Шар Планина : Титов Врв, зимско искачување - 18 декември 2011
… и ете, конечно дојде време за долго очекуваната можеби најатрактнивна планинарска акција на овие простори “Зимското искачување на Титов Врв“ во организација на ПСД Макпетрол. На големо задоволство на сите заинтересирани за оваа акција, особено на големиот број пријавени кои за прв пат тргнуваат со намера да го искачат Титов Врв во зимски услови и покрај турбулентните временски услови во изминатата недела, за денот кога беше закажана нашата акција се створија потребните услови за нејзино одржување. На наше огромно задоволство акцијата наиде на голем одзив и имаше карактер на меѓународна акција. Покрај планинари од други градови на Македонија и други планинарски друштва, имавме група од 11 планинари од Р. Србија (Белград, Нови Сад и Сомбор) и БиХ (Сарајево) во организација на ПК Балкан од Белград. Според познатите сајтови на кои редовно ја следиме временската прогноза, за недела, денот предвиден за нашата акција, за претпладневните часови беше прогнозирано променливо облачно со сончеви периоди и ветер 20-25 км/ч. а за попладне се очекуваше продор на нов влажен бран од северо-запад пропратен со врнежи од снег и засилен ветер. Ваквиот развој на временските услови не натера да бидеме многу претпазливи во одредување на тајмингот за изведување на акцијата. Со оглед на краткиот ден во овој период од годината и најавената температура од -20С степени пресметана по таканаречениот принцип Wind chill effect, решивме стартот да не биде подоцна од 6 ч. тоа утро, со прецизно поставена динамика на движење. Договорено беше да се движиме до 12 ч. без разлика кој до каде стигнал и потоа врќање назад по истиот пат како би можеле сите да се вратиме безбедно во домот пред стемнување. Така, по испивање на чајот кој ни беше послужен во метеоролошката станица кај нашиот стар пријател Славе (домаќинот) и по извршените последни припреми, со мало доцнење од половина час, во 6:30 ч. првата група од 16 планинари тргна на својот пат кон величенствениот и секогаш посакуваниот Титов Врв.
Првите чекори на патеката кон Титов Врв
Зраци на оптимизам
Небото веќе беше осветлено од сонцето кое ние долу се уште не можевме да го видиме но ни овозможи сосема доволна видливост да можеме да се движиме без помош на челни ламби. Се пробивавме споро низ наносите од тазе напаѓан снег во текот на ноќта, во правец на Јелак по познатата патека наречена “По бандерите“, па потоа лево по северниот срт на Церепашина накај “Антени“, 2531 мнв.
Отежнато движење по неразгазен снег
Во меѓувреме на нашата група и се придружија неколку души од комбето со десетина планинари што пристигнаа нешто по нас на Попова Шапка, исто така во организација на ПСД Макпетрол.
Првиот посериозен успон - севрниот гребен на Церепашина
Групата во почетокот се движеше доста компактно и по скоро 2 и пол часа одење точно во 9 ч. пристигна на Антени, со мало задоцнување на оние кои беа на крајот од колоната. Тука, првата, најбрзата група од околу 10 планинари придружувана од нашиот стар - верен пријател од претходната акција на истава локација - безимениот пес, се издвои од остатокот, се разбира почитувајќи ги сите предвидени безбедносни мерки. Имено, челната група имаше GPS , групата во средина имаше исто така GPS и на крајот од колоната уште еден со што целата група на планинари која тој ден се најде на планината беше обезбедена со сателитска навигација со што бевме максимално осигурени од евентуална дезориентираност во просторот поради магла и сл. Брзината на движење ја прилагодивме според однапред предвидената за успешно и навреме но реализирање на акцијата.
Движење на првата група по гребенот
Толку мали а сепак толку големи
Сртот по кој се движевме познат како “Зимската патека за Титов Врв“, во најголем дел беше “издуван“ од снег и движењето таму ни беше релативно олеснето, додека местата на кои имаше навеано поголеми количини снег ни зададоа сериозни проблеми во напредувањето, особено на оние кои беа на челото од колоната.
Слатки маки, длабок снег
Изгубени во маглата
Првите знаци на замор
Некој се смее, некој плаче
Бакардан, да се продолжи или не
Да! Одиме до крај
Помалиот и поголемиот брат
Hillary step
Благодарение на овие услови на теренот нашето патешествие (на првата група) траеше цели пет и пол часа. Од Антени продолживме во правец на Син Врв 2550 мнв., Карабунар 2505 мнв., на Бакардан, 2704 мнв. бевме во 11 ч. а на Титов Врв, 2748 мнв. во 12 ч. На наше големо задоволство, и покрај отежнатите услови на теренот, успеавме да стигнеме до нашата дестинација во претходно одредениот временски рок, што е многу важен момент во планирањето на вакви, особено зимски високогорски акции.
Првите луѓе на “месечината“
Осамена и тажна
За ова вредеше да се изгубат 4000-5000 калории
По кратка пауза на врвот, вообичаеното фотографирање, одушевување од прекрасните пејсажи кои можат да се видат само од овие височини и заради кои сите ние повторно и повторно се навраќаме, притиснати од суровите временски услови, големиот студ и засилен ветер, со големо жалење а во исто време задоволни и среќни од постигнатото, прифаќаме дека е време за враќање назад. Тргнуваме, со обновена енергија, што од содржината на ранците, што од прекрасната глетка со која бевме наградени а која не опкружуваше каде и да се завртиме. По пат се разминувавме со остатокот од групата, на кои идеалните временски услови што продолжија и во попладневните часови, наспроти неповолната временска прогноза, им овозможија скоро на сите кои ова утро тргнаа со намера да го освојат Титов Врв, да го сторат тоа. Оние пак, што од најразлични причини немаа амбиции тој ден да го искачат Титов Врв, исто така како и сите други уживаа во убавините што можеа да ги дофатат со своите погледи. Јас сега ќе ве поштедам од моите обиди да ја опишам убавината која имав прилика да ја конзумирам таму и би ве поканил да ја проследите и уживате во нашата заедничка збирка на фотографии напревени тој ден, ставени на Picasaweb (линкот ќе го најдете на крајот од извештајот).
Ако искачувањето на Титов Врв по вакви услови не ги исцрпе кондиционо планинарите, тоа сигурно го стори враќањето по што е и карактеристична оваа патека. Враќањето до Попова Шапка повторно води преку сите 4 врвови над 2500 мнв., и поради тоа со право се смета за еден од најтешко пристапните врвови во зимски услови во Македонија.
Конечно се гледа крајот
И за крај, информација дека нашата група пристигна во домот во 16:30, на стемнување, останатите ги фати ноќ но не ги изненади. Сите оние кои на врвот стигнаа подоцна, беа свесни дека последниот дел од патот назад до домот, ќе го одат во темница со помош на челни ламби следејќи ги трагите во снегот од тие што поминале пред нив. За среќа и на задоволство на сите, временските услови им го дозволија тоа.
По успешната акција сите учесници, полни со впечатоци и гигабајти и гигабајти прекрасни фотографии, безбедно се вратија дома со желба за што поскоро, повторно дружење.
Технички податоци :
Должина на патеката: 22 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1820 m
Макс.процент.успон : 43 %, просечен успон 16.5 %
Време на движење : 10 часа
измината патека
профил на патека
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/TitovVrv#
Автор: Петар Герасимов
Фотографии: Тања Манчева, Бранка Илијевски, Александар Буцевски, Петар Герасимов
|