Титов Врв - 17 јануари 2010
Нова година - нови почетоци - планови за понатаму. Битен елемент за да се реализира било каква поголема ација (да се искачи некој "голем" врв - е постојано да се одржува формата, да се тренира, особено во зимскиот период - во зимски услови. Она што сега ќе го направиме ја создава основата за идните посериозни искачувања. Затоа желно чекаме да се отвори временски "прозор" - барем еден дел кога времето ќе биде доволно добро за да може да реализираме добар тренинг.
Вчерашниот ден беше таков. Последните неколку дена ги следевме временските услови и се одлучивме акцијата да биде во недела, на 17 јануари. Учесници: Марин Стојановски, Васко Саздовски и Трајче Панковски од П.Д. Макпетрол и Зоран Костадиновски - Москито од П.Д. Трансверзалец. Идејата беше да одиме до Титов Врв, а ако времето дозволи да одиме и на Мал Турчин. Затоа го закажавме поаѓањето порано, така да веќе во 5 часот наутро сме на излез од Скопје.
На Попова Шапка стигнуваме околу 06:10. По пат, во Тетово ги сретнуваме Перо и Александра (татко и ќерка) кои исто така рано тргнале нагоре, по разговорот со Марин. Паркираме на паркингот кај хотелот "Попова Шапка", се подготвуваме за поаѓање и во 06:30 поаѓаме нагоре. Времето облачно иако кога појдовме уште беше темно, тогаш почнуваше полека да се разденува.
На висина од околу 2200 метри почнуваме да излегуваме од облакот / маглата и во погорните делови се наѕира тенка осветлена лента од сртот на Церипшашина, заедно со окованите во смрзнато иње столбови и кабли на седешницата. Така, одејќи со постојано темпо, по мирно и сончево време - без ветар - стигнуваме на Церипашина и веднаш продолжуваме кон Антени.
излегуваме од маглата
поглед кон Бобинова стена и Бориславец во позадина
над морето од магла одиме нагоре
поглед кон омилените Кобилица, Трескавец, Љубински уши и Вртоп (од десно кон лево)
поглед кон Љуботен, Пирибег, Езерски врв, Пескови, Црн Врв
(од десно кон лево)
поглед кон Лешница - Плат
на Антени - Васко, Зоки, Трајче
По пат уште од почетокот Перо и Александра се малку позади нас - ги следиме со поглед одвреме - навреме. По Антените на телефон ми се јавува и Љаби од Тетово и ми кажува дека и тие се позади нас, група од четворица планинари од Тетово. Среќни што имаме друштво на ова - по се изгледа прво искачување на Титво Врв оваа година, продолжуваме кон Казаниште, па го искачуваме Бакардан. Таму правиме 5 минути пауза за сликање.
кај Казаниште
Бакардан - без траги од човечки нозе (или чевли)
Титов Врв (Голем Турчин) и Мал Турчин
поглед кон Трапезница, Белоезерски врв и - назад лево - Кораб
на Бакардан (2704 m) - Марин и Васко
Мал Турчин (2702 m)
Почнуваме да се спуштаме од Бакардан кон седлото пред Титов Врв. Марин, Васко и Зоки одат пред мене, гледам дека е доста лизгаво па решавам да седнам и да ставам дерези. Спуштањето сега претставува вистинско задоволство - секој чекор е сигурен, си играм малку - одам цик - цак по подмрзнатата падина.
Долу на седлото веќе десетина минути ме чекаат останатите тројца, некој ја искористиле паузата да каснат нешто, па веднаш по моето доаѓање продолжуваме кон последното искачување. Снегот не е длабок, освен на некои места каде што го има навеано.
Титов Врв (Голем Турчин) (2748 m)
остров во морето од магла - Плат, лево е Караниколица, а десно се Вртоп и Кобилица
спуштање од Бакардан на седлото
поглед кон Бориславец, Црн Камен, Голема и Мала Враца
Мал Турчин
Марин на карпата на седлото - во позадина Мал Турчин
Титов Врв и Марин (Марин е тој десно - дечкото со новите наочари)
стрмнината пред врвот (Васко)
Васко на врвот
Трајче и Зоки пред врвот - позади е Бакардан
на врвот - Трајче, Зоки, Васко
прозорец кон белата убавина
Зоки - Москито изникна од снежната убавина
Во 11:35 сме на врвот. На последните 100 висински метра ветрот прилично се засилува и горе доста дува и е ладно. Се задржуваме 10-15 минути, малку да се сликаме, малку да јадеме нешто. Станува поладно и мораме назад. Планот за Мал Турчин го оставаме за друг пат - прво прилично дува, второ - нема доволно време за да безбедно се искачиме, се спуштиме од Мал Турчин и да се вратиме пред да се стемни. Со план да се дојде на два дена со преспивање во шатор - заминуваме надолу. По пат ги среќаваме - пред самиот врв Бурим и Јусуф (Цуфо), а подолу Перо и Александра. На седлото сретнавме и уште неколку дечки. Потоа се видовме и со Љабинот - кој идеше сам. Со него се задржавме на неколку минути за да поразговараме малку.
на спуштање - средба со пријателот Јусуф (Цуфо)
Е сега мене ме фати некоја мрза и немав баш голема желба пак да го искачувам Бакардан - предложив да свртиме околу Бакардан преку Вакаф. Се поведе дискусија дали е добро или лошо, како и да е се решивме за таа варијанта. Понатаму ќе се покаже дека тоа беше вовед во една интересна и многу поучна авантура.
Поаѓаме околу Бакардан. Снег нема многу и лесно и брзо се движиме.
на враќање околу Бакардан - лево е Титов Врв
Васко на падината на Бакардан
една убава слика на Љуботен осветлен од сонцето
спуштање по стрмната падина
поглед кон Бакардан и месноста Казани
спуштање кон Вакаф
Кога стигнавме до висина на големата карпа кај Вакаф - навлеговме во магла. Маглата наскоро се претвори во навистина густа магла така да видливоста на моменти не беше поголема од 5 метри - а во онаа белина тоа беше таман да не знаеш каде одиш, дали тоа пред тебе е нагоре, надолу, ништо... Морав да го извадам GPS-от и користејќи го долгогодишното искуство на Зоки кој воглавно го водеше враќањето со повремени консултации на GPS-от се вративме до Попова Шапка. Но мораме да кажеме дека враќањето не беше ни едноставно ни лесно. Снегот на места стануваше прилично длабок, понекогаш пропаѓавме до колена, некогаш и до колк, но лошата видливост беше најлоша. Во вакви услови без поседување на GPS апарат мислам дека дури и најискусните планинари би се соочиле со сериозни проблеми и најверојатно би лутале долго време. Мене лично ова ми беше многу драгоцено, бидејќи треба да се запознае планината и на ваков начин и да знаеш да се снајдеш во таа ситуација, со бистар ум, смирено, со максимална концентрација. Лесно е кога е сончево и кога се се гледа.
Во маглата поминавме отприлика добри 2 часа. Потоа до нас допре буката од скијачкиот центар, ги видовме трагите од скиите. Стигнавме на Попова Шапка околу 16 часот. Во искачување поминавме 5 часа и 5 минути, на враќање 4 часа и 20 минути.
во маглата
Ме интресираше колку енергија трошиме ние планинарите на една ваква тура - сакав да го споредам со истрчан маратон. Мојот часовник имам додаток појас за мерење пулс кој врши пресметка и на потрошени калории.
Резултат:
Шапка - Титов Врв и назад (21km):
5300 калории (CCal) качување и спуштање - 3000 калории качување, 2300 калории спуштање
Скопски маратон (42км): 2800 калории
Фрушкогорски ултрамаратон (103 km): 9900 калории
Заклучок: искачување на Титов Врв и слични искачување во зимски услови се навистина захтевни активности за луѓе се извонредна кондиција и со мал тренинг им препорачувам на сите тие да пробаат да истрчаат маратон - тие при секое искачување трошат многу повеќе енергија и притоа се изложени на многу посилно влијание на природните елементи: сонце, ветар, снег, дожд. автор : Трајче Панковски
|