Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Два дена на планината Стогово – 30-31 октомври 2010
Втор ден: Бик Дорук, Канеш

<претходна страна - Прв ден: Крастица, Кокошкина Краста, Стогово >

Повторно будењето беше во 5:30. Веќе во 6:15 ѕвони телефонот - Васко и Перо пристигнаа. Во нашата соба ја оставаме вишокот опрема и се подготвуваме за поаѓање. Во 6:35 поаѓаме од селото на југ - по текот на Гарска река. Времето е исто како и претходниот ден - тивко, ведро, сончево. Ние одиме во сенка од стрмните падини од двете страни на реката, уживајќи во прекрасните слапови на реката и во овој есенски период богата со вода. Потоа малку го кратиме патот движејќи се низ ретката букова шума и наскоро излегуваме во горниот дел од шумата. Продолжуваме малку понатаму од каде што се вративме минатиот ден - има широк пат кој води под врвот Чаушица.


Текот на Гарска река


на пат кон излезот од шумата - над нас - Канеш


поглед кон Мала Мегданица, Крастица и назад - Шар Планина од Љуботен (десно) до Враците и Лера (лево)

Сега се движиме кон југо-запад - излегуваме од патот и се упатуваме речиси директно кон сртот на планината која се движи во правец север-југ. Доаѓаме на сртот - на висина од околу 2000 m . Оттука одлично се гледа Дебарското езеро, а Бик Дорук не остава без зборови. Многу убав врв, како да е донесен од алпите овде кај нас. Патот го продолжуваме од десната страна на сртот, бидејќи таму имаше изгазена мала патека. Наскоро доаѓаме на седлото и треба да избереме пат од каде да го искачиме врвот. Сакаме искачувањето да биде интересно, понекогаш да го избереме и потешкиот пат. Избираме една патека покрај една голема малку одвоена карпа. Патот потоа убаво фаќа широк кулоар. Во зимски услови овде сигурно не е баш лесно да се помине, најверојатно постојано е замрзнато, бидејќи тоа е северна страна. Потоа излегуваме на порамен терен кој не води баш под самиот врв. Тука не чека стрмно качување, а меѓу карпите се покажуваат неколку мали кулоарчиња - секој си избира по кој пат сака да го качи врвот. На крајот меѓу карпите неопходна е помош на рацете за да се искачиме. Околу 11 часот сме на врвот. Оттаму се гледа цела Македонија, па и повеќе : Шар Планина, Кораб, Јакупица, Рила и Пирин во Бугарија, Кожуф, Ниџе, Пелистер, Јабланица, а далеку на северозапад ѕиркаа белите врвови на Проклетије.

За врвот Бик Дорук или Голем Рид во картите имаше разни информации за висината - некаде 2268, некаде 2273 m. Мојот GPS измери висина од 2273 m.


на сртот кој води кон Бик Дорук (2273m)


навлегуваме во карпестите пазуви на Бик Дорук


дел од "Месечевата соната" изразен со фотографија


пред последното искачување пред врвот


пред самиот врв - секој си бираше од која страна ќе појде


поглед од Бик Дорук на исток - се гледаат Пирин (Вихрен) - десно и Рила (Мусала) - лево

На врвот седиме петнаесетина минути, па продолжуваме по гребенот малку на југ, па преку едно малку пониско врвче почнуваме да се спуштаме надолу, кон платото помеѓу Бик Дорук и Канеш. Тука се наоѓа една убава кружна вртача - на прв поглед се чини како да е кратер од метеорит. Има пречник од петаесетина метри и длабочина од околу 4 метри.


пред второто врвче на Бик Дорук


поглед на Дебарското езеро


Марин кај вртачата меѓу Бик Дорук и Канеш

Се движиме на исток по тревните површини кон Канеш. Убавината на Стогово е (меѓу другото) во тоа што на релативно мал простор има толку многу убави работи за гледање. Така, од Бик Дорук до Канеш нема повеќе од 1 km растојание. Канеш е врв со висина од 2218 m , но всушност целиот негов гребен, кој се протега во должина од околу 2 km, од северната страна претставува голем карпест ѕид. Всушност станува збор за каскада која во два-три чекори се спушта од горе до долу, помеѓу кои има мали платоа. Страните се многу стрмни, карпите ронливи, со јасни примери на одвалени карпи. Има неколку кулоари кои не привлекуваа да се симнеме, но поради лошата прегледност, не сакавме да ризикуваме и да се доведеме во незгодна ситуација. По врвот Канеш продолживме на исток. Една блага падина не привлече да се обидеме да се симнеме оттаму, иако во GPS-от го имав испланирано спуштањето некои 700 m понатаму. Во првиот дел спуштањето одеше одлично. Тука наидовме и на траги од волк и од мечка. Во првиот момент кога ја видов трагата како излегува од еден стрмен кулоар, си помислив дека некој искусен планинар или алпинист поминал оттука, но кога се приближив, видов дека трагата, која ми личеше како трага од гојзерица, имаше во предниот дел траги од прсти. Одевме уште малку надолу, но наидовме на еден многу стрмен дел, и бидејќи долу имаше и мек снег, за да не ризикуваме, решивме да се враќаме и да се спуштиме нешто поисточно, во еден поблаг усек во планината. Бидејќи не ни се качуваше целиот пат назад по угорницата, пробавме со пречење во страна. И наскоро наидовме на еден дел кој изгледаше дека може да се помине без проблем - барем дивите кози оттука минувале. Беше доста стрмно но немаше некој посериозен проблем. Некаде по патот наидовме и на една мала дупка во карпата до која се гледа дека имало движење и јас и Перо осетивме промена на миризбата. Помисливме да не е тука живеалиштето на мечката, па побрзавме да си заминеме.


дел од карпите на Канеш (2218m)


пак карпи од Канеш


трага од шепа на мечка споредена со гојезрицата на Перо


по патот каде обично се движат "паметните" дивокози


Марин на карпа и игра на сенки во долниот дел

Наскоро теренот доби по-нормални нагиби и ние се опуштивме. Во заснежен терен полека по текот на едно поточе се спуштивме до бачилото во подножјето на Канеш. Во тоа време ја забележавме и групата планинари од ПД "Кораб" која се враќаше од Бабин Срт. Еден период се движевме паралелно, од спротивните страни на долот на Гарска река. Времето цел ден беше извонредно, сончево, мирно, убаво.


поглед кон Канеш од долниот дел - од кај бачилото


пак карпите на Канеш од долу


бачилото близу Чаушица од каде почнува широкиот шумски пат кон Гари

Полека, без многу брзање, се враќаме кон Гари и таму пристигаме околу 16:35 - десет часа по нашето поаѓање. Исто толку ни траеше движењето во планина и претходниот ден.


за одмарање очи


над Гари - Марин и Васко


стара куќа во Гари со планината над неа

Во Гари - во пензионерскиот дом - со планинарите од "Кораб" разменивме по некоја импресија од изминатиот ден, малку јадење, малку одмор. Се спакувавме, се поздравивме со најсрдечниот домар што сме го имале досега - г-дин Васе и му ветивме дека задолжително пак ќе дојдеме да го посетиме. Уште долго време ни беше потребно за да се вратиме во "нормала" , бидејќи убавите предели на Стогово постојано ни се навраќаа во нашите мисли и веќе правевме планови кога пак да дојдеме овде.

Технички податоци :

Прв ден
Должина на патеката : 20 km
Висинска разлика (успон) : 1345 m

Втор ден
Должина на патеката : 23 km
Висинска разлика (успон) : 1460 m


висински профил за двата дена заедно


3D приказ на патеката - првиот ден


3D приказ на патеката - вториот ден

Повеќе фотографии можете да видите на следните линкови :
http://picasaweb.google.com/117320863135421357287/StogovoDay1# и
http://picasaweb.google.com/117320863135421357287/StogovoDay2#


GPS записите можете да ги симнете од следните адреси :
http://www.stazeibogaze.info/2010/11/02/stogovo-s-gari-kokoskina-krasta-vrh-stogovo-2218m/ и
http://www.stazeibogaze.info/2010/11/02/stogovo-bik-doruk-2270m-i-kanesh-2218m/

текст: Трајче Панковски
фотографии: Петар Герасимов, Марин Стојановски, Горан Николоски



© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje