Западна Македонска Трансверзала - јули 2014
Некаде на петтиот ден од турaта, во пределот каде што Шара се спојува со Бистра, за прв пат наидовме на други луѓе. Мажот и жената што ги сретнавме беа изненадени кога им кажавме “добар ден” . Тие очекуваа дека сме странци, а второто изненадување беше кога им кажавме дека пешачиме од Љуботен. До тој момент имавме препешачено преку 110км.
- Зарем си немате попаметна работа, праша жената.
Немавме. Во Скопје ги оставивме рутините на секојдневијата и тргнавме на оваа тура.
Најавена неколку месеци претходно оваа тура се организира за прв пат по 1997 година - кога е помината последен пат. Прв пат е помината 1974 од четири македонски планинари и од тогаш ја поминале околу 300 луѓе од сите делови на тогашна Југославија но и од други делови од Европа. Овој пат се собравме 15 планинари и една планинарка, авантуристи, за да ја поминеме оваа делница која ги обединува целиот масив на Шар Планина, Бистра, Стогово и Караорман.
Ден 0
Со комбе од Скопје до Старо село а од таму со трактор до домот под Љуботен. Запознавање на екипата, мезе од тазе собран вргањ, малку логистика околу утрешниот ден и на спиње.
Ден 1
Спиењето не остава спомени. Рано наутро тргнуваме кон Љуботен, контролна точка 1 од турата. Под Kозја стена излегуваме на седлото. Дел од групата се искачува на врвот, дел одмара. Веќе во овој дел се насетува дека ранците имаат преголем товар. Првите 5 дена од турата минуваат низ Шар Планина во најголем дел на самиот срт, а и под него. Просечната височина е околу 2200м. Во овие услови немаме никаков допир со цивилизација, така што целата храна мора да ја носиме со себе. И шатори и вреќи за спиење и подлоги. И целата облека што ни треба за турата. Во просек тежината на ранците е 25 кг, сите сме полни со храна.
Од Љуботен, го минуваме Ливадичкото езеро и доаѓаме на Пирибег - контролна точка 2. Продложуваме накај Доброшки езера каде што ја преспиваме првата вечер. По изминати 20км, на терен со постојани успони прилично изморени го поставивме првиот камп на висина од околу 2300м.
Ден 2
Најавено беше дека оваа делница ќе биде потешка од претходната. И беше. 30 км по сртот на Шара. Преку Бистрица (контролна точка 3), па Црн врв, под Кобилица до Караниколичко езеро.
Целиот ден го поминавме во движење со неколку попатни паузи за јадење и хидратација.Пред стемнување го подигнавме кампот и уморни заспавме.
Ден 3
Оваа делница е поопуштена од претходните. Човек може и да ужива во околината. Да и се восхитуваш на Лешница гледана од далеку во целост, да одмориш на езерото Скакала. Да ги осетиш мирисите на сите чаеви кои ги има попат, да си направиш “цедевита“ со планинска вода од изворите на Пена. Веќе се осеќа духот на екипата. Природата не допре сите.
Кампот 3 го поставуваме кај Џинибег, на изворите на Пена. Доволно време има за сите кои сакаат да одат на Титов Врв (контролна точка 4), но такви нема. Сите одлучија да одмараат попладнето во убавата локација. Сапак до Титов Врв има околу 4 часа во двата правца. Подобро е тука.
Кулинарските способности на повеќето доминираат на ледината. За правите гурмани нема висинско ограничување. Тавчињата чрчорат, апетитот е на ниво. Залез во боја. Смеење во кампот. Убаво е.
Ден 4
Ако некој имаше недоумици за откажување од турата после вториот ден, сега веќе такви мисли нема. Плускавците се завиени, рамената веќе се навикаа на тежината, ранците полесни - веќе пола храна е изедена. Одиме понатаму.
Поминуваме покрај Трпезница, Боговинското езеро го гледаме од далеку, преминуваме преку Шутман поле, под Рудока и Враца, го минуваме и Горно Луково поле. Преку Расангул излегуваме на питом терен. Се гледа Лера (кт5), каде што го поставуваме кампот.
Ден 5
Големината на Шарските врвови, кои доминираа со видикот од минатите денови, сега е сменет со питоми хоризонти. Се симнуваме во Маврово.
Попатно собраниот вргањ Зоки го предаде во еден од Мавровските ресторани на приготвување (две полни кеси), а додека се приготви дел од групата појде на капење во езеро. После изминатите повеќе од 100км, вакви задоволства човек повеќе ги ужива. Најадени, избањати, се товариме во комбе и одиме во Галичник.
Сместување на шаторите и сите сред село, Холандија - Аргентина полуфинале, мезе, пиво... На келнерката и падна незгодно од толку бакшиш, а нас душа ни се отвори ...Таман ја загреавме атмосферата за свадбата која следеше за викендот. Од порано сум увидел дека планинарите се луѓе кои повеќе го уживаат животот и имаат поизразено чуство за убаво и вредно.
Ден 6
Неколкумина утрото се качија на Меденица - кт6. Потоа правец Лазарополе. Го минуваме Селце.
Во Тресонче бевме на кафе и ракија кај едни убави луѓе кои сосема нескромно не почестија сите 16 планинари. Од таму до Лазарополе ни кажаа дека има еден до три часа одење : „зависно од тоа колку ќе берете јагоди“.
А тоа е како плантажа задскриена покрај патот. Таман ги начекавме кога се зрели. Во Лазарополе видовме дека времето е накај врнење па мештаните не сместија во една од локалните куќи.
Ден 7
Еден од членовите на екипата турата ја заврши во Лазарополе. Главниот вокал на групата поради плускавци остана тука и не испрати со песна. Мештаните беа пријатно изненадени од енергијата што ја донесовме. Продолживме. Изгубивме малку време додека да ја најдеме патеката која зараснала во меѓувреме - овие дваесетина години како не е минувана. Почна да врне кога дојдовме до Гари. Седнавме во мотелот таму и чекавме да преврне.
Потоа по течението на Гарска река излеговме на бачилата на Стогово. Го поставивме кампот и облековме сува облека, цел ден одевме по мокри ливади.
Ден 8
Имавме среќа, не заврна. Ама една магла се појави. Јани со џи-пи-ес не одведе до Бабин срт -последна контролна точка, а потоа се симнавме под маглата. Тоа шетање на моменти личеше на вртење во круг. Под маглата веќе се виде Охридското езеро во далечина. Го минавме Караорман и дојдовме до селото Црвена вода. Од таму не презема комбе и дојдовме во Охрид. Џипиесот на Јани покажа 213км поминати од Љуботен, од кои ако ги извадиме оние дваесетина км од Маврово до Галичник се добива околу 180-190км пешачење за осум дена.
Патешествието заврши. Пиво за здравица. Честитки, фотографирање. Секој со свои впечатоци. Сите со полни очи задоволство. Личен успех во надминувањето на границите. Желба за нови предизвици и дестинации.
Оваа тура се состои од два различни дела. Првиот шарски предел е понапорен, изолиран од цивилизација и на поголема височина. Вистински предизвик за поспремните планинари. Вториот дел од Бистра па натаму е попитом за одење и попатно има повеќе места во кои може да се преспие и одмори. Разновидноста и убавината на теренот ја прави оваа тура вистинско задоволство за минување. Од особена важност при минувањето на оваа трансверзала е добро познавање на теренот - посебно изворите со вода кои се непостојани. Затоа мора да се има искусен водач за да ја предводи екипата инаку проблемите кои можат настанат можат да отидат во крајности. Голема благодарност до водачите на оваа тура, Мијалче и Зоки од пд.Трансверзалец кои до совршеност го познаваат теренот.
текст: Горан Вуќиќ
слики: Кирил Шентевски, Горан Вуќиќ
|