Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Држилово-Убава - 06 декември 2009

Поттикнати од желбата на Васко да го посети овој крај, а и од внатрешниот порив сепак да се проба една нова, малку поинаква патека, со Марин направивме план да одиме до Убава (мислевме и до Салаковски езера), но поаѓајќи од село Држилово. Како стартна точка беше во игра и селото Елово, кое е многу блиско до Држилово, но сепак изборот падна на Држилово. Ги нацртав можните патеки и ги снимив во GPS-от.

Во саботата Марин ми соопшти дека Васе не се чувствувал баш добро и дека нема да дојде, така да во последен момент се приклучи и Душко - проверен искусен планинар кој со Марин беше заедно на Килиманџаро.

Во недела во 6 часот поаѓаме од Скопје. Попатно одиме до Драчево да го земеме Душко и се упатуваме по патот што води кон Марков манастир. На околу километар - два понатаму скршнуваме лево по патот за Патишка Река и Држилово. По десетина километри се одвојува патот лево и по три километри возење стигнуваме во село Држилово кое е на висина од 850 метри. Село со околу 80 куќи - населението - македонци муслимани и се покажа дека се многу пријатни и гостољубиви луѓе. Во 7 часот наутро додека баравме каде да ја паркираме колата, на патот се појави господин Исмаил и кој по краткиот разговор ни понуди да ја паркираме колата кај него во двор - некои двеста метра погоре од центарот. Дури му се јави по телефон на синот (го разбуди) за да не пречека. Ги земама ранците и поаѓаме над селото на долгиот пат што не очекува. Однапред знаевме дека има околу 12-13 километри во еден правец и 1500 метри висинска разлика.


село Држилово се буди - недела наутро

Е сега патот беше многу интересен, шумски пат, се гледа дека е масовно користен од луѓе, добиток, камиони за сеча на дрва. На многу места кал, ама КАЛ, не обични вирчиња. По десетина минути еден друг селанец ни покажа една кратенка низ шумата да не ја газиме калта цело време и тоа ни заштеди едно 15 минути газење кал. Но погоре пак излеговме на патот и - немаме друг избор - по калливиот пат натаму.


калта на патот


и уште кал


и уште повеќе кал

Е потоа едно момче што веќе се враќаше од дрва ни кажа каде треба да се одвоиме од шумскиот пат за да се упатиме кон Долни Пепељак.


одвојувањето на патот кон Пепељак


прекрасната мов

Одиме по убава букова шума, долу паднати лисја, одвреме навреме ќе наидеме на прекрасни камени блокови богато обраснати со сочна мов. Пак сретнавме луѓе кои се враќаа со своите коњчиња од собирање на дрва. По некое време патот оди на лево во близина на долот низ кој тече поток кој понатаму оди кон Елово и се влева Маркова река која извира од кај Салакови езера и тече низ селото Црни врв.


две елки


во близина на потокот - соседното брдо на карта е наречено Скочац

Веќе се доближуваме до горниот дел од шумата, таа се проретчува и на висина од околу 1500 метри излегуваме на една ливада на која има и камења, по некоја карпа. Ги заобиколуваме карпите од десната страна и се качуваме нагоре и влево во правец на сртот на Долни Пепељак. Времето е облачно но веќе се наоѓаме во облакот па видливоста е намалена, се облекуваме малку подобро, ставаме нараквици. За ориентација го користиме искуството, а и GPS-от се покажа како извонредна алатка за услови на ваква ограничена видливост.
По неколку мали сртчиња наидуваме прво на едно, а потоа уште на една мало езерце - на обете им беше подмрзната површината.


подмрзнатото (прво) езерце и Душко покрај него


заладува, тревата е со иње

Погоре на тревата има доста иње како да е снег. На висина од 1900 метри веќе почнува вистински снег. Јас застанувам на кратко за да ги облечам зимските чевли. Се уште сме во густ облак. Еден момент дури падна предлог дали можеби не е подобро да се вратиме, дека ништо не се гледа. Но имајќи го GPS-от знаевме дека нема шанси да се загубиме, а се уште постоеше надеж дека можеби ќе се појави сонце. Особено тоа важеше за Душко кој веќе по трет пат во последните неколку недели е на овие предели и секогаш го дочекува магла и облаци.


во магла и снег


сонцето почнува да ѕирка

По патот гледаме свежи траги во снегот, воглавно од волци, но одвреме навреме и од мечка. Трагата од волкот не следеше (поточно испадна дека ние ја следиме) цело време - очигледно дека и тој си правел тура до Убава.

На висина од 2100 метри - изненадување - сонцето блесна и се она што беше под нас исчезна - овде друг свет - сонце, убавина. Во далечините се што е над 2100 метри ѕирка - Шар Планина, Кораб, Дешат, Крчин, на исток Рила.


врвот Убава пред нас


Душко и Марин


Трајче и Душко


Шар Планина во далечините

Но снегот станува подлабок - на места е цврст, но почесто пропаѓа по едно 15-20 цм, а некогаш и до колена. Со малку успорено темпо, но без никаква пауза освен кратките за по некоја фотографија, продолжуваме нагоре, знаејќи дека мораме да брзаме за да на враќање не не фати мрак.


последните 250 висински метри


Солунска Глава

Во 12:20 стигнуваме на врвот. Дува ветар, но прекрасно е - се отвора поглед кон Солунска Глава, Караџица и другите врвови на таа страна. Тука сме околу 10 минути за да се сликаме и да разгледаме и бргу поаѓаме назад.


Душко на врвот позади - Шар Планина


Марин на врвот


Марин и Душко на врвот - позади Солунска Глава


Трајче и Марин на врвот


врвот Караџица


Душко со Солунска Глава зад него


поглед кон Остри врв


на враќање - се уште над облаците


интересен оптички феномен - ореол


ореолот на Марин - како што се движиш ореолот се движи со тебе

Повторно истата патека назад - брзаме колку што можеме - правиме пауза од 5 минути за да каснеме по пола сендвич и подолу - кај карпите под Пепељак - за да се пресоблечеме - ги соблеков зимските чевли дека ми беше жал да ги прљам во снегот. Надолу на неколку пати поттрчнував за да ги стигнам Душко и Марин. Се беше во најдобар ред и во 16:05 стигнавме во селото. Колата не чекаше во дворот на Исмаил, ќерка му се појави да не испрати. Уморни, но задоволни од комплетно исполнетиот ден - поаѓаме со колата кон Скопје.

автор : Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje