Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Галичица - септември 2007

Привршува летото. Јас - на одмор во Грција. Уште пред поаѓање на одмор бевме договорени со Коки (Константин Циривири) од Центарот за Стручно Оспособување (ЦСО) при ФПСМ дека на 1-ви и 2-ри септември ќе треба да појдеме на Галичица за да одржиме практична настава за користење на GPS апарат во природа.

Петок - рано наутро - поаѓам со фамилијата од Грција. По задолжителниот, но овој пат краток шопинг во Солун, продолжуваме за Скопје. По влез на наша територија се договарам со двајцата Горани (Горан од ФПСМ и Горан-инструкторот од ПД Бистра) околу поаѓањето за Галичица. Договоривме да биде околу 17 часот. Во Скопје пристигам во 15 часот и имам токму толку време да се преспакувам и да појдам на договореното место. Се чекаме кај Универзалната сала: Горан - кој не вози со својата "Лада", Марга, јас и Марин. По кратко задржување во Тинекс за набавка на кафе за групата - поаѓаме на пат.

Патот е исполнет со приказни за разни планинарски случки, комбинирано со повремено гасење и палење на колата бидејќи некој сензор се активира и вели Check Engine - што не е баш пријатна информација за Горан. На минување кај Врбјани - Дебарца - наидуваме на шумски пожар прилично раширен и дојден скоро до патот. Се движиме во бавна колона и веќе по неколку минути тешко се дише поради чадот. За среќа наскоро излегуваме од опожареното подрачје.

Во Охрид пристигаме во мрак. Го минуваме градот и продолжуваме кон Галичица. Застануваме да се напиеме вода и да ги обновиме резервите на чешмата - излетничкото место на Галичица. Инаку оваа чешма ќе биде изворот за вода за целата група во идните два дена - горе нема некој поблизок извор.

Стигнуваме во кампот. Од видиковецот над Трпејца се оди уште 1,5 km и потоа се одвојува на десната страна мало земјено патче По петстотини метри се наоѓа "базниот логор" - остатоци од детско одморалиште кое сега планинарите од Охрид го обновуваат за да се користи како планинарски дом.


Шаторите за планинарите и големиот шатор за заеднички активности


Поглед кон идниот планинарски дом. Во позадина - делот кон врвот Магаро


Групата која таму се наоѓа се дел од инструкторите на ЦСО при ФПСМ со група на кандидати за водачи на планина - лиценца А - групата од Западна Македонија. Ова е воедно последната акција на терен во рамките на проектот "Патеки на комуникацијата" кој се одвива помеѓу ОБСЕ во р.Македонија и ЦСО при ФПСМ. Луѓето се сместени во шатори, а поставен е и еден голем шатор како заедничка просторија - за одржување на предавања и како трпезарија.

Јас и Марин добиваме шатор и наскоро шаторот е поставен. Теренот е полн со камења, а шаторот го местевме во ноќни услови - со челна ламба така да спиењето првата ноќ се покажа "боцкаво", но веќе следниот ден направивме неколку интервенции - исчистивме дел од камењата и добивме пристојно место за спење.

Вечера за целата група и потоа - на спиење.


Локација на логорот - лединката во шумата. Во позадина - Магаро


Локација на логорот од другата страна - долу десно на сликата.
Поглед од Магаро во правец на Охрид.
Сликата во горниот дел е заматена поради чадот од шумските пожари.

Следниот ден - будење, миење, појадок. Во меѓувреме заврнува ситен дожд кој накратко ги прекинува нашите активности. За среќа дождот за десетина минути престанува и се се враќа во нормала. На групата и се приклучува и господинот Антонио Гарсија oд ОБСЕ, кој ја надгледува работата на групата. На прв поглед - спортски тип кој е во добра кондиција. Следните две акции во целост го потврдија првобитниот впечаток. Во групата има и неколку планинари од Албанија кои беа приклучени на групата - со желба за развој на понатамошна соработка. И тие беа во добра физичка кондиција.


Прозорчето од нашиот шатор оросено со ситни капки дожд

Потоа одржувам кратко теоретско повторување на материјалот за користење на GPS - целосното предавање оваа група го слушаше претходниот декември. Ги потенцираме оние моменти кои ќе ни бидат потребни на самиот терен. Слушателите се делат во три групи и договорот е дека во текот на денешното пешачење ќе поминам по една секвенца од патот со секоја од групите и секој од нив ќе погледа како се користи апаратот и ќе сними некоја карактеристична точка.


На пат кон Лако Сигној


Во 10:00 поаѓаме во правец на Охрид. По извесно време (околу 1 час) се наоѓаме на првиот врв на нашиот пат - Лако Сигној (1984m). Локалното население го нарекува "Антени" бидејќи таму се поставени комуникациони антени. Сите се прашуваме зошто врвот го носи тоа чудно име - Лако Сигној. Следниот ден се појави еден човек од соседните села кој го даде следното објасннување: На времето во манастирот св. Наум имало многу овци кои ги носеле на пасење на овој дел. Тука се собирале - во близината на врвот и со време почнале да го нарекуваат "Вакафски Гној" поради изметот од овците. Е сега, оној што ги правел картите изгледа не бил наш и му се слушнало нешто што тој го запишал како Лако Сигној. Во недостиг на подобро објаснување го прифаќаме ова.


Али Баба (ака Горан)


Пред Лако Сигној - антените


На врвот Лако Сигној (1984 m). Гледаме кон шумските пожари.

Групата продолжува понатаму, под водство на Борис од Охрид. Минуваме уште неколку врва со висина околу 1900 метри и конечно стигнуваме до врвот Бугарска Чука (1801 m). Оваа патека што ја поминавме е отприлика половина од патеката која води до Охрид и која најверојатно во октомври ќе ја поминеме и ќе направиме GPS запис. Таа патека е интересна - поминување на цела Галичица - обично трае од 6 - 8 часа, во зависност од спремноста на групата.

Во тој дел веќе се приближивме да пожарите - на околу 2 km од нас. Два хеликоптери доаѓаа на неколку минути за да го изгаснат, но умерениот ветар со променлив правец им ја отежнуваше работата.


Пожарите

Се враќаме по малку изменета патека - скршнуваме до крајот на ски-лифтовите. Тоа место за време на Првата Светска војна било командно место (мислам на француската војска) и целиот терен е прошаран со шрапнели, фишеци и дури цели гранати. Останува приказната за закопаните сандаци француски коњак - дали некој ги нашол или се уште чекаат на нивно откривање).


Крајот на ски-лифтот


Дел од екипата на мал одмор


Пределот на Преспанско езеро со поглед на Стење, Коњско и островчето во позадина.

Околу 15 часот и последната група се враќа во логорот. Таму веќе не чека ручек - дел од кандидатите беа останати во кампот и се погрижија за подготовка на ручекот.
Изминавме 12,2 km. Времето беше променливо облачно, но мошне пријатно за движење низ планина.

Во попладневните часови имаше уште две предавање на теми: Можности за развој на Алтернативен - Планински туризам и Традиционално подготвување на производи од млеко во Македонија (сирење, кашкавал, биено сирење). Исто така беа поделени теми за семинарски работи од областа на Културното наследство за кандидатите - поточно за групите на кандидати од секој град.

Во попладневните часови Коки со Мики од Тетово и некои други инструктори заминаа на подготвување на теренот за следниот ден - поставуваа фиксни јажиња на три потези на патот кон Магаро - во камењарот - со цел да се вежба Via Ferata следниот ден.

<понатаму>


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje