Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Два дена на планината Стогово – 30-31 октомври 2010
Прв ден: Крастица, Кокошкина Краста, Стогово

<претходна страна - Планината Стогово >

Будење во 5:30. Ноќта беше ладна, спиев со капа на главата, но сепак во текот на ноќта ми беше доста ладно па ја криев главата во вреќа.

Се подготвувме за поаѓање. Додека појадуваме и се спремаме, вариме вода на нашето плинско примусче и спремаме чај - и за појадокот, и за во термос за на планина.


Гари се уште спие кога поаѓаме - назад Канеш осветлен од првите сончеви зраци

Во 6:45 излегуваме од селото Гари и се движиме на север - по едно тесно патче кое оди над селото. По некои 500 метри се стигнува на кривина - на гребенот на брдото. Понатаму патот продолжува кон село Осој. На самата кривина нагоре поаѓа тесно планинско патче, кое може да се забележи и кое натаму многу добро оди нагоре, речиси по грбката на брдото - во правец на едно бачило на месноста Тумби. По патот, под бачилото, на едно место сретнуваме неколку коњи кои слободно шетаат и пасат. Теренот е се уште во сенка, релативно е свежо, а на тревата има иње.

Нас патот не води нагоре, по крајниот срт на Крастица. Тоа е многу убав срт, стрмен, делумно покриен со трева, а во горниот дел карпест. Како што се качуваме нагоре, погледот се повеќе се отвара на северна страна па прво ја гледаме планината Бистра, селото Лазарополе, потоа Крчин, Дешат, Кораб. Почнуваме со извици одушевени од убавината на планините, од чистиот ден кога се се гледа како на дланка.


Крастица со гребенот (лево) по кој се искачиваме

Веќе сонцето допре до нас. Сега сме добро загреани и од внатре, поради качувањето и ранците што ги носиме, а и од надвор - од сонцето. На половина пат од сртот правиме мала пауза, пиеме топол чај од термосот и се мачкаме со крема за сонце, бидејќи тоа почнува посилно да пече.

Крастица свети над нас и не привлекува со своите убави форми. Патот нагоре е веќе со снег, но снегот е мал и мек - не повеќе од 4-5 сантиметри. По излегувањето на крајот од гребенот, се отвора широко плато, со повеќе мали врвчиња и карпи околу. Ги оставивме ранците и онака, за рекреација се стрчуваме кон неколку од карпите и ги искачуваме, ѕиркаме надолу во длабочината, во убавината на падините, се фотографираме. Оттука се гледа и цела Шар Планина. Изненадувачки е како паднал снегот пред ден-два: од Љуботен до Титов Врв речиси да нема снег (го има само на северните страни), ама затоа Бориславец и Рудока беа целите бели. Потоа Кораб, пак без снег - само врвчето на пирамидата на Голем Кораб беше обелена.


искачување кон Крастица


при крајот на искачувањето на Крастица


Марин на една од карпите на Крастица


едно планинско езерце - десно врвот Крастица - лево - Кокошкина Краста


на врвот Крастица (2014m)

Продолжуваме и го искачуваме врвчето Крастица, на кое има ставено неколку камења еден врз друг. По патот наидуваме на две мали и убави планински езерца.

Се спуштаме на платото под нас, во правец на запад. Тоа е една област каде се слеваат неколку потоци. На крајот на овој дел - во правец на Кокошкина Краста има уште едно бачило. Доаѓаме до подножјето на врвот Кокошкина Краста, до карпите со црвенкаста боја. Одиме нагоре покрај карпите, делумно по сипар, потоа по трева, но искачувањето е доста стрмно. Погледот од врвот Кокошкина Краста на север е многу импресивна, прекрасна вертикала, карпи, стрмно... Од горе се јавуваме на телефон дома и по пријателите, сигнал има речиси на целата планина, што е добро ако се планира подолг престој во оваа област.


на пат кон Кокошкина Краста - оваа област ја викаат Маруша


под карпите на Кокошкина Краста


Горан на врвот Кокошкина Краста (2126m)


поглед од Кокошкина Краста надолу - кон север


јужната страна на Кокошкина Краста


на пат од Кокошкина Краста кон врвот Стогово - поглед кон Бик Дорук, Канеш и Бабин Срт

Продолжуваме по сртот на планината и поаѓаме во правец на врвот Стогово. Патот е шарен, некаде снег, некаде трева. Во првиот дел доминира снегот, а како се доближуваме кон врвот, последниот успон од некои 150 висински метри е јужно експониран и снегот е веќе стопен. На врвот сме околу 12 часот. Таму има поставено телекомуникациска опрема. Од врвот убаво се гледа Дебар и Дебарското езеро. За жал во правец на Охридското езеро има измаглица и езерото не може да се види.

На врвот одмараме дваесетина минути - нешто малку јадеме, пиеме течности, уживаме во сонцето. Овде на врвот дува и малку ветар, но не е силен.


во подножјето на врвот Стогово (2218m)


поглед од врвот Стогово кон Дебар и Дебарско езеро


поглед од врвот Стогово кон Крчин, Дешат, Мал и Голем Кораб

Од врвот се спуштаме прво по истиот пат, за да подоцна скршнеме на десно, во правец на исток. Се движиме по прекрасни тревнати падини. Висока трева, убава косина - си правиме планови да дојдеме тука со скии за турно скијање. Теренот во овој дел нуди извонредни можности за скијање. Оттука може со скии да се спуштиме до Гари. Така, со разговор, релаксирано дека главниот план за денес го исполнивме и не чека само враќањето назад, полека се движиме кон Мала Мегданица. Овој терен е исто така многу интересен - има многу карпи со најразлични форми расфрлани овде-онде по огромното плато. Има и неколку потоци кои го сечат платото во правец на долината на Гарска река. Овде би било одлично место да се постават шатори, да се направи логор од неколку дена, па да се освојуваат околните врвови, да се качуваат болдери - зимно време на некои од овие карпи сигурно се формираат и огромни мразулци кои на ладно време може да се пробаат за качување. Карпите не се многу големи така да на нив може да се изврши и добро обезбедување од горе и да се направи одлично зимско вежбалиште.


тревнатите падини на Стогово - од врвот Стогово кон Мала Мегданица


карпестите форми и ливадите на Мала Мегданица


една убава карпа за тренинг - болдер

Нормално, се качивме на некои од карпите, прошетавме под други за да ги видиме од блиску. Потоа се упативме во правец на месноста Ајдар чешма. Ова место е исто така многу богато со вода. Подолу има едно бачило. Покрај бачилото се спуштивме до нивото каде што почнува буковата шума и шумскиот пат кој води кон село Гари. По овој широк пат, со неколку кратенки да не ги вртиме широките кривини и со многу фотографии на околниот пејзаж, особено на карпите во правец на Кршисер, стигнуваме во Гари, околу 16:45.


карпите од Кршисер - пред село Гари

Го бараме нашиот домаќин да дојде да ни отвори. Доаѓа г-дин Васе и во исто време доаѓа мини-бусот на ПД " Кораб " со Љубо на чело. Група од 14 планинари и планинарки ни беа друштво таа вечер во пензионерскиот дом, добро загреана печка, по некое пиво, две гитари, многу распеани души, па дури и оро... Секој си легна кога почувствува потреба за сон.


дел од веселата атмосфера вечерта - членовите на ПД "Кораб"

На Горан му излезе некоја хитна работа во Гостивар, па дојде колегата-планинар Љубиша да го земе - заминаа за Гостивар околу 20 часот. Ние бевме договорени за следниот ден - неделата, рано наутро, околу изгрејсонце, да дојдат Перо и Васко и да продолжиме со нашето крстарење по Стогово.

<понатаму - Втор ден: Бик Дорук, Канеш >


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje