Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Титов Врв - 29 ноември 2009

Недела, 04:15 часот ме буди часовникот и така ми започнува овој ден или поточно уште ноќ, бидејќи во 05 часот со Васко и Лабинот од Тетово по вчерашениот договор треба да одиме за Попова Шапка па одтаму преку Церипашина и Бакардан за Титов врв и назад.

Надвор тивко, суво, темно но многу, многу магловито, што е добар предзнак за добро време на Шара, бидејќи од долгото искуство кое го имам тоа значи убаво време над 1800 m .

Понатаму се течеше по план, Васко го собирам во 05, му титкаме на Лабинот од Групчин, тој се спрема дома додека ние полека но сигурно се пробиваме низ маглата до Тетово каде на паркингот во центарот на градот се чекаме и откако се комплетираме продолжуваме кон Шапка.

По пат полека се разденува, и маглата останува под нас, а горе на време го фаќаме изгрејсонцето за да се присетат некои планинари колку е убаво кога сабајле се станува порано и потоа цел ден да е пред тебе.


изгрејсонце гледано од Попова Шапка

Точно во 06:45 часот тргнавме од пред Пл. дом Смрека дирекно кон ски патеката на Церипашина па кон Антените во идеални временски услови и се радувавме дека сме први кои го газат новото синоќешно паднато снекче, но само за кратко затоа што по Антените во снегот на три различни места на гребенот видовме три различни големини на мечкини стапалки кои укажуваа на тоа дека како под команда сите Шарпланински мечки имаат закажана средба некаде кон Лешница за да се договорат како и каде и со кого да ја преспијат зимата или пак ако не е ладна да си се забавуваат кој како знае и умее.


море од магла - а тука - сонце


свежи траги од мечките

Е ние си се забавувавме на наш начин, муабетевме за планинините, за идни планови, за опрема, правевме фотки, повторуваме лекции за ориентација, малку географија, локалитети, врвови, и така дојдовме до Бакардан, па седлото кон Титов врв и по Хилари степ (оној кој не знае треба да научи кое парче кон ТИТОВ ВРВ го носи тоа име) еве и на 2747 метра највисоката кота на цела Шар Планина.


секој си има свое сртче

Честитки, гушкање, насмеани лица, радост, малку фотки, чајче, бананче, чоколадце и гордост затоа што сите наши во нашата мила држава околу 2 милиона се под нас или пак ние сме над нив.


Лабинот на врвот - позади него Солунска Глава


Васе на врвот - позади него Мал Турчин, Бориславец, Трапезница...


Убава слика на која на хоризонтот се гледаат - од десно кон лево : Кораб, Веливар (Дешат) и Голем Крчин

Пола часовен заслужен одмор и повторно назад по истиот пат, по истите стапаки, полека без брзање за да се задржиме што подолго на овие висини и да дишиме чист воздух кој потоа ќе ни недостасува до идниот викенд во Скопје и Тетово.

По кратката посета кај Славе во Смрека во 16,29 повторно во ауто и правец дома, посвежи, попаметни и побогати за ново планинарско искуство.


природно снежно слонче на Шара - кој види - види


само за најголемите мераклии на снежни форми


планински мир


. . . . . . . . . колку сме мали . . . . . . . а сепак . . . . . . толку големи . . . . . . . .

автор : Марин Стојановски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje