Јакупица : врв Убава - зимско искачување - 11 март 2012
Во недела - 11 март 2012 година се одржа една од помасовните зимски акции на нашето планинарско спортско друштво. Имавме гости од ПД Балкан од Белград, Србија, и тројца членови на АК Матка Скопје - вкупно 28 учесници. Поаѓање од Скопје во 6 часот од кај железничка станица. Превоз организиран со две комбиња кои не возат по тмурното облачно утро во правец на селото Патишка Река. Како што се приближуваме до селото, на коловозот почнува да се појавува снег и мраз - но сепак, со неколку пролизгувања, стигнуваме на паркингот пред селото и се подготвуваме за отпочнување на пешачкиот дел од акцијата.
на паркингот кај село Патишка Река
Во селото има доста снег. Излегуваме од селото - планот за денес е да минеме од страната на Горни Пепељак и Црн Врв и да стигнеме до врвот Убава. Тесна изгазена патека води над селото - до блиското бачило. Таму беа сместени овци и како што се приближивме, ни истрчаа четири големи шарпланици - со лаење и вртење кругови околу нашата група. Но бидејќи бевме голема група, без поголеми проблеми минавме покрај нив и се упативме нагоре низ патеката низ шумата. Патот од бачилото нагоре е комплетно неизгазен - ние ги правиме првите стапки во снегот. До висина од околу 1300 метри одиме низ снегот кој пропаѓа околу 15-20 cm. Потоа почнува да пропаѓа и повеќе, па затоа Ристе од АК Матка ги става турно скиите, а оние од нас кои носиме снегохотки ги ставивме на чевллите и поаѓаме напред, колку-толку да ја истапкаме патеката за остатокот од колоната. Повремено правиме мали паузи - поради свежото време не е можно да се прават поголеми паузи - почнува да студи. Времето е облачно, прска ситен снег.
колоната се движи низ снегот
излез од шумата - Етемов Рид
Излегуваме од шумата и по многу мала видливост одиме по широкиот гребен на Етемов Рид - на некои места со камења и карпи. Ориентацијата е скоро 100 % со GPS - видливоста понекогаш е само неколку метри.
На висина од околу 1800 метри времето ни се насмевнува, се појавува сонце и се отвора дупка во облаците низ која може да се види Остри Врв. Застануваме да направиме мала пауза. Се појавува ветар и мораме да извадиме од ранците уште појака заштита, јакни, капи, ракавици, очила. Убавото време трае 5 минути и потоа пак се потонува во белило.
мала пауза кога малку се расчисти времето и се гледаше Остри Врв
Продолжуваме по Етемов Рид и наскоро излегуваме на гребенот на Горни Пепељак - тука сме изложени на посилен ветар а видливоста е многу мала. Снег има доста и поради стрмните падини од двете страни се движиме баш по гребенот - на кој има доста карпести делови - но така е најбезбедно. Полека, полека, дувани од ветрот и од ситниот снег што постојано паѓа - стигнуваме до врвот Црн Врв. Следува мало спуштање до седлото под самиот врв Убава и потоа кратко но стрмничко искачување до самиот врв. На врвот колоната пристигнува речиси компактна, што е навистина одлично за вака голема група и за вакви временски услови - доказ дека сите во групата се во добро физички подготвени. На врвот сме во 12:15 часот. Тука дува уште посилно, па затоа се задржуваме кратко, да се фотографираме, некој набрзина каснува нешто. Почнуваме да го чувствуваме студот, па затоа поаѓаме полека надолу. Додека се спуштаме, последните членови на групата пристигнуваат на врвот и тие многу бргу поаѓаат по нас надолу.
пристигнување на колоната на врвот Убава
на врвот Убава - насмеани лица на ладниот ветар
по кратко задржување на врвот - спуштање надолу - поради ветрот
Се враќаме полека надолу, по истите наши стапки. Некаде после Горни Пепељак, кога се спуштаме под 2000 метри, ветрот попушта и можеме порелаксирано да се движиме надолу. На два наврати си правиме паузи - за да јадеме и да пиеме. Имаме доволно време за враќање.
одмор во шумата - на враќање кон селото
На враќање некои од групата побрзаа кон селото но кај бачилото имаа блиски средби со шарпланинците - некои успеале да минат, некои без спречени па мораа да се вратат. Решивме остатокот од групата да не ги провоцираме кучињата кои си ја вршеа таму својата должност - да ги чуваат овците - па избравме малку позаобиколно патче и така се спуштивме во селото. Околу 16:30 часот бевме во селото каде веќе не чекаа комбињата. Си ги потсредивме малку ранците и наскоро сите бевме на пат кон Скопје.
Акцијата беше успешна, иако по не многу поволни временски услови, но добрата и дисциплинирана група придонесе акцијата да помине во најдобар ред и затоа потоа сите беа задоволни - свесни дека понекогаш планината треба да се доживее и од нејзината малку посурова страна.
Технички податоци :
Должина на патеката : 15,5 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1400 m
Макс.процент.успон : 34 %, просек 17 %
измината патека
профил на патека
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/JakupicaUbavaPeak#
Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Александар Буцевски, Трајче Панковски
|