Словенија : Триглав и Нанос (via ferrata) - 15-20 јули 2011
“Гдо има јајца?” – викна младата словенка во планинарскиот дом Кредарица на Триглав, барајќи ги тие што порачале јајца и колбаси за вечера. Сите за момент заќутевме, се погледнавме меѓусебе, и прснавме во смеа правејќи алузии на кажаното.
И навистина требаат „јајца“ за искачување на Триглав, врв на Јулиските Алпи во Словенија, висок 2.864 метри. Особено преку Северната триглавска страна.
Катерина С. даде идеја да одиме на Триглав, а организацијата на патувањето одеше релативно брзо. Катерина го организираше превозот и членството во планинарското друштво МАТИЦА од Љубљана, а јас искачувањето на Триглав и сместувањето по градовите и планинарските домови. Со членството во ПД Матица од Љубљана (24,5 Евра годишна претплата) добивме попусти за сместување во 1.300 планинарски домови низ Европа и Турција, осигурување од незгоди и попусти во продавниците за планинарска опрема во Словенија.
Со комотното возило за 7-мина „Сеат Алхамбра“ на 15 јули 2011 (петок) тргнавме кон Белград каде што се собравме сите: Катерина, Светлана, Јелена, Марјан, Љубиша, Бојан и јас, Горан.
Дел од екипата: Љубиша, Јелена, Светлана, Катерина, Марјан
Утрото, на 16 јули (сабота), после досадното ноќно возење низ Хрватска, веќе бевме во Љубљана, а попустите просто не мамеа да купиме квалитетна планинарска опрема. Попладнето тргнавме кон Мојстрана каде што го посетивме Словенскиот планинарски музеј и набрзу стигнавме во планинарскиот дом Аљажев дом (на 1.000 мнв.).
Моќната Северна Триглавска страна
Не сместија во новиот Шлајмерјев дом, 50-тина метри подалеку од Аљажевиот дом. Пред нас, како огромен камен ѕид, се појави Северна триглавска страна, која изгледаше скоро невозможна за искачување. Вечерта ги подготвивме ранците што ќе ги носиме во следните два дена, а преостанатите работи ги оставивме во возилото.
На 17 јули (недела) во 4 часот наутро, со запалени челни лампи, тргнавме кон Триглав.
На почетокот на искачувањето
Еден од најатрактивните приоди кон Триглав е преминот Врата, односно Праг. Преминот просто не кани да се искачиме на Триглав преку него. Словенците велат дека искачувањето преку Праг е „зело захтевно“, што значи бара планинарско искуство и кондиција. Преминот е испресечен со тесни и стрмни „цик-цак“ патеки по кои изгледа дека се движи само ветрот, а не луѓе. Неколку делови можат да се поминат само висејќи на метални клинови и сајли забиени во карпите. Патеката е добро обележана, со свежо офарбани бели точки, заобиколени со црвен круг.
Атрактивен дел од искачувањето
Истата делница, од друг агол
На неколку места во искачувањето ни се придружуваат и диви кози кои за разлика од нас лесно потскокнуваат по карпите. Застануваме на 2.000 метри и во тишина се воодушевуваме на погледот врз амбисот, од чие дно рано утрото тргнавме. Од горе високите дрва покрај кои утрото поминувавме изгледаат како ниска трева, а бучната река како тенко влакно коса.
Долината од која што утрината тргнавме
Облаците на небото се движеа брзо поради силниот и ладен ветер кој дуваше низ „Вратата“. Набрзо во искачувањето ни се придружија и други планинари, доаѓајќи по патеката по која ние се искачувавме, но и од „Томиншкова Пот“ (по која на Триглав ќе се искачуваме следниот пат).
Патокази
Кога во далечина го видовме многуте планинари, кои ситни како мравки се разминуваат по тесниот гребен на Мал Триглав, заборававме на уморот и продолжувавме нагоре. И сред лето патеката не води преку снег. Како „данок“ за преминување преку „Прагот“ и за првото искачување на Триглав, Катерина „го остави“ нејзиниот мобилен во снегот под Кредарица.
Планинарскиот дом Кредарица
Конечно го видовме домот и ветерниците до него. Во планинарскиот дом Кредарица на 2.541 мнв. се собравме сите и се договоривме, поради релативно доброто време, да продолжиме кон врвот. Во домот закрепнавме со густа супа. Важно : послушајте ја Светле и не земајте Ричет со зелка. Послушајте ме мене и земете Ричет со месо и освежете се со Радлер - пиво со грејпфрут!!!
Пред домот Кредарица, - спремни за Триглав
Ги оставивме ранците, ги ставивме појасите, сетовите за via feratta (или прусици со карабињери) и шлемовите и тргнавме нагоре. Опремата за via feratta е неопходна при искачувањето на Триглав поради тоа што стазата е многу стрмна и опасна. Се случува истовремено по истата патека да се искачуваат и симнуваат планинари, а има само еден метален клин или сајла и за вас и за нив. При искачувањето кон Триглав застрашувачки се две работи; стрмната, тесна, каменита патека, и малите метални табли поставени по карпите на кои се испишани имињата на планинарите кои погинале од удар на „стрела“ – гром на словенечки јазик.
По тесниот срт кон врвот
Но, на врвот на се се заборава. И маката, и стравот и осумте часа искачување. Над нас е само небото и облаците, а под нас околните планини и зелените долини. Триглав, 2.864 метри надморска височина.
На врвот е и Аљажевиот столп - метална куќичка на чиј врв стои годината на нејзиното поставување, 1895. Според кажувањето на словенечките водичи, во постојаната битка за национално докажување пред Австријците, во 19 век, Аљаж, словенечки жупник (свештено лице) дословно го купил врвот Триглав само за да постави знак на словенечки јазик.
Целата екипа на врвот Триглав
Како може да се обележи искачувањето на Триглав? Мобилните телефони функционираат и може да се јавите и фалите, може да ставите печат во планинарската книшка, но само ако сте зеле „јастуче со мастило“ (ние позајмивме од еден словенец). Сепак најинтересно е „крштевањето“ – ве удираат со јаже по задникот, додека со главата сте во куќичката. И некој ве слика. И сите се смеат.
На слегување по истата патека повторно треба полна концентрација. Повторно треба да се употребат сетовите за via feratta (или прусиците). После еден час сме во планинарскиот дом каде со пиво во раката коментираме каде беше најинтересно, дали на Мал Триглав или под врвот.
Шетајќи околу домот, одеднаш некој викна: „Горан, ... Горан Николоски!!“. Се свртив, чудејќи се кој ме познава ваму горе. А, тоа беше мојот пријател, планинарскиот водич од Ново Место, Лојзе Салехар, кој на Триглав водел група негови сограѓани. Вечерта, додека моите „со-планинци“ од Македонија и Србија изморени заспаа, јас со моите словенечки пријатели уживав во словенечките песни, со вино.
Домот Кредарица е добро снабден со храна, а има и течна вода (за миење) и тоалети. Во близина на домот има и капела, каде што дента еден свештеник – планинар одржа миса. Преспавме во мала, тесна, повеќекреветна соба во домот.
Утредента, на 18 јули (понеделник), осамна облачен и врнежлив ден. Заедно со планинарите од Ново Место се спуштивме низ долината Крма до планинарскиот дом „Ковинарска коча“ од каде што со такси го зедовме нашиот „Сеат“ и продолживме кон Љубљана.
Долгата колона при спуштањето низ долината Крма
Долината Крма
Во Љубљана се сместивме во ученичкиот дом „Иван Цанкар“, а вечерта прошетавме низ Љубљана и вечеравме во убав мексикански ресторан (одлична препорака од Катерина С.). Бојан и Јелена заминаа на море во Хрватска, а ние со нетрпение го очекувавме утрешниот ден.
На 19 јули (вторник) продолживме кон градчето Випава, каде што не очекуваше возбудлив ден, искачување на Via Feratta (искачување по вертикална карпа, каде што со појаси и сетови за via feratta се обезбедуваме на металните сајли и клиновите закачени во карпите).
Висорамнината Нанос и „нашата карпа“
Во близината на градот Постојна пред нас се појави висорамнината Нанос, која изгледаше како огромен кит кој плови низ зеленото море. Дојдовме во предградието на Випава, Градишќе, од каде што тргнува обележаната стаза (Форланова пот). Ги ставивме појасите, ги закачивме сетовите за via feratta на појасите, ги ставивме шлемовите и тргнавме нагоре.
Нагоре по вертикалната карпа
Карпите вертикални, а ние висиме на нив. Со прстите баравме испусти во карпите, со едната рака се држевме за сајлите, а со другата за карпите. Светлана почна да вика од возбуда: „Сакам уште, ... леле колку е интересно, ..... цел ден сакам вака, ...“. Се искачувавме нагоре скоро 1 час. Патем се сретнавме со еден словенечки пар кој ни препорача други возбудливи виа ферати во Словенија и Италија. Од врвот се гледаше целата долина на Випава, широк хоризонт, зеленило и во далечина морето (заливот на градот Трст). Надолу се симнавме по стрмна, обележана патека.
„Вселенски опремени“ за via feratta
Навистина е многу возбудлива виа фератата, но само со соодветна опрема и никакви импровизации не се дозволени (никако без појас, без сет за via feratta, без шлем).
Поглед од врвот
Попладнето, како вистински истражувачи, со мапи во рацете прошетавме низ Випава, мал град,, на 50-тина км од Нова Горица, односно 30-та км од Постојна. Во близина на изворот на реката Випава, среде град, во убав ресторан, поминавме скоро 2 часа, уживајќи во сенката на високите дрва и во ручекот.
Изворот на реката Випава
По виулестите патишта со колата се искачивме на висорамнината Нанос, барајќи го планинарскиот дом Војкова Коча (1.250 м.), каде што требаше да спиеме вечерта.
Од врвот на висорамнината Нанос: игра со змаеви и мали авиони
Стигнавме до сртот на висорамнината, каде што во близина на високите репетитори беше и „нашиот“ дом. Но, не ни се допаднаа условите во домот, и се договоривме да преноќиме во Љубљана. Љубљана беше полна со туристи, но најдовме сместување во хостелот Табор, среде Љубљана.
На 20 јули (среда) , утрото тргнавме кон Македонија. Вечерта бевме во Куманово, односно во Скопје. Патем, низ Јужна Србија долго време не следеше двојно виножито. Како убав крај на нашата авантура во Словенија, Триглав и via feratta.
Двојно виножито
Кратка статистика за планинарството во Словенија која може да ни послужи за пример.
За околу 60.000 планинари кои се регистрирани во 263 планинарски друштва се грижат околу 1.500 планинарски водичи. По словенечките планини има 8.240 километри обележани планинарски стази за чие обележување се грижат 836 „обележувачи (планинари кои се грижат за ознаките на планинарските стази)“. Планинарските друштва управуваат со 175 планинарски домови кои имаат околу 6.000 кревети.
Македонија е многу слична на Словенија по површина и по број на жители, но во никој случај не е слична по планинарската инфраструктура.
Автор: Горан Николоски
Слики, Марјан Милановски, Горан Николоски
|