Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Титов Врв - 22 декември 2012

 

22.12.2012 вториот календарски зимски ден. По иницијатива и организација на Перо вака-така се собравме екипа од 7 планинари со цел да уживаме во прекрасниот ден на Шара. Петар и Татјана Герасимови, Александар Буцевски, Горан Николовски, Тања Манчева, Жикица Иваноски и јас - Светлана Стојаноска.

Тргнувањето од Скопје го договоривме во 04:00. Станавме многу рано, скоро и да не сме спиеле. Надвор сеуште темно и ладно. Стигнавме на паркингот пред хотел Попова шапка и никој да собере храброст да се соочи со студот во ладниот зимски ден.

Некако го поминавме тој дел.

05:30 полека ги спремивме ранците и тргнавме директно преку скијачката патека по Церепашина.

Патеката беше добро спремена. Неколку пати ја поминале со ратрак. Денес официјално треба да биде и првиот ден од скијачката сезона на Шапка.

Пред да стигнеме на крајот од жичарата сонцето почна да изгрева. Времето над Шапка беше ведро. По небото се ралеваа неверојани неверојатни бои. Околу нас снег, под нас густи облаци - магла кои го покриваат целиот регион и изгледаше како се да потонало на дното од тоа бело море. Само ние и планината. Бескрајна хармонична тишина.

Додека се движиме се слушаше само крцкањето на снегот под нашите стапала.

До куќарката на крајот од жичарата стигнавме без проблем по набиен снег одличен за газење.

Првата пауза ја направивме кај куќарката. Перо беше стигнат пред нас и веќе му стана многу ладно, па за да се загрее трчаше горе-долу. Набрзо после нас стигна и Горан. Бидејки температурите беа под нулата и дуваше ладен ветар Перо, Тања М. Јас и Жико продолживме до нашата крајна цел Титов Врв.

Горан, Тања Г. и Буце се качија до Антени уживајќи на зимското сонце.

Делот пред Антени беше подмрзнат за што требаше појак удар со нога за да може стабилно да се застане и да се направи нареден чекор.

После Антени движејќи се накај Карабунар газевме по длабок снег. Карабунар го качивме брзо без никакви потешкотии. Навевите на снег беа меки и немаше потреба од користење на дерези.

Само што го качивме Карабунар пред нас се отвори Бакрдан. Од десната страна на седлото пред Бакрдан ја здогледавме Лешница.


Сртот кој води до Бакрдан беше покриен со дебел слој на тврд снег кој беше одличен за газење.

Кулата од камења на Бакардан од последниот пат кога ја видов доста пораснала како резултат на многуте планинари кои постојано ја посетуваат и ја доградуваат.

Сега снегот и мразот ја украсиле во новогодишен дизајн.

Погледот од врвот беше безвременски. Планини и снег на четирите страни околу нас. Добив впечаток како да сум високо над светот каде постојат само планините и снегот.

Ветерот на врв не натера за брзо да тргнеме да се движиме надолу. На слегување од Бакардан во поголемиот дел од патеката нозете ни се заринуваа во снегот. При крајот на падината наидовме на замрзнати парчиња кои ги поминавме без проблем.

Мала пауза на седлото и знаејќи дека имаме повеќе од доволно време јас и Тања тргнавме релаксирано кон врвот, попатно правејќи уметнички фотки.

Кога стигнавме до кулата Тања посака да се качи горе по скалите и да слика од горните прозори.


Со малку штелување успеавме да направиме групна слика на врвот и многу многу задоволни тргнавме да ја завршиме другата половина од нашата авантура.


11:50 тргнавме од Титов врв назад. И покрај ладното време сонцето успеваше да допре до нас и да направи да се чувствуваме пријатно. Пауза за ручек планиравме да направиме долу на седлото затскриени од ветерот. Земавме малку храна за да собереме енергија за искачување на стрмниот Бакардан. Поради добрата конзистенција на снегот и разгазувањето од Жико искачувањето беше како по скали. Добро напредувавме при враќањето не знам дали дека сме ја постигнале целта или природата околу нас ни даваше енергија.


Ги следевме сопствените стапки користејќи ги како подлога да не мора повторно да се разгазува снегот.

Повторно направивме поголема пауза во куќарката на Церипашина.

Пред да тргнеме надолу се сретнавме со двајца Бугари кои се движеа со снегохотки нагоре по Церепашина. Тргнале да го фатат зајдисонцето горе на планина и да ја испитаат патеката за Титов врв. Ни кажаа дека наредниот ден планираат да го качат врвот.


Повремено застанувавме вртејќи се наоколу уште еднаш да ја впиеме сликата на белината за да ни трае подолго и да не потсетува побрзо да се вратиме на планините.

Зимското искачување на Титов врв траеше 11 часа. Немаше потреба од користење на техничка опрема за зимски услови (дерези, цепин), но тоа не значи дека не треба да се носи целосна зимска опрема.

Доколку сакаме една акција да се изведе успешно и безбедно потребно е секогаш да се носи потебната опрема, облека и храна. Да се знае правилно да се користи таа опрема. Облеката да се комбинира на тој начин да ни биде удобно планинарењето и да се конзумира доволно храна и течности во одредени периоди од качувањето за да не дојде до прегладнување на организмот и појава на кризи кои ќе ни го отежнат искачувањето и намалат уживањето тој ден.

Успешно изведената акција ја прославивме заедно со остатокот од екипата во Конак со топло чајче и ракија.

 

Текст: Светлана Стојаноска
Слики: Тања Манчева

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje