Годинава честа да учествуваме на UTMB (Ultra Trail du Mont -Blanc) ја имавме тројца членови на ПСД Макпетрол, Јовица Јованчев, Светлана Стојаноска и и јас Жикица Ивановски. Како и секоја година оваа трка со должина од 168км и 9600м +Д започнува и завршува во Шамони (ако тоа го дозволуваат временските услови). За среќа на ова дванаесетто издание временските услови ни беа доволно наклонети па имавме прекрасна шанса да трчаме и уживаме по оваа епска рута која води од Шамони во Франција преку Кормајер Италија, Шампе-Лак Швајцарија и повторно во Шамони (за разлика од 2012 год. кога со Трајче учествувавме на скратеното издание од 106км исклучиво во Франција). Самата трка е вистински магнет за огромен број ултрамаратонци од целиот свет, оваа година имаше претставници од 77 нации, и секако за најдобрите атлети на овој спорт. Лимитот на пријавени натпреварувачи изнесува 2300.
на пат кон Франција
Уште со самото пристигнување во Шамони непредвидливото време ни даде до знаење дека до самиот почеток на трката ќе не држи во неизвесност. Два дена пред стартот на трката уживавме во прекрасното време кое го искористивме за два кратки тренинга и прошетка до Анеси, прекрасен езерски град на одалеченост од 80км западно од Шамони. Но двата дена убаво време значеа и нестабилни временски услови за време на трката. Прогнозите беа доста променливи но сепак организаторот беше решен дека ќе се трча оригиналаната рута што беше и еден вид сигурен знак дека нема да бидеме сведоци на лоши временски прилики.
ситуацијата на повисоките делови од планината
Логото на трката со 77 земји учеснички меѓу кои и Македонија
тренинзи пред трката
Како што растеше притисок пред старт кај сите нас така паѓаше атмосферскиот притисок и дождот беше неминовен. Само што ги облековме јакните збуткани во масата од 2300 луѓе дождот престана само за кратко пред да биде означен стартот. Тргнавме во маици по кратки ракави и покрај тоа што знаевме дека ќе бидеме водени до коски но сепак подобро отколку да застануваме понатаму имајќи во предвид дека првите 8км до Ле Зуш беа релативно рамни и лесни за трчање. По Ле Зуш следуваше едно стмно искачување каде сеуште имаше доста луѓе и спуштање во Сент Жерве (21км). Некои публиката таму ја споредуваат со онаа на Тур де Франс па дури и полуда. И не се далеку од вистината. На целиот тој дожд речиси цел град е на улиците за да ги бодри тркачите. Потоа претстоеше едно и не така благо искачување како што беше прикажано на профилот до Ле Контамин (30,7км). И како дежа ву повторно бев во 2012 година. Почнав да ги препознаван некои одредени места, патеките, камењата...
плоштадот во Шамони каде е стартот и целта
тесните улички во Шамони
На ред беше искачување до Кол ду Боном (2325м) и домот Боном (2439) и тоа 15км со 1300м +Д. Луѓето овде се проретчуваа и имаше доволно место за движење. За среќа на овие места дождот веќе беше прекинат и немаше студен ветар. Во Шапио (49,4км) следуваше проверка на дел од задолжителната опрема, телефон и јакна.
Втората по висина точка Кол де ла Сењ (2502м) беше наредна за искачување. Беше тоа долго но не така стрмно искачување после кое следуваше спуст до езерото Комбал (1970м) и уште едно дополнително искачување до Аре ду Монт-Фавр (2417м).
Кормајер (1195м) беше означен како половина трка и место каде што можеше да се подигнат „дроп-бегови“. До него водеше еден исклучително стрмен спуст со безброј серпентини. Затоа пак спортската сала каде што беше контролната точка нудеше доволно удопства од храна, течности, туш па дури и кревет. На излегување од контролата се сретнав со нашата подршка (Тена, Ивана и Ице) што е особено важно при вакви долги дистанци. Од спортската сала по мала тура низ градот патеката веќе води по едно стрмно искачување кон домот Бертон (1979м) од каде што можат да се видат и првите пејсажи кон Мон Блан кои траат се додека не се пројде домот Бонати (2015м) и постојано те наведуваат да запреш и да се свртиш назад. Овој дел од домот Бертон до домот Бонати е речиси изохипса и прекрасен за трчање. Вистинска дефиниција што е трејл трчање. Уште малку движење по изохипса и потоа краток спуст до Арнува (1786м). Од таму следи искачување до највисоката точка Гранд Кол Фере (2525м). Натпреварувачите во овој дел се сосема ретки и е виситнско задоволство доколку имате некој во друштво. Искачувањето само по себе и не е толку напорно колку што се напорни и долги спуштањата посебно долгото спуштање до Пра де Форт (1161) преку Ла Фоли (1600м).
Доколку некој од нас беше убеден дека втората половина од трката е полесна дури и најмалите искачувања и спуштања го демантираа во тоа. Стигнувањето во Шампе-Лак (1465м) е вистинско олеснување по изминати 122км. Течности и храна (познатата пита со боровинки на Леон) во изобилство, твојата подршка во близина а ти знаеш дека мораш брзо да тргнеш кон следното искачување за кое се молиш да дојде што побргу. Кога ќе стигнеш некаде кон врвот и ќе здогледаш неколку селца/гратчиња мораш да се убедиш дека она подалечното е секогаш место каде што има контролна точка. Така беше и со пристигнувањето до Триент (1303м) преку Ла Жиет (1884м). Од таму остануваат уште 30км и две доста напорни искачувања. Најпрвин Катоњ (2034м) чие стрмно спуштање води до Валорсин (1270м) а потоа искачувањето на Тет о Вентс (2127м).
Но искачувањето на Тет о Вентс не значи и крај на трката. Посебно ако следува некој технички дел исполнет со огромни камења како што беше патеката до Ла Флежер (1863м). Од таму до Шамони водеа само 8км по доста напорен спуст исполнет до многу корења и камења во првиот дел додека вториот дел беше поширока патека. Никогаш не си сигурен дека си при крај се додека не стапнеш на улиците на Шамони. Ние со Јовица го направивме тоа после полноќ кога улиците на Шамони не беа толку исполнети но доаѓањето на Светле некаде околу пладне беше вистински спектакл. Посебно впечатливо беше пристигнувањето на последниот натпреварувач кој позади себе ги имаше големиот број на волонтери кои го пратеа до финишот. Како посебно херојски моменти од овој УТМБ би ги издвоил обидот на слепиот човек кој се обиде да го заврши овој ултрамаратон но поради лизгавата подлога беше спречен и нашите тројца пријатели од Бугарија кои стигнаа само еден час пред трката и успешно ја завршија.
Светлана пристигнува на целта
Шамони - прогласување на победниците
нашата екипа на UTMB 2014
Нашите времиња беа следни: Жикица Ивановски 31:46:05 (155 место), Јовица Јованчев 32:46:32(189 место) и Светлана Стојаноска 44:59:29 (1364 место во генерален пласман и 84 место од 114 жени кои финишираа). Инаку трката ја завршија 1581 натпреварувач.
Голема благодарност до ПСД Макпетрол, Општина Струга, Златара ВАМИ, екипата која беше со нас на самата трка и сите Вие кои со мислите бевте со нас!
Автор : Жикица Ивановски