Статут на ПСД Макпетрол
ПЛАНИНАРСКО СПОРТСКО ДРУШТВО МАКПЕТРОЛ СКОПЈЕ
СТАТУТ НА
ЗДРУЖЕНИЕТО
ПЛАНИНАРСКО СПОРТСКО ДРУШТВО
МАКПЕТРОЛ СКОПЈЕ
Врз основа на член 16 од Законот за здруженија и фондации (Сл. весник на Р.Македонија бр. 52 од 16.04.2010 година) и согласно со Законот за спорт (Сл. Весник на Р. Македонија бр. 29/02,66/04 и 81/08) Собранието на Планинарското спортско друштво МАКПЕТРОЛ Скопје на седницата одржана на 17.02.2011 година донесе
С Т А Т У Т
на Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ Скопје
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Планинарското спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје (во понатамошниот текст ПСД) е здружение на граѓани - планинари, формирано со слободно здружување на граѓаните, заради остварување и усогласување на своите интереси и заради вршење на дејности и активности со цел за развој и подобрување на квалитетот на планинарењето во Р. Македонија.
Член 2
Граѓаните се здружуваат во Здружението Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје заради остварување поширок општествен интерес преку што се задоволуваат потребите од стручна и друга помош од областа на планинарењето и другите спортови во планина.
Член 3
Член во Здружението на Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје, може да биде секој полнолетен граѓанин - државјанин на Република Македонија, кој доброволно ќе пристапи кон Здружението со давање на писмена изјава.
Зачленувањето во здружението се врши со пристапница, односно со издавање на членска книшка, која при исклучување или престанок на членувањето во Друштвото, задолжително се враќа.
Планинарското спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје за своите членови води регистер на членството кој се ажурира еднаш годишно.
Член 4
Членот има право да биде биран во органите на Планинарското спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје, да учествува во работата на Друштвото и да придонесува во развојот и популарноста на друштвото.
Член 5
Обврски на членовите на Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје се:
- редовно да ја плаќаат чланарината;
- да присуствуваат на состаноците;
- да земаат конкретно учество во спроведување на Програмата на активностите на Друштвото..
Член 6
Планинарското спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје како здружение на граѓани, своите цели, задачи и дејности ќе ги остварува во согласност со односите уредени со Уставот на Република Македонија, овој Статут и Статутот на Федерацијата на Планинарски Спортови на Македоија како и со други законски норми кои регулираат материја од оваа област.
Член 7
Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје го претставува и застапува претседателот.
Член 8
Називот на здружението е Здружение Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ Скопје
Скратениот назив на здружението е ПСД МАКПЕТРОЛ Скопје
Член 9
Седиштето на Планинарското спортско друштво МАКПЕТРОЛ е во Скопје, ул. "Св. Кирил и Методиј " бр. 4.
Член 10
Планинарското спортско друштво МАКПЕТРОЛ Скопје е правно лице.
Планинарското спортско друштво МАКПЕТРОЛ Скопје има свој печат и штембил.
Печатот е тркалезен и го содржи логото и името на здружението: Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ Скопје,
Штембилот на Планинарското спортско друштво МАКПЕТРОЛ Скопје е правоаголен и на него се наоѓа логото на здружението и е напишан следниот текст:
Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ, деловоден број, тековната година и Скопје.
Член 11
Работата на Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје е јавна.
Јавноста во работењето се обезбедува со редовно известување на членовите на здружението за сите облици на работење, со увид во спроведувањето на програмските задачи, со поднесување извештај за работа на органите и телата на Планинарското спортско друштво, за материјално-финансиското работење и друго.
За информирањето на членовите и пошироката јавност се користи интернет web -страницата, печатот, радиото и телевизијата.
Претежна дејност на здружението е 94.99 - " Дејности на други организации врз база на зачленување, неспомнати на друго место ".
ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ НА ПЛАНИНАРСКОТО СПОРТСКО ДРУШТВО И
НАЧИНОТ НА НИВНОТО ОСТВАРУВАЊЕ
Член 12
Граѓаните се здружени во Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје заради остварување на поширок заеднички интерес, а како посебни цели и задачи се:
Цели:
- Да ги активира своите членови како и сите граѓани, а особено младите за престој и снаоѓање во природа, а посебно во планина.
- Да работи на омасовување на планинарењето и на останатите спортови во планина: алпинизам, планинско трчање, скијање, планински велосипедизам, кањонинг и друго .
- Да се грижи за правилен и сериозен пристап кон планинарењето на своите членови, со развивање на свест за сите аспекти на планинарењето и снаоѓањето во природа, а пред се безбедноста во планина, метеоролошки фактори, потребна опрема, физичка и ментална кондиција.
- Да се грижи за постојана едукација на своите членови за да се создаде силна и компетентна екипа спремна да се соочи со сите можни предизвици поврзани со организирање на акции на планина
- Да се стремни кон р азвивање на тимови за врвни остварувања во планинарењето, алпинизмот, планинското трчање
- Да ги запознава своите членови и сите граѓани со природните убавини на нашата земја, а особено планините и нивното богатство.
- Кај своите членови и кај граѓаните да ја поттикнува и развива љубовта кон планината и спортот.
- Да се занимава со истражување на планински терени, нивно документирање со слики и GPS запис, објавувањ e на тие информации за општо добро на сите планинари, преку објавување на web страницата и други форми на публикација.
- Да работи на активно развивање на грижата за природата, зголемување на еколошката свест кај планинарите и населението.
- Да работи на запознавање и зближување со други народи преку соработка со планинарски, спортски и други сродни организации.
- Да го негува и развива чувството за заедничко живеење и соработка помеѓу македонскиот народ и националностите.
- Да развива и негува спортски дух во рекреативните и врвните натпреварувачки достигнувања
- Да го стимулира постигнувањето на врвни спортски резултати
Задачи:
- Да делува на воспитно на младите генерации да развиваат почит и љубов кон убавините на планините и развој на правилен пристап кон природата и спортот.
- Да го афирмира планинарењето и другите спортови на планина во целокупниот општествен живот во нашата држава со своето присуство на Internet , преку печатени и електронски медиуми и преку организирање предавања, презентации, изложби.
- Да се грижи за сестрана информираност на членството за својата работа.
- Да се грижи за изработка на извештаи и карти од извршените акции.
- Да обезбеди демократска и континуирана работа на своите органи.
- Да обезбедува стручно оспособување на членството преку набавка на стручна литература, курсеви, училишта, семинари, и други видови на акции и размена на стручни искуства.
- Да организира натпревари, тренинзи и слично.
- Да издава планинарски стручни и пропагандни гласила.
- Да развива соработка и членува во меѓународни здруженија.
- Да соработува со државни органи, здруженија, и други институции, заради остварување на своите цели.
ФИНАНСИРАЊЕ НА ПЛАНИНАРСКО СПОРТСКО ДРУШТВО
МАКПЕТРОЛ СКОПЈЕ
Член 13
Планинарското спортско друштво остварува средства од:
- чланарина;
- донации;
- и од други извори.
Член 14
Користењето и располагањето со средствата на Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје добиени по основите од претходниот член се врши на начин утврден со овој Статут и останатите законски норми.
Член 15
За користењето и располагањето со средствата одлучуваат органите на Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје согласно надлежностите утврдени со овој Статут, кои преземаат мерки за економско целесообразно користење на средствата и за спречување и отстранување на незаконитостите.
Член 16
Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје донесува годишен финансиски план за приходите и расходите на Друштвото
Финансискиот план ги содржи приходите кои се стекнуват по член 13 од Статутот, како и расходите за општествената активност, материјални трошоци за работа на Друштвото и други расходи сврзани со работата.
УПРАВУВАЊЕ СО ПЛАНИНАРСКО СПОРТСКО ДРУШТВО
МАКПЕТРОЛ СКОПЈЕ
Член 17
Со Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје управува организирано членство на Друштвото непосредно.
Права и должности на членот се:
- да избира и да биде биран во органите на Здружението;
- да предлага решавање на прашања од заеднички интерес;
- да работи на развивање и унапредување на општествените и другите активности кои произлегуваат од Статутот, програмските цели и задачи и од усвоените одлуки и заклучоци;
- да ги спроведува во целост одредбите од Статутот и програмските активности;
- да ги застапува интересите и ставовите на Друштвото;
- да бара стручна и друга помош од областа на интерес.
ОРГАНИ НА ПЛАНИНАРСКО СПОРТСКО ДРУШТВО
МАКПЕТРОЛ СКОПЈЕ
Член 18
Органи на Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ Скопје се:
1. Собрание;
2. Извршен одбор.
Член 19
Собранието на Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ Скопје го сочинуваат сите членови на Друштвото.
Собранието се состанува по потреба, а најмалку еднаш годишно.
Член 20
Седници на Собрание свикува претседателот на Собранието.
Седница на Собранието се свикува и по предлог на Извршниот одбор или на 1/5 од вкупниот број членови на Собранието.
Ако претседателот на Собранието во рок од 14 дена од денот на дадениот предлог не свика седница, седницата ја свикува Извршниот одбор или иницијаторите.
Начинот на свикување на седниците на Собранието на Друштвото се определува со Деловникот за работа на Собранието.
Член 21
Собранието на Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ Скопје од редовите на своите членови на редовни или вонредни собранија избира Извршен одбор кој е извршен орган на Собранието.
Член 22
Собранието полноважно одлучува ако се присутни повеќе од една половина од вкупниот број членови.
Собранието по правило одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови.
Во надлежност на Собранието е следното:
- го донесува Статутот на Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ Скопје и врши измени и дополнувања на истиот;
- избира и разрешува членови на Извршниот одбор;
- усвојува програмска ориентација за работа на Друштвото за период од 4 години, операционализирани во годишните програми;
- го разгледува и усвојува извештајот за работа на Извршниот одбор помеѓу две собранија;
- ја следи материјално-финансиската состојба на Друштвото помеѓу две собранија;
- донесува финансиски план и усвојува завршна сметка на Друштвото
- расправа за постигнатите резултати од развојот на Друштвото и дава насоки за натамошен развој на Друштвото;
- донесува одлуки, заклучоци, препораки за решавање на прашања од интерес на Друштвото;
- одлучува за основање на трговски друштва;
- врши и други работи кои произлегуваат од Статутот и законите.
Член 23
Извршниот одбор на Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје е извршен орган на Собранието во кој секој член има еднакви права, обврски и одговорности за работењето и равојот на Друштвото во согласност со Статутот.
Член 24
Извршниот одбор на Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје брои 5 члена.
Мандатот на членовите на Извршниот одбор трае 4 години, со можност за повторен избор.
Извршниот одбор од своите редови избира претседател со мандат од 4 години, со можност за повторен избор.
Претседателот на Извршниот одбор истовремено е и претседател на Собранието и претседател на Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ Скопје и тој го претставува и застапува Друштвото..
Член 25
Во надлежност на Извршниот одбор е следното
- ги спроведува статутарните и програмските задачи на Друштвото како и одлуките и заклучоците на Собранието;
- донесува и реализира годишна програма за работа;
- предлага измени и дополнување на Статутот;
- донесува соодветни правилници, прифаќа спогодби и склучува договори;
- свикува седници на Собранието и припрема материјали;
- донесува одлуки за формирање на постојни и повремени комисии, и ја насочува нивната работа;
- организира и активно учествува во организирањето на разни акции и манифестации;
- донесува одлуки за награди, пофалници и признанија;
- донесува одлуки за набавка и оттуѓување на основните средства;
- донесува одлуки по приговори и жалби;
- врши и други работи кои произлегуваат од потребите на Статутот на Друштвото.
Член 26
Извршниот одбор за својата работа е одговорен пред Собранието на Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ Скопје.
Извршниот одбор се состанува и одржува седници по потреба.
Седницата на Извршниот одбор ја свикува Претседателот.
Предлог за свикување седница на Извршниот одбор може да поднесе повеќе од една половина од Извршниот одбор, или една третина од членовите на Собранието на Друштвото.
Со седницата раководи и претседава Претседателот, а во негово отсуство член кој ќе го избере Извршниот одбор;
Начинот на свикување на седницата и други прашања од работењето на Извршниот одбор се уредуваат со Деловникот на работа.
ПРЕСТАНОК НА ЗДРУЖЕНИЕТО ПЛАНИНАРСКО СПОРТСКО ДРУШТВО
МАКПЕТРОЛ СКОПЈЕ
Член 27
Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ Скопје ќе престане со работа ако затоа одлучат членовите на Друштвото, ако бројот на членовите се намали под бројот определен за основање, ако настапат причини утврдени во член 63 од Законот.
Одлука за престанок на Планинарското спротско друштво донесува Собранието со двотретинско мнозинство на Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ Скопје.
Член 28
По престанок на работата на Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ Скопје имотот и другите права и приходи што остануваат по намирувањето на обврските, преминуваат во сопственост на МАКПЕТРОЛ А . Д . - Скопје .
ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 29
Право на толкување на одредбите на овој Статут има Собранието на Планинарско спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје а помеѓу две Собранија, Извршниот одбор на Друштвото.
Член 30
Измени и дополнувања на овој Статут се вршат по иста постапка како и за негово донесување.
Член 31
Овој Статут влегува во сила со денот на донесувањето.
|