Патишка Река - Убава - октомври 2006
- Патишка Река - Убава - Салаковски езера
На 15-ти октомври 2006 година една група од 30-ина планинарки и планинари појдовме од Скопје со мини-бус и со две-три патнички возила кон Патишка Река (955 m.).
Таму бевме околу 8 часот. Теренот не ни беше многу познат, поточно за прв пат одевме натаму. Во групата имаше неколку луѓе кои претходно биле на овој терен но не беа сигурни за да ја водат групата. Сепак наскоро ја најдовме патеката и се упативме нагоре - кон првата битна точка - Крвеница - на висина од околу 1250 m.. Денот беше прекрасен, скоро цело време имавме сонце - глетката по околните врвови беше величествена. По пат имаше дрварчиња со коњи кои одеа нагоре на крадење дрва, па Ѓоко се качи на едно коњче за да ни ги покаже своите јавачки способности.
На почетокот на патеката
Ѓоко на коњче
Поглед кон околните врвови
.По кратко одење стигнуваме до месноста Крвеница каде се наоѓаат две големи ливади. Потоа навлегуваме во еден шумски појас со мешана борова и букова шума.
Ливадите кај Крвеница
Продолжуваме низ шумата и по некое време стигнуваме до висина од околу 1600 m каде завршува шумскиот појас. Тука свртевме десно и нагоре, во правец на сртот, односно тоа е почетокот на Етемов рид..
Вртиме десно на висина од околу 1600 m. Во позадина е Долни Пепељак.
Потоа требаше да одиме баш по сртот на Етемов рид до Горни Пепељак, но испадна да не одиме таму туку нешто пониско, поради што последниот дел беше стрмно искачување под самиот Црни врв. Добро беше што секаде околу нас имаше многу боровинки, така што повеќе гледавме долу во боровинките, отколку нагоре кон целта.
Етемов рид (десно). Во подножјето се гледа Патишка Река. Околу 2000 m.
Под Црни врв (десно). Поглед кон Горни Пепељак.
По искачувањето на Црни врв (или минувањето под него), се појавува Убава во својата големина - една голема купола која треба да се искачи. Полека продолжуваме понатаму. Тука се отвора поглед на сите страни - Солунска Глава, Лисец, Китка, се гледа Скопје - на другата страна Шар Планина - целиот низ - прекрасно.
Убава (2352 m). Поглед од Црни врв.
На врвот Убава (2352 m). Позади се гледа Солунска Глава.
Тука чекаме да се собере групата. По едно половина час поаѓаме кон Салаковски езера. Тие се навистина блиску. После Убава се простира едно големо плато со неколку поголеми врвови што штрчат над платото - највисокиот врв во околината е Караџица (2473 m). Од левата страна (југо-источно) на Убава се наоѓаат двете езерца. Не се спуштивме до долу туку горе се сликавме со нив како позадина. Направивме пауза за ручек од 30-40 минути. Потоа појдовме назад.
Поглед од Убава. Лево - Остри врв, центар - Караџица
Групна слика на Убава
Назад - Солунска глава. По првиот врв се наоѓаат Салаковски езера
Салаковски езера.
Групна фотографија со езерата во позадина.
Платото после Убава. Највисокиот врв е Караџица.
Поглед на запад. Врвот Врти Гол - поназад - Мирска Вода. Во позадина е Шар Планина.
Поглед од Убава кон северо-запад. Долу е Патишка Река. Лево - Горни Пепељак и патеката по која дојдовме.
На хоризонтот - Шар Планина - најлево - Љуботен.
Се враќаме назад пак откај Црни врв и Горни Пепељак - само сега одиме надолу по сртот - Етемов рид. И ова не беше баш најпријатно за нозете поради тоа што целата падина беше обрасната со ниски смреки кои пречеа при одење. Околу 18 часот стигнуваме во Патишка Река, изморени но среќни поради убавата тура и прекрасното време што го имавме во текот на целиот ден.
За оние кои сакаат да ја видат и download-ираат картата од овој предел со изминатата патека, може тоа да го сторат стискајќи <<тука>>.
За GPS записот download - во gpx формат - <<тука>>, во gdb формат <<тука>>, а во mps формат <<тука>>.
Должина на патеката во еден правец - 8.5 km - висинска разлика - окoлу 1400 m.
Профил на патеката Патишка Река - Убава - Сал.езера и назад.
Трајче Панковски
|