Шарпланинска есенска прикаска - 24 октомври 2010
Имаше повеќе заинтересирани планинари за неделното искачување до врвот Бакардан но на пат тргнаа сите двајца (Перо и Марин). Временската прогноза беше идеална, терминот за поаѓање од Скопје 05:30h, а целта ни беше да го видиме изгрејсонцето, згазнеме и допреме за прв пат оваа есен ново снекче, појдеме до Бакардан, се надишиме воздух, фотографираме, уживаме во се наоколу и така освежени се вратиме назад до 18h, па малку одмор по дома, и потоа вечерта на Jazz, но не испадна така, ама ниту Перо ниту јас не се лутиме, туку би посакале на сите Вас што ќе го читате текстов да Ви се случи нешто слично.
Многу пати сум бил по оваа маршута, ама за прв пат во еден ист ден да доживеам да се поклопат толку убави, и ретки нешта кои остануваат и долго се паметат, а се започна со претрчувањето на средно голем волк на 7 - 8 метра пред нас на патот на едно 5 минути возење после почетокот на успонот од Тетово кон Шапка околу 06h наутро, за да заврши со средбата на паркингот со Лазе и неговите BIKE -Downhill другари кои убавиот ден го искористиле спуштајќи се по Церипашинааааа., а некои скокнале до Лешница и назад, се за полни срца и мераци.
изгрејсонцето...
А почетокот на средината од овој убав ден започна со изгрејсонцето 07h, полната месечина на спротивната страна, па искачувањето по Церипашина, светлината на утрото, покасно на денот, сонцето, свежината, снекчето, кристалниот ден и апсолутно тивко и мирно време како што многу ретко се начекува. Зошто, па затоа што така беше се до Титов врв и назад. По планот требаше да стигнеме до Бакардан, ама кога видовме дека се е на наша страна и кога во 09:17h, на половина успон на Казаните од ниска смрека на метар од мене нешто шушна, ја прекина таа волшебна тишина, ме уплаши и истрча како куршум нагоре кон крајот на успонот еден сочен, средно голем шарпланински зајак и во миг ми излета : ЗАЈАААААК, а Перо веднаш реагираше и зајакот го сними, ама дерењето не. Прв пат на таква височина да видам зајак и тогаш решивме да одиме до Титов врв, а се надевавме дека како ни тргнало има шанса и некоја дивокоза да видиме, но наместо дивокоза на врвот имавме средба со вистински ловци наоружани со вистински пушки и по разговорот на "високо" со нив, а покасно и на спуштање до седлото меѓу Титов врв и Бакардан станавме и другари.
по Церипашина - десно - снекче на Антени - лево Бориславец
Шарпланинската трилогија (Титов врв, Мал Турчин, Бакардан) појачана со Бориславец
Со Перо прв пат сум на Титов врв и ми се чини дека тој беше џокерот за се ова што го доживеавме, а исто тој е виновен и за преубавите фотки кои излегуваа сериски како од неговиот, така и од мојот апарат, а кои еве дел од нив и Вам Ви подаруваме, а тишината и мирот на тој 24.10.2010 останува сами да си ја доловите.
поглед кон гребенот Љуботен - Пирибег - Црн Врв - Кобилица - Вртоп
кој ќе го најде зајакот на фотографијава !?
северна страна на Бакардан
вака изгледаше првата есенска грутка снег
Перо пред Бакардан
Назад Кораб, напред Белоезерски врв, Трапезница, Челепински врв
спреми се за полетување
инспиративен гребен над Кривошијско езеро - назад - Трапезница, па Кораб
Врвот Плат, а меѓу облаците се Вртоп, Мал Вртоп, Трескавец, Кобилица, Црн Врв
Титов врв во есенско издание
Пленот на ловџиите
Мал Турчин, долу флеката од вечен снег, во позадина Бориславец
Карпата на седлото меѓу Бакардан и Титов Врв - споена визуелно со Мал Турчин
на пат назад после Бакардан над Вакаф
Бакардан - се креваат облаци
"оружјето"
на Лазе
Назад по истот пат, долу стигнавме околу 15:30, средување, и полека дома потешки за се ова што го опишувам пристигнавме околу 17h.
на пат кон дома
Технички податоци :
Должина на патеката : околу 20 km
Висинска разлика (успон до врвот) : 1453 m
Висинска разлика (успон во двата правци) : 1886 m
3D GPS-регистрирана патека
профил на патеката - во еден правец
Автор: Марин Стојановски
Фотографии: Петар Герасимов и Марин Стојановски
|