Од игла до локомотива - од идеја до реализација... Пред нецели две години - некаде во декември 2010 година низ глава на Зоран Димов му пролета идејата да пробаме да се пласираме за најпознатата и една од најтешките светски ултра-планински трки - single stage - значи што се поминуваат без прекин, без повеќе етапи. Тогаш тоа ми изгледаше недостижно, но си реков - ајде да пробаме. По Facebook пратив отворена покана за сите оние кои се чувствуваат спремни да се обидат со овој голем предизвик - сериозен одговор добивме уште од Жикица Ивановски од Штип, нашиот долгогодишен пријател алпинист, тркач, велосипедист. Во изминатите речиси две години трениравме напорно, правевме трки, истражувавме нови терени и во летни и во зимски услови. Учествувавме на неколку трки во странство за да освоиме потребн поени за пласман на UTMB. И самиот потребен број на поени не е доволен - за околу 2400 места оваа година конкурираа 4500 белосветски лудаци - сите со доволно освоени поени. Но имавме среќа и влеговме во избраните - Македонија за прв пат има претставници на оваа трка која ја сметаат нешто како своевидна олимпијада за овој наш спорт - место каде се собира светската елита. Проектот дојде до својата завршница. како многу пријатна нуспојава - бројот на trail тркачи во Македонија значително се зголеми - и - се решивме ние да бидеме организатори на слична трка во Македонија и ние да почнеме да градиме традиција во овој спорт. Зоран Димов сепак се реши да не дојде на UTMB туку да настапи на Светското првенство на трчање на 24 часа кое се одржува овие денови во Катовице - Полска. Така јас и Жико тргнавме за UTMB.
Од Скопје не испратија пријателите во вторник околу полноќ - со автобус прво да Белград, па потоа пак со автобус до следното утро (четврток). Автобусот одеше кон Лион, ама го замоливме да не остави веднаш по тунелот под Мон Блан - оттука имавме некои 3 km до Шамони. Во автобус се сретнавме со Бојан Дулејан - единствениот претставник од Србија оваа година. Идејата ни беше да спиеме во шатори - дека за повеќе немавме пари. Арно ама времето врнежливо, најава за уште повеќе дожд, пониски температури. А за пред ваква трка најважно е да си добро наспан. А и во еден камп што прашавме рекоа дека нема ниту едно место. Појдовме до едно домче - нешто помеќу хостел и планинарски дом на 1,5 km од Шамони - Alpenrose - во него порано преспивале алпинистите меѓу кои бил и Жико. Многу учтиво ги замоливме газдите (кореанка и кореанец) да не примат било каде - па тие се сожалија и ни дадоа еден подрумски простор - заеднички простории каде има и телевизор - за нас тоа беше идеално - покрив над главата, топло, имаше горе и кујничка во која можевме да си зготвиме храна. А цената 1 евра по ден - исто како и во кампот со шатор.
По сместувањето појдовме во Шамони - веќе врне ситен но постојан дожд. Чекаме на ред за да ни ја проверат задолжителната опрема што мора да ја носиме во ранец за време на трката и да земеме стартни броеви. Се чека - станува збор за илјадници учесници. Но сепак релативно бргу ги минуваме тие процедури. Користиме прилика да ставиме од рекламните флаери за нашата трка KMUT на една маса каде и други ги рекламираат своите трки.
Потоа по дождот одиме да го посетиме саемот на спортска опрема, пред се за trail running и а алпинизам. Сите познати светски марки, сите цени да те заболи глава - како дете пред слаткарница си прошетавме па си се вративме во нашиот "хотел" да јадеме и да одмараме доволно за да имаме сили следниот ден за досега најзначајната трка во нашите кариери.
на саемот на спортска опрема
За следниот ден стартот на трката беше закажан за 18 часот. Некаде околу 14 часот, ние веќе спакувани и спремни за трка - стигнува на сите по SMS информација дека организаторите решила да ја променат и скратат патеката - поради исклучително лошата временска прогноза. Имено, во горните делови, над 1700 m се очекуваат врнежи од снег, засилен ветар и температури околу -5 / -10 степени. Трката се скратува од 168 на 103 km со висинска разлика од 9500 m на 6000 m. И наместо во три држави - Франција, Италија и Швајцарија - ќе се трча само во Франција.
Со помешани чувства се помируваме со овој факт. Подоцна разбравме дека некои од главните ѕвезди се откажале од оваа трка - не биле ментално спремни за пократка трка - некои од нив веднаш со авиони фатиле по други трки - кој на Корзика - кој во Австрија. Ние немавме таква можност, па си се помиривме со тоа што ни се понуди. Сепак веруваме дека организаторите знаат што прават - безбедноста на натпреваувачите е од првостепено значење.
Стартот беше поместен за 19 часот. Ние околу 16:30 часот сме веќе во Шамони. Одиме на ручек - повеќе беше закуска - Pasta party. Потоа прошетавме околу стартот - но бидејќи беше врнежливо и ладно, се пикнавме во една пицерија за да го чекаме времето за старт и за да се дојадеме.
Pasta Party пред старт на трката
Macedonian Trail Running Team (M-TRT)
сите сме собрани и чекаме старт
поглед на непосредната околина - тазе снег од претходниот ден
Половина час пред стартот доаѓаме на малото плоштатче кое е претесно да ги прими сите натпреварувачи и нивни пријатели дојдени да ги испратат. Сега не врне дожд - се надеваме дека можеби полесно ќе поминеме. Почнува церемонијата на отварање - градоначалникот, овој, оној, па претставување на фаворитите, па - бидејчи е ова 10-та година на трката - јубилеј - потсетување на изминатите години. И на крај - познатата песна од Вангелис која потоа уште три дена ни се муваше низ главите на сите што бевме таму - одбројување и старт. Поаѓаме полека - гледаме од големата гужва да не се сопнеме. По некои 5 минутио почнуваме со трчање - излегуваме од Шамони во правец на југо-запад - прво малку по асфалт, потоа по trail - убава патека паралелно со асфалтот која полека оди горе-долу и овозможува релативно брзо трчање - одвреме-навреме по некое вирче вода, малкукал - одлично загревање за она што подоцна не чека.
на почетокот - низ улиците на Шамони
По околу еден час трчање минуваме преку еден мост на убавата и брза река Arve и полека се приближуваме до гратчето Les Houches - место кое е познато дек од таму поаѓа возчето за стандарното искачување кон Мон Блан. Не чека бројна публика крај патот и со аплаузи и извици "Allez, allez..." не бодрат. Малку над гратчето почнува посериозен успон и почнува да врне. Навлегуваме на земјена подлога - повеќе е кал отколку земја - нешто што ќе не следи речиси до крајот на трката. Наскоро и се стемнува - ги ставаме челните лампи на глава и одиме нагоре. Успоните на оваа трка се значајно - траат од 5 до 20 километри во должина и се по од 500 до 1700 метри во висина во континуитет. На висина од околу 1700 метри дождот е заменет со снег - на моменти баш го вее. Понекогаш студен ветар, лизгав терен.... Многу работи кои по крајот на трката се забораваат. Знам дека лампата ми беше слаба и во маглата едвај гледав што има пред моите нозе и бев спремен секој момент да нагазам на карпа или да се лизнам - сето тоа бара додатен напор и концнетраија. Но ете, до крајот и јас и Жико сме успеале да не паднеме ниту еднаш, а околу нас богами ретки беа тие што не паднаа.
почеток на искачувањето над Les Houches
колона во ноќта
окрепителна станица со храна и пијалоци во Saint Gervais
пред гратчето Les Contamines - луѓе не чекаат и бодрат во ситните ноќни часови
снегот вее...
... колоната си врви
Некако мина ноќта - не е веќе онаа кратка летна ноќ - сега ноќта е подолга - овде во Франција дури околу 6:30 стана доволно светло за да се исклучи челната лампа. По ситен дожд пак се искачувам кон Bellevue - ништо немаше од убавиот поглед - само облаци - тоа е делот каде минува возчето кон Мон Блан - некаде на висина од 1800 m каде има и еден планинарски дом. Тука мала закуска па исклучително лизгаво-калливо спуштање надолу - за околу еден час сум во les Houches повторно - таму мал одмор - колку да ги извадам камчињата од калливите патики и да каснам нешто што нудеа. Веќе неколку часа има стомачни грчеви и пролив - ама се борам да издржам до крајот - веќе има уште околу 31 Km до крајот.
возчето за Мон Блан
кал, кал, кал...
По Les Houches следува успон по асфалтен пат во должина од неколку километри. Си се надевам (а и другите ги гледам слично реагираат) -еве уште оваа угорница па полека ќе се спуштиме прво до Argentierre и потоа до финишот во Chamonix. Нема врска - на два-три пати се спуштаме ниско, па пак се искачуваме, со еден исклучително брутален успон со висинска разлика од 500 m а просечна стрмнина 42 %, со максимални 53 % во еден сегмент. Тука многу луѓе испоседнаа да одмараат - ова им беше "капак". Јас на едни им велам - "организаторот најубавото ни го оставил за на крај". - Се смеат. Тука сретнав и една група од неколку натпреварувачи од Хрватска. Сепак - и успоните, иако жилаво, на крај се предадоа. Стигнав до гратчето Argentierre од кое има уште релативно лесни 10 km do Шамони.
кон крајот на патеката
И конечно, по 24 часа и 50 минути моето патешествие заврши. Жико беше далеку подобар - за 17 часа и 17 минути ја завршил својата трка. Се чекаме на целта - сликање, радост - конечно го остваривме нашиот сон и тоа 100 % успешно. Не беше лесно, ама успеавме.
јас по пристигнување на целта
фотографија за историјата - со македонското и клубското знаме
со Cristina и Simone - организаторите на Lavaredo Ultra Trail
Следниот ден беше церемонија на прогласување на победниците по категории, прекрасни моменти за сеќавање. Ние тројцата - јас, Жико и Бојан, два дена накривнувавме и по малку офкавме од болки во нозете, но потоа сме како нови. Спремни за нови предизвици и потфати....
Технички податоци :
Должина на патеката : 106 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 6400 m
Макс.процент.успон : 53 %, просек 10,4 %
изминатата патека
висински профил на изминатата патека