Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Фрушка Гора - ултрамаратон - април 2006 (...продолжува...)

<претходен дел - Старт на маратонот >

- Кон целта -

Мрак, студи, облачно, нема месечина, дува и бучи силен ветар, високите крошни од дрвјата полни со листови се нишаат како бранови на море, а екипата со светилки ги бара маркациите, осветлува, меѓусебно си помага и оди кон преостанатите контролни точки. Прв пат во живот цела вечер се движам по црни темници, удолнини, нагорнини, калишта, водички како да зависи животот и опстанокот од тоа. Да баш така но се тешиш што не си сам, мислиш на убави нешта, ти се јавуваат блиски, сакани, замислуваш душек, кревет и се поврзано со одмор и сон затоа што втора вечер сме без спиење. На КТ 14А Синиша со солзи во очите се откажа поради јаки болки и плуски на нозете (не помогна ни медицинската заштита и преглед) со зборовите : СРЕЋНО ДО КРАЈА МАРАТОНА. Сега сме тројца во екипата со прашање: колку ќе останеме до крајот на маратонот?

Чекорите се се поспори, потешки, телото полузгрчено но одиш и не застануваш и бидејќи мора до 02:00 да се стигне повторно до КТ 13 и конечно во 00:47 - КТ 13 и крај на бркањето рампи и САМО уште 30 км до целта. Следуваше подолга пауза за топли чаеви, супа, гулаш, вода, сокови, лимони, шеќерчиња (колку сакаш и што сакаш), а имаше и медицинска помош, слободни кревети за спиење во шатор, голем запален оган, агрегат, осветление, многу динамика, гужва чиниш си дошол во некој логор за бегалци и си успеал да им избегаш на некои криминални банди и сега си спасен?

Повторно на нозе и почнуваш повторно да одиш напред кон целта, размислувања за тоа како ќе биде кога ќе се раздени, дали ќе издржат светилките, батериите, нозете, силата дали ќе ти се врати, дали ќе заспиеш одејќи и конечно песна на птички, изгрејсонце, светлина, прегледност и конечно утро, а со утрото нова сила ти излегува однекаде и уморното и згрчено лице ти се насмевнува и се прашуваш каде била скриена оваа сила и зошто баш сега излегува од тебе и дали има и други такви сили уште подлабоко скриени во секој од нас. Тоа треба секој сам да го искуси барем еднаш за да знае што има и колку има скриени нешта во себе кои се јавуваат само тогаш кога мораат да те извадат од некоја криза. Ти се радуваш на се ова и сега знаеш можда за прв пат дека си ги почувствувал тие сили и затоа си пресреќен, а можда затоа е овој Ултрамаратон - да видиш кои се твоите крајни граници на издржливоста, ако воопшто и постојат.

Последната етапа и ЦЕЛТА во 12:41 часот, получовек, валкан, заспан, скапан, но горд, голем, среќен, богат, радосен, задоволен бидејќи нешто си посакал, си се обидел да го оствариш, си го остварил во првиот обид, а порано си мислел дека е неостварливо, а по тој долг пат од 27 часа и 41 минута си помогнал тоа да го сторат и други, а себе си си се запознал уште подобро и сега знаеш нешто повеќе за самиот себе.

Дипломи, честитања, ракувања, записи, верификации, преглед на контролните точки па веднаш барање на место за сон и одмор и вадење на чорапите и патиките со страв да не се уплашиш во каква состојба ти се табаните и нозете и дали некое камче ти сраснало со кожата и - ништо - се е во ред и браво за патиките и лесниот чекор. Организмот прво ми бараше сон и одмор, а потоа се јави гладта што значи прво задоволување на ментален и психички план, а потоа се друго по ред. Долго спиење без да почувствувам тапани, хармоника, песни и игри во планинарскиот дом, па добра рибља чорба со партнерот Душко, па пивце, па доаѓање по малку на себе, дружење вечерта и 2-3 ора заигрување и повторно сладок и брз сон во бучниот и разигран планинарски дом.

Е ова е мое видување за ФРУШКА ГОРА, овој Маратон, овој амбиент, оваа убавина, мое искуство кое се надевам догодина ќе поттикне што повеќе македонски планинари да дојдат на јубилејниот 30-ти Маратон, себе да се тестираат, видат колку скриени сили носат во себе дотогаш никојпат неактивирани и почувствуваат колку се ќе биде поубаво и повредно околу нив и во нив самите по изодениот маратон заедно со уште 6000 - 7000 други планинари од сите краеви на светот.

Марин Стојановски

Скопје, 09.05.2006



© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje