Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Дешат - Веливар - септември 2009

Од сите планинарски тури на кои одам, најголема возбуда ми предизвикуваат оние каде одам за прв пат, а особено ако се тоа патеки по кои и други не оделе баш често. Тоа ме тера едно две недели пред поаѓањето да читам за тој терен, долго да ги проучувам картите и GoogleEarth , да се распрашувам кај другите планинари. И пак, кога ќе дојдам на теренот - не знам ништо - тогаш се отвораат картите и гледаш на што си. Незнам, за мене нема ништо повозбудливо од тоа. А задоволството по успешно завршената таква акција, кога се поминало како што треба е навистина освежувачко, ми дава чувство на исполнетост.

Сето ова се случи на нашата тура до Веливар од с. Жировница. Особено што оваа тура ја посакував уште од пред три години кога бевме на Голем Крчин и го гледавме Веливар во близината.

Но, конечно се поклопија сите коцки и решивме да одиме на Дешат. И самото име ми делува моќно. Знаевме дека најчесто се оди од с. Битуше, но јас сакав да пробаме да се качиме директно од под него - од с. Жировница. Дали заради конфигурацијата на теренот, дали поради поголемата висинска разлика - нешто ме тераше да пробаме од оваа страна. Подготвив карти со патеки (кои - нормално - датираат некаде од 70-те години на минатиот век), внесов неколку алтернативни патеки за одење и враќање во GPS -от.

Следно што требаше е да се состави екипа. Се разбира, Марин и јас. Требаше да сме мала група поради ризикот што го носи непознатото - мораше да се луѓе кои можат да се справат со предизвиците што таква акција ги носи. Некои од кандидатите беа со обврски, така да на крајот ни се придружи Влатко Стојановиќ, за чии што квалитети нема што да се зборува.

И така - во недела, 20 септември 2009 - Бајрам - 04:30 часот тргнавме од Скопје. Во 06:15 сме во Жировница. Селото полека се буди од сон, жителите полека се упатуваат кон џамиите за да почнат со прослава на својот голем празник. Ние - онака отприлика одиме со колата на Марин - ја барама Граничата Полиција. Жировница е големо село со големи високи (и богати) куќи начичкани густо една до друга и со тесни улички. Токму кога патот веќе многу ни се стесни, застанавме пред една од неколкуте џамии за да прашаме. Излегувам и гледам, џамијата лево, Граничната Полиција - десно од мене. Влегов внатре - едниот полицаец штотуку го беше почнал својот доручек. Се поздравивме, им кажав каде планираме да одиме, запишаа имиња од нас тројцата. Едниот од нив - Борче - ме праша за GPS - от - го погледна. Беа многу љубезни - Борче ми го даде бројот на неговиот мобилен - ако се случи нешто непредвидено. Е потоа ме праша кое е првото правило од картографија. Му реков да ми каже. " Карту читај и сељака питај. " Како што се покажа подоцна - за жал не видовме нагоре ниту еден сељак - ќе беше подобро да најдевме некој.

Претходно се мислевме каде да ја паркираме колата - бидејќи уличките се многу тесни. Полицајците ни понудија да ја паркираме колата во кругот на касарната, за што им бевме навистина благодарни.


Жировница рано наутро


Жировница има неколку џамии - до оваа најблиската до фотоапаратот се наоѓа Граничната Полиција

Anyway - во 06:30 часот почна нашето пешачење, на температура од 11 степени целзиусови. Тргнуваме од 900 m надморска височина. Преку мало мовче излегуваме од селото и полека се качуваме по брдото на спротивната (западната) страна од селото. На ливадите безгрижно пасат неколку коњи.


На почетокот на нашето патешествие


Поглед во правец на с. Видуше



Only fools and horses...

Патеката е широк и убав шумски пат, кој благо се искачува нагоре. Имавме алтернативна патека која наскоро требаше да се одвои од шумскиот пат и да се упати кон селото Видуше, но ние решивме да продолжиме да го следиме широкиот пат, бидејќи и тој се движеше во добра насока. Времето беше облачно, сонцето штотуку почна овде-онде да ги осветлува повисоките делови од планината. Во правец на брдото Чукар од левата (западна) страна видовме една интересна карпа која треба да се провери како можен алпинистички локалитет.


Поглед кон Чукар (напред) и Куртово Ќуле (назад во облакот)


На шумскиот пат

По околу еден час одење по патот тој завршува, а и онака не држеше премногу ниско, на самата долна граница од шумата. На висина сме од 1220 m . Знаеме дека мора да се искачиме до сртот на брдото лево од нас, кое е некаде 1600 m , па тргнавме по една потесна но добро проодна патека, притоа преминувајќи едно поточе. Но веќе по 15 минути и тоа патче го снема. Веќе сме во убава букова шума. Барајќи го патот, тргнавме малку во лево бидејќи таму беше посветло - се наѕираше некоја чистинка. И таму на малата чистинка гледаме интересни камења расфрлани по чистинката - некои од нив со чудни форми. Се прашувавме од каде стигнал тука овие камења. За одговорот не требаше долго да чекаме.


Во шумава чудни ѕверки - еве имало и коала


<понатаму - по камењарот >


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje