Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Дешат : Веливар (2372 m) - 23 март 2014

Минатата 2013 година имавме прекрасен ден на Дешат планина - на истиот датум - 23 март. Желбата да се доживее повторно оваа убава планина не поттикна повтоно да ја организираме оваа акција. На договореното место - на бензинската во Карпош се појавија неколку возила, но по патот се приклучуваа уште - некои од Скопје, некои од други градови, еден мини-бус. За среќа во Жировница се паркиравме на неколку различни локации па имаше место за сите возила. Времето беше убаво, сончево. Водичот од с. Жировница Даут не чекаше кај Горната Џамија. Беше потребно малку повеќе време и координација додека да се соберат сите луѓе кои паркираа на различни места во една колона, но по тоа се си течеше како што треба. И воки-токи апаратите помогнаа во побрзо договарање и консолидирање на групата. На планината овој ден се појавија некаде околу 60 планинарки и планинари.


поаѓање од с. Жировница

Првиот дел од патот се одеше по сува патека - снегот беше на поголемите висини. Пријатно и топло. Групата иако голема, составена од искусни и спремни планинари, брзо се движеше. Наскоро сме кај чешмата каде го правиме првиот одмор. Потоа продолжуваме нагоре, излегувајќи наскоро на поширокиот пат каде се наоѓа и таблата која не предупредува дека навлегуваме во пограничен појас.

Од висина 1400 метри почнува да се појавува по некој снежен јазик, за да од 1500 метри почнеме константно да газиме по снег. Оние кои носеа летни и зимски чели тука направија "рокада" а останатите си ставија камашни. Уште некое време се движевме по патеката во шумата која води во правец на Голема планина. Но оваа година решивме патеката за искачување да ја измениме малку - сакавме да ја пробаме патеката од кај врвот Скала. Затоа на висина од околу 1620 m скршнуваме во лево од главната патека и се упатуваме кон седлото помеѓу Ѕвериње (1863 m) и Скала (2140 m). Во почетокот се движиме низ шумата. Има многу снег, а на местата каде минуваат потоците се прават нешто како креваси - некои прерипуваме, а на некои кои се пониски - се спуштаме до водата па пак се качуваме горе. Наскоро - на висина од 1750 m завршува шумата и наидуваме на прекрасен дел со дебела снежна покривка - вистинско уживање да се шета по него. Снегот е добар - се пропаѓа не повеќе од 10 cm и добро се оди.


по убавата снежна покривка

Излегуваме на седлото и ја минуваме "вратата" - преминот кон големиот амфитеатар над кој се издига Веливар. Се отвара убава глетка. Врвот е пред нас. Но ние, сепак, одиме во десно - почнуваме да го качуваме врвчето Скала. Бидејќи тоа беше јужно експонирана страна, - немаше снег туку трева. Но стрмнината беше голема - околу 40 % нагиб и особено во почетокот беше малку потешко качувањето, но потоа се врати во нормални граници. За околу половина час се излегува на висина од околу 2140 метри.


стрмно искачување кон Скала


"амитеатарот" и Веливар над него

Тука - на тревата правиме пауза, за да се одморат и да јадат нешто учесниците. Колоната веќе е многу разредена, а почнува да дува некое ветерче кое не дозволува прмногу долго да се седи на едно место. Затоа полека луѓето во развлечена колона продолжуваат понатаму - прво одејќи кон главниот срт на планината кој се протега во правец север-југ.


на пат кон главниот срт


Веливар


Голем Крчин

Како што излегувавме на главниот срт, ветрот дуваше се посилно. Колоната развлечена - до врвот има прво две "лажни" врвчиња. Тие што стигнуваат на врвот - стојат десетина минути за да се поздрават и да каснат нешто, па потоа назад - дека ветрот не дозволува подолго задржување. Сите одат во пониските делови за да најдат заветрина, за да направат подолга пауза.


помала група планинари на врвот Веливар

И враќањето минува во најдобар ред - снегот е нешто помек и покашав но не многу - во меѓувреме надоаѓаат и облаци така да на крајот и нешто ситно роси врз нашите глави. Околу 16:20 часот и последните планинари се спуштаат во Жировница, каде што следи традиционалната посета на ресторанот или слаткарницата. Задоволни од убавата акција и од времето што не послужи и ни дозволи да го искачиме врвот, полека поаѓаме на пат кон дома.


Технички податоци :

Должина на патеката: 22 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1750 m
Максимален успон : 47 %, просечен успон : 15 %



патеката на движење


висински профил на патеката

 

Автор: Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje