Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Веливар, Дешат планина - 1 септември 2013

На 1 септември 2013, недела, по претходен договор, се најдовме над долнореканското село Битуше, Западна Македонија. Слично како и акцијата на Олимп во 2011 година (Тања Манчева и 7 планинари), оваа акција работно ја нарековме „Климентина и седумте планинари“ со учесници: Климентина, Боре, Душко, Дејан, Марио, Љубиша, Горан Ф. и Горан Н. Планот ни беше да се искачиме на врвот Веливар (2.373 м.), на планината Дешат, тргнувајќи од селото Битуше. Во организација на нашето Планинарско-спортско друштво МАКПЕТРОЛ од Скопје, во март 2013 , 17 планинари се искачија на Веливар по патека со почеток од село Жировница.

Љубиша Тасески и Горан Филиповски, планинарски водичи од Гостивар, пред 3 години самоиницијативно ја обележувале патеката со црвен спреј до над езерото Локуф. Но, не е препорачливо искачување кон Веливар без познавач на патеката. Најмногу поради тоа што низ шумата на неколку места се губи маркацијата, над шумата почнува беспатје, и како што ни кажа вработен „Ренџер“ во Националниот парк Маврово, поради евиденција и сигурност, секоја акција во паркот мора да биде најавена лично во Дирекцијата или во Инфо центарот на паркот во Маврови Анови или преку факс / телефон.

Патеката кон врвот од селото Битуше почнува од ливадата над селото Битуше (Маврови Анови – Ростуша – Битуше = 25 км.) веднаш до напуштената караула. Патеката продолжува по макадамски пат, кој преминува во планинарска патека, поминува покрај „Викенд чешмата“ и влегува во шума и води се до езерото Локуф. Локуф е глацијално езеро полно со вода во пролет, а сега, на лето, изгледа како широка зелена ливада и само во еден дел има вода. Од езерото се гледа врвот Веливар.

Над езерото патеката е многу поширока, вистински планинарски автопат, бидејќи по неа одат стада овци од околните бачила до повисоките пасишта. Влеговме во граничен појас, меѓу Македонија и Албанија. Но, над шумата патеката веќе се губи и како ориентација го имавме врвот Веливар. Поминавме низ месноста Бари, каде што има две езерца, и по каменит и брановиден терен, полн со боровници, излеговме на сртот, односно на самата границата. По должина на сртот, односно по границата има некаков исчистен 2-метарски простор, тампон зона или некогашен пат. Нагоре, до врвот, по стрмна тревната падина, по сртот, води патека која на места се губи. Тоа е најстрмниот дел од патеката која води до врвот Веливар (2.373 м.), 30 метри повисок од врвот Голем Крчин (2.342 м.). На врвот има изронет граничен камен. Од врвот се гледаше долината на Бел Дрим и неколку населени места во Албанија, а на македонска страна се гледаше Дебар, Дебарско езеро, врвовите Голем Крчин, Меденица на Бистра, Голем и Мал Кораб, долината на реката Радика и неколку стада овци по околните падини. Горе задува ладен ветер, се наоблачи и после 20-тина минути почнавме да слегуваме надолу по истата патека. Се одмаравме по убаво време кај малите езерца во месноста Бари, кај езерото Локуф и кај Викенд чешмата каде што имаше излетници од соседните села. Ги посетивме и црквта Св. Илија во селото Битуше и манастирот Св. Јован Бигорски.

Значи, до врвот Веливар се стига за 3:30 до 4 часа од селото Битуше, по слабо обележана патека низ шумата, а над шумскиот појас и по беспатје. Потребно е присуство на познавач на патеките на Дешат, потребна е соодветна планинарска опрема (планинарски чизми и стапчиња), соодветна облека, доволно вода и храна, и внимание од овчарските кучиња.


Почеток на патеката и кон Веливар


Низ папрат


Езерото Локуф и врвот Веливар


Езерото Локуф


Гужва по планинарскиот автопат


Бари


Над езерата Бари


Беспатје кон Веливар


Граница и врв


Кон Врвот


На врвот


Оддалеку: Св. Јован Бигорски и селото Велебрдо


Св. Јован Бигорски одблиску


Руска црква во близината на Св. Јован Бигорски

 

Напишал: Горан Николоски
Слики: Климентина Тунтева, Боре Андовски, Дејан Тодевски, Марио Шаревски

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje