Љуботен - март 2006
(автор: Марин Стојановски)
18.03.2006
Врска - претходен договор - планинарска екипа од Скопје во состав: Ана, Маринa, Душко и Марин тргнаа околу 13 часот за Старо Село од каде пеш по со снег покриената (но добро изгазена) патека изодеа 8 км и стигнаа до пл. дом Љуботен каде веќе беа дојдени 72 планинари од Србија (неколку од Словенија и двајца од Турција) и нивните домаќини од П.Д. Љуботен од Тетово. Таму веќе беа подигнати 8-9 шатори, 2 бунгалова откопани и ослободени од снегот (можност за ноќевање на кој не му смета големата влага), а во мрачниот дом (нема струја) буквално едвам најдовме место ранците каде да ги ставиме, а не место за спиење да најдеме.
Малку одмор, разговори со познати, запознавање со нови планинари, размена на планинарски информации, гужва, полека се стемнува, немаме место за вреќите и одлука - одиме на врв по патеката утрово трасирана ид тетовските планинари кои се искачиле на врвот Љуботен, а сега се тука во домот.
Речено - сторено - кратка подготовка и во 19:00 часот сите со челни батерии на глава, штеки во рацете тргнуваме по ведро и мирно време кон врвот. Одличен снег за газење кој крцка под нозете, добро се гледаат стапките од утрото, а ние задоволни од се тоа брзо се движиме кон врвот и во 21:30 часот бевме на 2500м, врвот Љуботен.
Малку ветре, ладничко, но многу задоволни, среќни и насмеани лица на Ана, Марина, Душко и Марин. Честитања, прегратки, неизбежниот урлик Македонијааааа!!! и благодарност на сите ѕвезди кои постојано беа над нас и го правеа ова искачување и враќање во домот уште поубаво. Сите осветлани села, местенца, населби, градот Тетово се гледаа чисто и јасно и наше размислување: Долу сега прават договори кој со кого и каде во кое кафуле ќе ја помине оваа ноќ, а ние сме толку високо и далеку од сите нив, а уживаме и се полниме со позитивна енергија повеќе од нив. Секој сам си го бира начинот на уживање и го крои слободното време и знае што му треба за да е задоволен од самиот себе, така да ние сме се определиле за ова, а кој не верува како делува треба само еднаш еа дојде на планина и искачи некој врв (денски) по јасно време и се увери што пропуштил до сега во животот.
Ана во Sirshasan на 2500 m
Полека назад по истата патека и во 23:00 сме во домот - средување, наоѓање места за сон на тесните дрвени клупи (некои цела вечер во кујна на топло со многу полноќни разговори), некои пак бегаат од шаторите и студот во домот, крцкаат даските, вратата, а среќен беше секој оној кој можеше во таа гужва мирно и слатко да спие.
<понатаму - следниот ден - пак искачување на Љуботен >
|