите 18200 стрмни метри. Потоа проработува "кујната" правиме супи (по 2 инстант супи по стомак на планинар), некоја конзерва, кафенце... Во 19 часот сонцето почна да се крие зад околните ридови, а ние, рано станати и со акумулиран замор од претходните денови на работа, едвај чекаме да си легнеме и да одмориме.


вечера - супа и конзерви

Првиот ден изминавме 18200 метри должина и искачивме 1550 метри висинска разлика.


3D мапа за првиот ден


профил на патеката за првиот ден

<понатаму - ден 2 >


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje