Рафтинг на реката Тара (1 - 3 јуни 2012)
Многу поминати граници, вкусна храна, прекрасна природа и најмногу адреналин.
Голема група од шеесетина авантуристи (сите млади во духот), во организација на Планинарско – спортското друштво Макпетрол се упатија кон кампот на реката Тара. Некој за прв пат собрал храброст да оди на рафтинг, друг од љубопитство, трет заради идејата да се помине викенд во природа. Јас сум од оние кои заради потребата од адреналин повторно решија да отидат и нема да ми биде последен пат.
Навистина долго патување, па од време на време се слушаа поплаки од типот дека е многу топло или дека е претесно во автобусот, но организаторите се потрудија и малите недостатоци да се надминат и се да биде во ред. Сепак преовладуваше позитивно расположение, запознавање со нови пријатели и дружба со старите, вицови, смеење. Изутрината, ете не на Мокра Гора на падините на Златибор. Прва станица е необичното етно село Дрвенград, осмислено и реализирано од страна на познатиот Емир Костурица за потребите на филмот “Животот е убав” . И кога си таму навистина животот е убав, мир и спокој, преубави куќички украсени со цвеќиња, дрвени улици, зелени дворови, се е како во бајките. Во меѓувреме, градот се проширил, добил нови улици (на пр. Ул Новак Ѓоковиќ) согласно последните трендови, но го задржал истиот шарм како порано.
има и кино во Дрвенград
Црква св.Сава, олдтајмер и куче-скитник, Дрвенград
Цвеќиња засадени во тенџере, Дрвенград
ул. Никола Тесла, Дрвенград
По некоја фотографија и сувенир за спомен и се вративме на железничката станица – познатиот воз Шарганска осмица поаѓаше во точно 10 :30 ч .
Поетот Михајло Чупович на овој начин ја опеа железницата :
...Kuda je prosla ljudska stopa
to nema svet, nema Evropa,
tome se divi i covek i ptica,
ta cudesna sarganska osmica
Kazu, po tome se pamtiti mora
Mokra Gora...
Возењето е интересно, слушнавме некои историски факти и легенди поврзани со Мокра Гора , попатно застанувавме на станиците и видиковците, повторно убави фотографии и сувенири.
една од станиците
Шарганска осмица
Еден од 20те тунели
„Лудиот камен“ – Камен за остварување на љубовните желби
Долгото патување конечно заврши, стигнавме во кампот Монтингс.
Домаќините се покажаа во одлично светло, гостопримливи и услужливи не пречекаа со одлична супа, печење , салата и десерт. И тоа не беше само прв впечаток, вечерта не изненадија со печени компири со кајмак, сирење, кашкавал , пршута и проја кои одлично одеа со виното покрај оганот. Иако храната не ни беше најважна, никој не остана рамнодушен на специјалитетите, престојот во природа, чистиот воздух ни отворија апетит, а преубавата природа и зеленилото насекаде околу нас и ѕвезденото небо не опијанија повеќе од виното и кајсијовачата.
Топло Добредојде
Сместувањето и хигиената беа сосем солидни, струја, wi-fi, топла вода – се беше ОК. Како да не ни беа доволно активности за тој ден, па се изнаигравме и одбојка на песок, се додека сонцето не зајде.
Кампот Монтингс
Но, најдоброто допрва доаѓаше!
Она коешто сите со нетрпение го очекувавме – денот за рафтинг. Сончев и топол ден, ветуваше добра забава.
Спремни, опремени и полни со енергија, се распоредивме во чамците по 7-8 луѓе + 1 скипер кој на почетокот ни даде неколку упатства и корисни совети за веслање . Некои со доза на страв од непознатото, други со желба за авантура и возбуда тргнавме. Реката има необична плаво-зелена боја, кањонот е величенствен а од страните ѕиркаа пештери и водопади.
Подготвени за авантура
Дамир веќе од утрото ја загреваше атмосферата велејќи дека ќе го преврти чамецот. Подоцна излезе дека е сепак совесен и одговорен и иако не се превртевме си поминавме многу убаво. Полни со енегрија и со натпреварувачки дух, веславме сложно и синхронизирано, ги претекнавме сите чамци пред нас поздравувајќки ги со насмеано “ Чаоооо!!! ” и “ Многу љубам да веслам... ”
Јас ја искористив првата пауза за да седнам и да веслам напред каде возбудата е најголема. Чувството тешко се опишува со зборови затоа погледнете ги фотографиите.
Под водопадот
Со ветување дека следниот први мај обавезно ќе се вратиме на Тара (кога нивото на реката е повисоко за 2 метри а целиот рафтинг трае само 45 минути, наместо 3 часа!) се вративме во кампот. Туширање и вечера. Вечер покрај огнот, со вино и гитара, песни...дури и газдата и куварот се покажаа во светло на пејачи, и така до доцна во ноќта.
Покрај огнот
Утрото тргнавме за назад. Застанавме во Вишеград на туфакии, поминавме по легендарниот мост на Дрина.
Мостот на Дрина
Босански специјалитет : десерт Туфакија
Патешествието продолжи, повторно неколку граници, застанавме на скара во монденскиот Златибор, поминавме низ планинската Црна Гора и се вративме во Скопје доцна вечерта во недела, изморени, но полни со впечатоци.
Необичниот биљар
Златибор, 5Д филм “Snow ride” , Златибор
Сувенири,
Златибор
Златибор
Веселиот автобус
Поминаа само 3 дена, а на сите ни се чинеше дека сме одмарале една недела.
Ова беше викенд за паметење!
Автор: Веселинка Ѓорѓиевска
Слики: Дамир Смајловиќ, Веселинка Ѓорѓиевска, Ирена Павлова, Горан Николоски, фотографот од кампот Монтингс.
Искуството со рафтингот на Софија Граматикова
Рафтинг на Тара 01.06.2012
*Нашиот втор роденден*
Примамливо звучеше турата “ Рафтинг на Тара ”. Доволно добро да се избега од скопското секојдневие и да се воведе малку возбуда и адреналин во нашите животи. Бидејќи сестра ми Ана е родена во Сараево на први јуни, немаше подобра причина, а да не се посети Босна за нејзиниот 28-ми роденден. Понесени од оваа идеа, јас со моето друштво (Ана, Катерина, Никола) се решивме да одиме на рафтинг. Тргнавме од Скопје за Босна со автомобил и може да препорачам слободно да ја искористите оваа опција, слободата е поголема отколку возење во автобус. Решивме да одиме преку Србија, зошто патот е подобар, но да се разбереме сепак патувањето е долго и не се вози на автопат цело време. По пат ги видовме убавините на Шумадија, мостот на Дрина, Дрвен Град на Емир Костурица, овие знаменитости го направија нашето патување поинтересно.
Во приквечериото пристигнавме во Кампот Montings , изгледаше автентично со сите куќарки, а и сопствениците се потрудија овој викенд да биде вистинско уживање, доволно човек да ги наполни батериите. Морам да признаам дека не сум голем љубител на месо, но куварот во кампот може да добие мишелинова ѕвезда за приготвеното. Сите приврзаници на ракијата може да дегустираат се што се произведува во овој регион на Босна, а имаше и доста ентузијасти во кампот кои од дома понеле сериозни количини, па ќе може да се проба и некоја домашна. Јас го претпочитам белото вино и си понесов мој залихи. Така да, ако пиете нешто друго освен ракија и пиво, мој совет, понесете си од Скопје.
И така дојде денот Р (р за рафтинг), за сите кои не биле, ве носат во Црна Гора и од таму се спуштате до кампот во Босна. Има скипер во секој чамец, претходно ви даваат опрема за да се облечете. Целото патување по реката трае од 3 до 4 саати.
Бидејќи ние бевме група од четири луѓе во чамецот се паднавме со група срби од Панчево. Заедно направивме бројка од девет луѓе, без скиперот, од кои шестмина бевме девојќи. Почна рафтингот, возбудата расте, адреналинот на високо ниво, првиот брзак поминат успешно.
Ми се допадна како скиперот ги одбра зборовите да го објасни вториот дел со брзаци, дека бил “ захтевен ” , а релно најопасен. Тука се случи нашето превртување. За да не ве заморувам со детали, само ќе ви објаснам како да реагирате кога ќе се најдете во ваква ситуација, што да направите и што да превземете, а останатото го оставам на среќа, Господ, судбина, кој како милува.
Кога ќе се качите во чамец запомнете, не е шега, треба да се весла, најмогу тие што седат напред. Подобро да преовладуваат мажи во чамецот, имаат повеќе сила и полесно се насочува чамецот.
Опасно е, немој да мислите дека се е забава.
Врзете си ги убаво нозете, ама немојте премногу зошто јас неможев да ја ослободам десната нога кога се најдов под превртениот чамец.
Во нашиот случај, ние што се најдовме под чамецот, неможевме да го помрднеме, едноставно струјата и самиот брзак го држеа во едно место. Во таа ситуација останав смирена, нема место за паника, ама нема ни воздух. Устата гледајте да ја држите затворена, јас се изнапив вода, а исто и останатите. Да знате дека беше темно и сите пробувавме да го помрднеме чамецот, ама безуспешно. Тука јас сметам дека имавме среќа, во мене имаше во мене само уште еден здив и чамецот некако се помрдна, па испливав на површина.
И мислиш дека се е завршено, ама си се зезнал. Почнува да те носи водата, и тоа брзо. Ако се најдете во ваква ситуација немој ни да помислувате да пливате (ништо нема да остане од вас). Мора да лебдите на задникот и да не мафтате многу се екстремитетите. Јас се свртев позади само да погледам каде одам, видов карпа со големина на автомобил и во мислите се збогував со себеси. Ама не е баш така, кога ќе стигнете до брзакот, поточно вртлогот, ве повлекува доле во водата и повторно ве дави. Јас така се “ удавив ” неколку пати. Устата и во овој случај треба да е затворена, доколку како мене не кашлате и повраќате вода. И нема крај, неможе да се стигне до нормален здив.
Кога почна да ме влече реката, видов како сестра ми излезе од под чамецот заедно со другарка ми Кате (да не ги мислам во тој момент, живи се). Никола другар ми не го видов никаде. Ама се е толку брзо па така да нема посебно време да се размислува за пријателите или роднините кои биле со вас.
“ Пловејќи ” така по реката видов еден чамец од кои ми имаа подадено весло, среќа го фатив и стигнав до чамецот. Бидејќи сеуште се наоѓавме во брз предел на реката, не можеа да ме качат во чамецот туку дечкот кој седеше прв, ми ја држеше раката, а јас дополнително се држев за јажињата од чамецот кои се поставено од надвор. За сите оние ако некогаш се најдете во ваква ситуација да вадите луѓе од вода, сите веслаат, само еден помага, инаку и вие ќе се превртите.
Кога се држите за чамец, како мене, треба да внимавате и да ги држите нозете на самото ниво на водата, зошто долу има карпи и може да ги искршите. Внимавајте нозете да не ви отидат под чамецот, поради таа причина гледајте што се случува во водата.
Ако мислите дека сте се фатиле и се е готово, не е така!!! Чамецот за кој јас се држев се сврте, се удри во голема карпа, а измеѓу бев јас. Носете го појасот, правилно да биде заврзан, зошто мене ме спаси за да не ја искршам кичмата и ребрата.
И добро е што има крај, кога дојдовме во помирни води, Андон кој ме спаси, ме стави во чамецот.
Остатокот од патувањето е во шок, но “машки” извеславме до крај. Скиперот го зеде нашиот чамец и почна да не собира сите, еден по еден. Немавме сериозни повреди, сите бевме живи и здрави.
Голема благодарност до Битолчаните (простете што не ви ги знам имињата) што ја спасија сестра ми Ана, благодарност до скиперите кој ја симнаа Кате од дрво (уште неможам да сватам како се нашла таму), а Никола најдобро помина, после падот успеал да излезе на брегот со помош на јажињата кои му ги подале скиперите кои седеле на брегот. Исто така мора да се заблагодарам на Горан Николоски зошто предходната вечер зборувавме за оваа ситуација, и тој ни ги даде сите корисни совети.
За сите ентузијасти можам само да порачам, сериозна работа е рафтингот, не се зезајте, веслајте, бидете физички спремни од предходно, носете ја правилно опремата-навистина заштитув a. Бидете спремни за секоја ситуација. Се гледаме следната година.
Автор: Софија Граматикова
|