Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Два дена на планината Стогово – 30-31 октомври 2010

Убавините на планината Стогово ни се познати од порано, од поранешни патувања и планинарења во овој крај. Но убавините на карпестите и стрмните предели, кои како магнет не влечат во последниот период направија да ја замислиме и изведеме оваа акција. Бевме во дилема, дали да фатиме од лево од Гари и да се качиме на карпите на Кршисер, па натаму да одиме кон Бабин Срт, или пак да фатиме од десната страна и да го минеме речиси целиот гребен, а особено Кокошкина Краста, Бик Дорук и Канеш, кои беа нај-карпести и најстрмни. Се определивме за вторава варијанта - убавините на овој дел - особено на Бик Дорук - беа пресудни.

Акцијата беше испланирана уште во месец јули и тоа во детали, но чекавме погоден момент за реализација - што значи поволни временски услови, добра екипа која ќе ја реализира. Времето минуваше, дојде есен, па залади... Минатата недела падна и првиот снег. Временската прогнозата за овој викенд беше одлична, па затоа јас и Марин се решивме дека е дојден моментот за реализација. Иако можеше да има снег, сакавме да спиеме горе во шатори една ноќ. Упативме повик до сите заинтересирани планинари да ни се приклучат на акцијата, но од разни (секој од свои) причини - одзивот беше многу мал. Испадна дека не има само тројца - Марин, јас и Горан Николоски. Во таква ситуација, а имајќи ги наум и информациите за движење на волци овде-онде последните денови, од безбедносни причини се одлучивме спиењето да не биде во шатор, туку во пензионескиот дом во село Гари. Да бевме поголема група, неколку шатори, најверојатно спиењето ќе беше в планина. Тоа ќе ни остане задача за следниот пат кога ќе дојдеме, се надевам уште оваа зима.

Кога го дознаа планот дека ќе се враќаме на спиење во Гари, за вториот ден се пријавија уште Васко Саздовски и Петар Герасимов, кои поради обврски не можеа да дојдат во саботата.


Г-дин Васе ни пожелува добредојде во домот

Во петокот околу 18 часот поаѓаме од Скопје - Марин, Горан и јас. Претходно бевме во телефонски контакт со г-дин Васе, домарот во пензионерскиот дом во село Гари - дом кој врши функција и на планинарски дом. По околу 130 изминати километри, околу 20:15 стигнуваме во Гари. Времето убаво, ведро. Во домот не чека г-дин Васе со уште некој пријател. Срдечно не поздравува, една ракиичка за добредојде, разговор. Во селото Гари скоро да нема редовни жители, доаѓаат вљубеници во ова село преку викенд и се обидуваат да го продолжат животот на ова село со богата вековна историја. Васе со својата активност како домар е центарот на ова село, бидејќи домот функционира и како колонијал-продавница - може да се набават основните потребни намирници.

Домот има капацитет од 11 кревети, но нема греење. Нам тоа не ни беше некој проблем - бевме спремни да спиеме во шатор, па покрив на главата беше како хотел со 5 ѕвездички.

По пријатниот разговор со Васе, кој е спремен со часови да раскажува за настаните што тука се случувале пред повеќе децении, околу 22 часот одиме на спиење.

 

Планината Стогово

Стогово е планина во западниот дел на Македонија која припаѓа на низата планини од Шарско-Корабскиот регион. Овие планини логично се надоврзуваат една на друга правејќи го западниот гребен на република Македонија. Стогово се протега во правeц северо-запад - југо-исток. Има должина од околу 22 km , а ширина од околу 16 km . На север се граничи со планините Бистра и Крчин, на исток е планината Јама и потоа се спушта кон Кичевската котлина. На југ продолжува во планината Караорман, а на запад се спушта кон Дебарското езеро, каде се областите Дримкол и Малесија.

Стогово припаѓа на групата млади верижни планини и има карстни карактеристики, се гледа дека глацијалниот период има оставено свои траги на лицето на планината. Има повеќе остри и карпести врвови, на повеќе места штрчат карпести формации, има вртачи, неколку планински езерца, но од друга страна има и огромно пространство на широки тревнати површини, идеални пасишта за многубројните стада овци кои во летниот период се присутни на оваа планина, за што сведочат десетината бачила на овој терен.

Највисоки врвови се Бик Дорук или Голем Рид (2273 m), Бабин Срт (2240 m ), Стогово (2218 m) и Канеш (2218 m ) .

Планината е многу богата со вода, има многу извори, рекички.


топографска карта на Стогово (1:25000)

До планината може да се пристапи од повеќе правци, иако ние планинарите најчесто поаѓаме од селото Гари. По долината на Гарска река наскоро се стигнува на платото од каде се отвара поглед кон разните врвови. Може да се појде од селата Осој и Могорче, значи од северната страна - патот е стрмен но затоа предизвикот за планинарите е поголем. Од оваа страна се излегува на врвот Кокошкина Краста. Од западна страна може да се појде од некое од повеќето села во тој крај, областа на Центар Жупа. Патот ве води кон врвот Стогово. Од југозапад ако појдете од селата Елевци или Новак, ќе наидете на еден прекрасен предел богат и со карпи и со трева кој ќе ве донесе на седлото помеѓу Бик Дорук и Бабин Срт. Од југ можете да појдете од селото Локов кон Бабин Срт. Интересна тура би била од селото Годивје (Дебарца) па преку Славеј Планина да се дојде до Бабин Срт. Од источната страна може да се дојде од селото Ехлоец. Исто така од таа страна би било многу интересно искачувањето од долината на Јама.

<понатаму - Прв ден: Крастица, Кокошкина Краста, Стогово >


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje