Идејата, да се оди ден порано на традиционалното искачување на Титов Врв и на еден многу невообичаен начин да се прослави јубилеен 50-ти роденден беше, на кого... ако нe на самиот славеник и иницијатор на оваа акција, Борче Гелевски.
Замислата беше толку добра што не можев да останам рамнодушен, па решив и јас да му се придружам, и мојот 53-ти роденден од 30 Мај да го поместам за 6 дена порано. Си велам ако Тито можел од 7 Мај својот роденден да го слави на 25 Мај зошто не би можел и јас... „И по Тито-Тито“.
Така, земав активно учество во организацијата, со Боро ги договоривме деталите, сакавме се да биде како што треба, така и го направивме. Не се штедевме да однесеме некое кило повеќе на грб до Титов Врв. Ирена и Боре се потрудија да ни го разубават роденденот со неизбежните реквизити за таа пригода - роденденски капи, знаменца, свирчиња... имавме дури и петарди, се беше на ниво.
Требаше да бидеме 9 души таа вечер а фалеа и други ама... за жал останавме 7, ќе беше уште повесело да имаше повеќе. Емка, Тања, Буце, Горан, Боре, Борче и јас беше екипата која во саботата во културно време, 9 ч. наутро се најде на паркингот кај мене пред зграда и со две возила се упати кон Попова Шапка. По кратко пакување на опремата поаѓаме во правец на Титов по Вакувска (летната) патека. Имаше најава за обилни врнежи од дожд за тој ден, но поминавме само со неколку капки. Времето беше прекрасно. Имавме цел ден пред нас, немаше потреба од брзање. Поради тежината на ранците моравме повеќе пати да застануваме за да се одмориме и уживаме во прекрасните пролетни пејсажи кои не би ги опишувал во овој момент. Само им посакувам на оние кои од лични причини не беа тој ден во можност да бидат таму, што поскоро да отидат додека сеуште летото не си го направило своето.
Како и секоја година во овој период имаше остатоци од снег преку кои моравме да поминеме. Под некои од нив течеа потоци и поминувањето над нив беше малку непријатно поради опасност од пропаѓање. Домаќините ПК Љуботен, како и до сега се потрудија да ја припремат патеката и да им го олеснат искачувањето на планинарите. Имаше добро поставени видливи маркации а поучени од искуствата од претходните години, на стрмниот снежен јазик по изохипсата под Бакардан беше направена проодна и безбедна патека.
На врвот пристигнавме во 15:30 ч. Веднаш започнавме со поставување на шаторите и припремање на роденденската забава. Во кулата направивме импровизирана шведска маса, само уште швеѓанки ни фалеа, просторот прикладно го декориравме за претстојната роденденска забава. Беше студено, буквално како во фрижидер, стоевме на замрзнатиот снег кој во изминатите зимски месеци ветерот го навеал низ искршените прозорци и влезната врата. Сепак, тоа не не спречи наредните 5-6 часа да ги поминеме внатре покрај богатата трпеза.
Во едно извонредно расположение го дочекавме и зајдисонцето. Падна ноќ. Облаците беа под нас. Ѕвездите над нас. „Апсолутно романтично“. Имавме музика па падна и џускање. Едно време седевме надвор и ги набљудувавме осветлените села и си игравме весела географија. Гледавме во правец на Скопје. Градот зрачеше светлина низ темните дождовни облаци кои натежнаа над градот и го бомбардираа со громови. Од време на време ќе заѕвонеше по некој мобилен и ќе се чуеја загрижени гласови на најблиските... да прашаат дали сме добро... да не ни врне... да не не отепале громови, дека во Скопје врнело-истурало. Еееее... им викавме - кој ви е крив што не дојдовте со нас. И така пројде и 22 часот, релативно доцна, мислам дека никогаш до сега на планина во вакви услови не сум седел подоцна, но атмосферата беше таква... прекрасна, и малку се заборавивме. Изморени од активностите што ги истеравме тој ден, рековме, да оставиме малку простор и сила за утрешниот ден и се повлековме сите во своите „одаи“. Ноќта беше ветровита, но не многу студена, едвај можеби 1 или 2 степени под нулата, судејќи по корката од мраз која се фатила по површината од снегот. Тоа што го видов кога излегов од шаторот кога се разбудив сабајлето, беше нешто поради што ретко кој би останал рамнодушен... не знам кои зборови да ги употребам... па ќе кажам едноставно, причината поради која ми е многу жал што толку доцна сум почнал да ги уживам ваквите моменти, причината која во овој период од животот целосно ме исполнува, ми дава енергија да можам да се справам со секојдневните проблеми, како еден вид инфузија, причината кој a едноставно ме прави среќен, и претпоставувам и се надевам... поради која уште долго ќе продолжам да го практикувам овој начин на живот.
Изгрејсонцето беше фантастично, астрално убаво, воздухот пријатно остар а сончевите зраци се пробиваа низ утринската измаглица обојувајќи го целиот амбиент во розово. Во далечината на хоризонтот почнаа да се појавуваат познатите врвови пробивајќи се низ ниските облаци како да сакаа и тие да присуствуваат на прекрасното изгрејсонце и да ја почувствуваат топлината на првите утрински зраци. Наскоро добив и друштво, еден по еден почнаа и другите да се појавуваат. Беше доста рано, имавме време на претек. Релаксирано си го испивме првото утринско кафе па, на една голема камена плоча си направивме богат доручек, кој поради преубавото време што го имавме тоа утро, го развлековме неколку часа, дури до појавувањето на првите учесници на 33-тото традиционално искачување на Титов Врв.
Ги дочекувавме и се честевме за заедничкиот успех со она што го нудеше богатата трпеза. Преку радиостаници бевме во постојан контакт со нашите клубски другари и пријатели кои тој ден тргнаа во искачување на врвот, им дававме информации за состојбата на теренот, за временските услови и за се друго што ги интересираше во моментот. Убаво беше чувството да се следи од височина со глас и слика колоната планинари што надоаѓа. Имаше планинари дојдени од сите краишта на Македонија, Србија, Бугарија, Косово...
Прекрасното сончево утро ни дозволи долго време да уживаме во дружењето со планинарите што доаѓаа. Како поминуваше времето така врвот стануваше претесен за сите, па ние решивме да се собереме и да тргнеме надолу, накај Попова Шапка и нашето место да им го отстапиме на оние што допрва требаше да се појават. Враќањето траеше долго ама убаво-пријатно... застани со еден поздрави се, застани со друг и така до Шапка.
Си ја испивме редовната окрепителна доза, кој пиво, кој кафе или кока кола, се поздравивме со пријателите и си го фативме патот за Скопје.
Автор на текст и фотографија: Петар Герасимов