Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Дешат : Веливар (2372 m) - 23 март 2013

Во саботата на 23 март 2013 година група од 17 планинари - главно членови на ПСД Макпетрол и со по некој гостин од другите клубови или поединци - имавме ретко убава можност да се искачиме на највисокиот врв на планината Дешат - Веливар (2373 m). Идеалните временски услови како и одличната група која излезе на терен - појачана со водичот од Жировница - Даут Јашари беа потребните и доволни предуслови да се реализира акција која на сите учесници им ги наполни душите и која долго ќе ја паметиме.

Од Скопје појдовме со 4 возила во 4:30 наутро. Претходниот ден дуваше дури и во Скопје многу силен ветар, така да малку бевме загижени како ќе биде утрото. Прогнозата беше поволна - но со времето никогаш не може да бидеш сигурен.

Околу 6 часот стигнавме во село Жировница. Паркиравме во горното маало под џамијјата и тука ни се придружи водичот Даут со своите двајца пријатели. Времето мирно, сончево. Се ветуваше дека ќе имаме убав ден.

Поаѓаме под водство на Даут над селото - од левата (југо-западна) страна на брдото Чукар над Жировница. Бидејќи беше со таква експозиција, патеката која многу убаво полека го заобиколуваше брдото беше сува и овозможуваше лесно и брзо напредување. По околу 40-ина минути ја минуваме Валавичарска река - прво така - од камен на камен, а потоа имаше и мало дрвено мосте. Веднаш по мостот имаше чешма - тука ја направивме првата кратка пауза.


пауза кај Валавичарска река

Од ова место продолжуваме по снег - снегот е дебел во почетокот од 30 cm па се повеќе - но е тврд - не пропаѓа воопшто. Се уште е рано наутро и студот си го прави своето. Но Даут ни кажа дека претходните денови неколку дена паѓал дожд кој придонел снегот да се стабилизира и зацврсне. Во секој случај - беше вистинско уживање да се оди по снегот без да пропаѓаат нозете. Бргу напредуваме. Почнуваат да се гледаат околните врвчиња - прво Куртово Ќуле (од десно) и убавото врвче Скала (од лево). По некое време излегуваме на огромната снежна пољана наречена Голема Планина.


на Голема Планина - прекрасен цврст снег

До овде беше топло - се движевме по сонце, па некои од нас се соблекоа по кратки ракави. Но овде на Голема Планина почна да се чувствува ладно струење, па се облековме подобро. Само што појдовме малку нагоре, бевме изненадени од глетката пред нас - остатоци од течењето на една огромна лавина. Како што одевме нагоре - станувавме се посвесни за големината и моќта на она што се случило - како некој да направил автопат или корито на река како Вардар во снегот. Имаше расфрлани илјадници тврди снежни блокови и грутки со големина (во пречник) од по метар, два, па и повеќе. Ако наиде на тебе вакво нешто - нема спас. Потоа дома проверив на GPS записот - должината на текот на лавината беше околу еден километар.


по коритото од лавината

По коритото од лавината се искачувавме нагоре - во правец на гребенот - планината Иноска. На половина пат до гребенот, се уште по текот на лавината - застанавме и направивме пауза за појадок, дека тука беше завет и не дуваше ветар. Сонцето прилично печеше па повеќето луѓе се намачкаа со заштитни креми.

Од тоа место започна завршното искачување кон гребенот, стануваше се пострмно, снеот понекогаш прилично тврд. Дојде моментот кога постоеше опасност некој да се лизне, особено оние што имаа чевли со помек ѓон. Застанавме и ставивме дерези, па така продолживме понатаму. Стрмнината беше прилична, така да добивме впечаток дека сме на некое искачување на Хималаите, Пакистан... особено на тоа влијаеше и лавината, со која добивме впечаток како да одиме преку глечер.


нагоре кон гребенот


во завршниот дел на искачувањето кон гребенот

Штом излеговме на гребенот, поточно прво на седлото помеѓу главниот гребен и врвот Скала, извици на воодушевување - ги здогледавме прекрасните врвови Веливар и Голем Крчин - навистина величествени, Врливар и патот до него збогатен со многу големи снежни стреи. Зимска убавина.


Веливар (десно) и Голем Крчин (лево)

Сега продолжуваме по седлото кон гребенот. Секаде снежни стреи, но се упативме кај делот каде стреата е најмала и релативно лесно правиме премин и излегуваме на гребенот, на висина од околу 2150 m. Одиме понастрана (подесно) од работ, знаејќи дека стреите се многу големи - да избегнеме опасност од рушење на некоја стреа. По околу 10 минути кога се свртев да ја видам групата како се движи, забележав како се руши дел од стреа - сам од себе, таму немаше никој од нашите луѓе. Не беше баш пријатно чувството кога си замисливме што би се случило да имаше луѓе таму.


излез преку малата стреа на гребенот


колоната и големите снежни стреи на пат кон Веливар

Патот кон врвот оди на на три нивоа - мислиш дека ова е врвот, па кога ќе се качиш таму, гледаш друго брдце. Е дури третото е вистинскиот врв. На врвот стигнуваме во 11:10 - значи дека околу 4h40min ни беа потребни за искачување. Полека групата се собира. Уживаме во погледот на сите страни : Дебарско Езеро, Охридско Езеро, Галичица, Јабланица, Пелистер, Ниџе, потоа Стогово, Караорман. Од другата страна целиот масив на Кораб со Шупла Стена, Дерза, Мал и Голем Кораб, Кабаш, Рибничка Скала. Во далечината убаво се гледаа врвовите на Проклетије. Шар Планина... На моменти речиси и немаше ветар, за да потоа пак се појави, но не многу силен. На врвот одмаравме околу половина час, се сликавме заедно па решивме да се враќаме полека назад.


Дебарско и Охридско езеро од врвот Веливар


групата на врвот Веливар (2373 m)


поглед кон Крчин и Стогово од Веливар

На враќање поголемиот дел од групата се вратија по истиот пат назад, додека една група од 7 души појдовме кон врвот Скала - убаво стрмно врвче на кое оддамна сакав да поминам. Интересно патешествие имавме, убави стрмнини, прескокнување преку потоци со високи ѕнежни ѕидови - вистинско уживање.


на враќање назад - поглед кон масивот на Кораб


снежните стреи, Веливар, Крчин


прекрасниот Голем Крчин - северна страна


Без многу брзање - околу 15:30 часот сите се прибравме во Жировница на редовната посета во слаткарата. Малку разговор со домаќините на кои сме им бескрајно благодарни за се што сторија за нас. Потоа - презадоволни од одлично изминатиот ден - во коли и накај Скопје.



Технички податоци :

Должина на патеката: 21 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1550 m
Максимален успон : 40 %, просечен успон : 15 %



патеката на движење


висински профил на патеката


Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/DeshatMountainVelivarPeak

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов,
Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje