Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Шар Планина : Изгрејсонцето пред Бакардан - Шарска трилогија - 18 март 2012

...замислете со отворени или затворени очи, сеедно резултатот ќе биде сличен. Се наоѓате на 2600 м.н.в. на рамното плато пред да почне благо спуштање па следува завршниот успон на врвот Бакардан, зад него малку подлабоко во позадина ги гледате контурите на  врвот Мал Турчин, десно од него кулата на Титов врв, апсолутна тишина насекаде околу вас, на небото нема ниту едно единствено облаче, светла и сјајна полумесечина некаде во правец на југ се издигнала високо на небото, западната страна делува некако најтемно, додека источната страна е најживописно, спектукуларно обоена, осветлена и сјајна затоа што за некоја секунда од нејзиното средиште треба да се појави сонцето и да се роди нов ден 18.03.2012.


први чекори со новите дерези на стар снег


на пат кон Церипашина

                Точно во 05,40 часот и некоја секунда се случуваше гореопошаниот обид за да Ви доловам донекаде како изгледа раѓање на ново утро и нов ден истовремено, затоа што бевме подготвени за истото уште од 04,50 часот кога слободно можевме да ги изгаснеме челните лампи и одејќи низ тишината кон нашите цели да уживаме на природните подготовките за ова раѓање.

                Тања, Буце, Васко и Марин ја имаа оваа шанса и во целост ја искористија, па еве го моето видување на акцијава од самиот почеток па до нејзиното завршување кога нешто пред 16 часот се вративме дома во Скопје.

                Планот беше малку невообичаен, поаѓање од Скопје кон П.Шапка во 00,00 часот кога сите кафулиња и слични локали ја имаат својата Saturday Night Fever , а ние во зимска гардероба и ведра атмосфера во аутото се возиме кон Тетово. Веќе во 01,30 часот со комплетна зимска опрема на -2 степена тргнуваме од празниот паркинг пред хотелот Шапка во правец на ски патеките на Церипашина, а единственото нешто што ја реметеше тишината на ноќта беше лаежот на кучињата и интересно овој пат ниту едно не ни се придружи, зошто не знам. Слабо ветре, ведро, поведро здравје, ѕвезди колку сакаш, снегот добро натабан за скијачите и еве шанса Тања и Буце прв пат да ги пробаат дерезите кои толку пати до сега ги носеа во ранец... а на нашите чела светат челните и полека без брзање (цела вечер е наша) одиме угоре. Долу во Полог се гледаат бројните светли точки, некаде и флеки, а над црвеното Скопје една матна прашина, нешто како смог или нешто слично. Движењето по ноќ е секојпат поспоро и потивко од дневното, како да секој од нас има некој природно вграден детектор затоа што е сосем на место. Полека еве не пред куќичката на крајот од двоседот на 2400 м. Проба и вратата отворена, бинго, нема веќе ветре, потопло е, нема ниту ѕвезди, нема романтика, ама топло е, шанса за одмор, средување, каснување некое залче, чајче и најважно од се споделување на чувствата за тоа како до сега оди акцијата, некоја смешка и сон кога ќе дојде денот кај нас – на нашите планини да никнат вакви мали објекти 2 х 3. Секој планинар може одненадеш иако претходно долго време ја проучувал временската прогноза да го фати невреме па тогаш ваков објект – спасител, ќе го смета за екстра сметување.


"топлото гнездо"


дел од осветлениот Полог


почеток на трансформацијата ноќ - ден


оган на исток

                Повторно сме надвор и по познатата патека продолжуваме  кон Антени. За сега се е како што беше и најавуваше временската прогноза,а лавежот на кучињата исчезна и останавме сами, глуви во ноќта но ѕвездите останаа на наша страна, а друштво почна да ни прави и месечината, Антени ги одминуваме а светлата во Полог од бројните села, Тетово, Гостивар Скопје во далечина на гребенот кој води кон Бакардан уште се поизразени, а снегот под нашите нозе крцка ли крцка, чекор по чекор, метар по метар се приближуваме кон врвот Бакардан, не правиме паузи, нема потреба, затоа што одиме бавно како да сакаме што подолго време да сме горе по гребенот и да си уживаме во тишината на ноќта, додека лево од нас во Полог има многу светли флеки – населените места, десно од нас црни темници баш како да е вечер, а ветрето си дувка таман колку да имаш капа на глава и ракавици на раце и да те подсети дека уште е зима. Чувството да си горе на гребенот додека се друго живо е далеку под тебе те прави посигурен во себе,прави да се чуствуваш над другите, прави да веруваш во себе, а во такви услови и довербата меѓу членовите на екипата расте и кулминира и навистина тоа се чуствува, дали е од ноќта, ѕвездите или нешто друго не знам, но знам дека има повеќе меѓусебна енергија и сплотеност одколку во дневни акции. Нема многу меѓусебна комуникација, нема потреба, само кога мора, како секој од нас да сакаше да ја слуша таа тишина и тој мир што повеќе и да го акумулра во себе ако може па потоа да си ја троши во Скопје цела седмица.


ние и месечината во исчекување на сонцето

                Планот беше на 2700м високиот Бакардан, првиот врв од трилогијата да го дочекаме будењето на денот но промашивме по заслуга на отворената врата на куќичката, одморот во неа и нешто пораното разденување од тоа што очекувавме, но и вака беше одлично, малку пониско а со тоа и послабо ветре. Следуваше мал одмор на Бакардан, сонцето сега е веќе сјајно и како во миг исчезна претходната атмосфера и настапи нова, светла, сјајна и добро позната за сите нас. Искрено онаа ноќната за мене беше поубава, снегот крцкаше, тврд, не пропаѓаш во него, штедиш на крема против ув зрачење, и не ти требаат заштитни наочари, ама против природата никој не може. Сеедно во едно искачување да видиш и осетиш два контраста е нешто вредно за паметење. Уште нема ниту едно облаче, но нема ниту ѕвезди, само полумесечината, ги нема ниту бројните осветлени точки и флеки од населените места во Полог, го нема ниту црвеното Скопје, ама се појави крстот на Водно, па Солунска Глава и се наоколу дури до Кораб и Проклетие, па Бугарските Пирин и Рила на исток.


првите сончеви зраци на Титов Врв


платото од каде пукна првиот сончев зрак


... еве го


последното жолто сонце

                Внимателно се спуштаме од Бакардан и на седлото меѓу него и Титов врв по краткиот одмор кај карпите  продолжуваме прво кон Мал Турчин и од него потоа ќе се искачиме на Титов врв. Ние тројцата тргнавме по скоро голата – без снег падина кон врвот, додека Васко си одбра еден правец во тесно кулоарче и со дерезите и бајлата по твдото снекче (сенка и оштро) си направи свој првенец под Мал Турчин, па потоа пред врвот да се споиме и заедно го искачиме и овој врв.


четворицата на Бакардан


сонце, ветар и планинари


уште чекор - два до Мал Турчин


Васковата патека на Мал Турчин


"на запад ништо ново"


Мал Турчин - заедно сме појаки


Буцо шампионски оди кон Титов Врв

                Часот беше точно 08, па по гребенот на Титов врв, Тања ја имаше таа чест прва да стапне и да ја заокружиме оваа Шарпланинска трилогија, часот покажа 09,00. Ова до сега ми е најрано стапнување на Титов врв, сите сме среќни, насмеани, малку гладни и уморни ама за сега се е под контрола, а ветрето си дувка нешто посилно. Телефонски јавувања на драги места а секако и на нашите од клубот и споделување на радоста обострано. Пола час одмор па надолу по класичната патека, покрај Хилари степ и еве не повторно на седлото, повторно одмор па искачување на Бакардан уште еднаш и таму прв пат сретнавме планинар, па уште еден по него и уште четворица зад нив и толку се до П.Шапка.


следете ја стрелката


Титов Врв од друг агол


човекот и планините


Крајот на ноќно-дневната Шарпланинска трилогија

                Назад се по истиот пат но сега снегот е помек, ама ветерот е се посилен и кога крајот веќе беше тука, Шара не е Шара ако нема некое изненадување, едно 20 минути така задува пред Антени, носејќи скаменети ситни иглички снег кои баш како игли не боцкаа по голите делови од лицата, а истовремено Тања од силината на ветерот почна да прави осумки одејќи како да пиела алкохол, а јас ја имав честа и едно пола метро да летнам во воздух, а не пиев Ред Бул, само Васко и Буцо некако делуваа најстабилно, дали најмногу јаделе или пак ранците им биле најтешки - незнам. И до сега невообичаено ветерот буквално како со нож престана баш кога дојдовме до куќичката на 2400  м– крајот на ски двоседот, веќе сме по Церипашина и по самиот раб се лизгаме и одиме истовремено удоле а покрај нас од време на време ќе профучи некој Стенмарк, Крижај или Линдзи Вон на пример.


мала пауза пред Бакардан


искачувањето на Бакардан

                Гужва на Шапка, нема место за нас, сме заборавиле да резервираме масичка на сонце во некое кафуле за по една кока кола, ама затоа  има место во аутото и по кратко спремање и средување презадоволни од оваа наша вечер и наш ден во 14,30 тргнуваме за Скопје.


Стенмарк, Крижај и некој измеѓу


Убав ден за скијање на Шапка

                Замислете само со отворени или затворени очи сеедно, една врела, летна, спарна Скопска ноќ со полна месечина, а група планинари во своето возило во 22 часот тргнуваат од Скопје за Шапка и овој пат во своите ранци наместо цепин и дерези носат подметач и вреќа за спиење... вториот дел од ова размислување ми се чини секој оној кој ќе го прочита текстов веќе го препознава и можда уште од сега радосно си се смешка.

Автор: Марин Стојановски

Фотографии: Тања Манчева, Александар Буцевски, Марин Стојановски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje