Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

ПО СВЕТА ГОРА - јуни 2014

На Света Гора се случуваат интересни работи. Таму дневно може да влезат само 100 луѓе; деноноќието не почнува на полноќ туку од заоѓање на сонцето (тнр. византиско време); има само мачки и кокошки и ниту едно друго женско битие; од Уранополис тргнавме петмина, а после четири дена, се вративме шестмина, ...

За Света Гора (Mount Athos) на Интернет има многу информации, но посетата во живо е вистинска авантура. Обезбедување визи ( Д иамонитирион), барање благослов за посета и сместување во манастирите, патување со брод, тесните, со камења послани патеки кои водат до манастирите, ...

Легендата вели дека бродот со кој Богородица пловела кон Кипар, бурата го однела на бреговите на полуостровот. Таа била толку воодушевена од природата што го замолила сина си околината да биде нејзина градина. И чула глас кој рекол: „Ова место нека биде Ваше наследство и Ваша градина, рај и спасение за оние кои бараат спас“.

А, што е толку убаво на Света Гора? Убав е врвот Атос (2.033 м.) кој завиен во облаци високо се издига над морето, убаво е тиркизното море во длабоките заливи, манастирите изградени над високи карпи, покривите од камени плочи, извитканите од старост и ветер маслинови стебла, величенствените фрески во манастирските трпезарии, погледот врз илјадагодишните икони, пеењето на монасите,... За 4 дена, колку што трае визата ние видовме многу работи, поминавме околу 60 км. на нозе, задржувајќисе најмногу на југоисточниот и источниот брег на полуостровот.

Ако некогаш сме биле изненадени од грчката ефикасност тоа беше при вадењето на визите за Света Гора. На вратата од Бирото за издавање на визи во Уранополис пишуваше дека почнуваат со работа во 6:30 часот наутро. Ние пред Бирото бевме во 6:15 часот, а вратата беше отворена, четворицата вработени беа зад шалтерите, а компјутерите им беа вклучени. Ние во 6:25 веќе бевме со визите во раце. Зачудени и насмеани излеговме надвор од Бирото и тргнавме кон пристаништето. Брзиот брод „ Micro Agia Anna “ за околу 2 часа не однесе од Уранополис до Кавсокаливија, на крајниот југ на полуостровот, од каде што, по стрмната патека, по стотина камени скали, тргнавме нагоре кон скитовите Ag. Triados и Ag. Neilos . Среќа што патеката водеше меѓу дрва, па бевме заштитени од сонцето. Ag. Neilos кој беше високо во карпите, изгледаше скоро непристапен. Од 0 м. надморска височина се искачивме на околу 500 мнв., и почнавме да се симнуваме кон скитот Продромос. При преминувањето низ камениот сипар, меѓу Ag. Neilos и скитот Продромос, почна да врне дожд и град. Затскриени под дрвата гледавме како темните облаци ги покрија врвот Атос и длабоките заливи. Набрзо дождот престана, сонцето ги проби темните облаци и ние продолживме по патеката.

Во пресрет ни дојде млад монах кој завиен во црно, со ранец на грбот, забрзано се искачуваше по патеката по која ние се симнувавме. „Од каде сте?“ праша. „Од Македонија“ му одговоривме. “А, каде одиш ти?“ го прашавме. „На врв, на Атос“ се насмеа. „Па зарем ќе се искачиш на врвот денес (веќе беше пладне)? “ прашавме ние заинтересирано. „Неее, ќе спијам во Панагиа и утре ќе се искачам“.

Од далеку ги видовме скитот Продромос и Манастирот Голема Лавра каде што требаше да спиеме. И над двата храма имаше високо издигнати градежни кранови. Скоро сите манастири што ги посетивме беа во фаза на реконструкција. Некаде ги обновуваа конаците, некаде пристапните патеки, а некаде покривите на црквите. Се чувствуваше голема раздвиженост во и околу манастирите и никој не обрнуваше големо внимание на посетителите. Од скитот Продромос (со романски свештеници) тргнавме кон најјужната точка на полуостровот, до ‘ртот Акратос.

Брзавме да стигнеме во грчкиот манастир Голема Лавра пред да почне вечерната служба. Манастирот Голема Лавра, најголемиот и најстариот меѓу светогорските манастири, е обиколен од ѕидини, висока кула и големи конаци. Во приемната просторија “Archontariki” не пречекаа со ладна вода, ракија, локум и кафе. Ни кажаа кога е вечерната и утринската служба, кога е вечерата, и ни ја покажа собата. После вечерната служба вечеравме во една од најубавите трпезарии во кои што сум бил. Висока просторија со дрвени греди на таванот, со бели мермерни маси и живописно осликани ѕидови. Не знаевме каде побрзо да гледаме; дали во масата преполна со јадења кои требаше брзо да ги изедеме (додека трае проповедта) или во фреските кои не опкружуваа. После вечерата се стивна. Тивко разговаравме со другите посетители во манастирот, се додека не не совлада уморот и се повлековме во собите. Дента од Кавсокаливија до Манастирот Голема Лавра за 6 часа поминавме 15-тина км. и висинска разлика од 1.125 м.

Следното утро, на изгрејсонце, со комбиња, околу 40-тина луѓе тргнавме кон административниот центар на Света Гора, гратчето Кареја (околу 1 час возење, за 8 евра по човек). Во Кареја се наоѓа најстариот храм на Света Гора, Протатон, со икони од VIII век. Бевме воодушевени од внатрешноста на црквата. Иако без благослов на свештеник не е дозволено сликање, ние направивме неколку фотографии внатре. Во Кареја има продавници за работи кои се изработуваат во манастирите и скитовите, има пекарница и мал супермаркет.

На 5 минути од Кареја е манастирот Кутлумуш каде што случајно се запознавме со монахот Сава, смирен човек, кој ги пресадуваше цвеќињата во саксиите. А, дворот на манастирот е како слика. Црвена црква во средината, а наоколу високи конаци на чии ѕидови висат цвеќиња и пеат птици.

Продолживме пешки надолу кон источниот брег, кон манастирот Ставроникита. Надвиснат над карпите, манастирот изгледаше нестварно. Висока забеста камена кула, бело обоени конаци надвиснати над карпите, дрва маслинки во дворот, мали базени со риби и процветани лотосови цветови на влезот, црква посветена на Св. Никола во средината на манастирот, љубезен монах кој не послужи со ладна вода, кафе и локум и ни ја отвори црквата. Мислам дека Петар Герасимов, кој е зограф, ќе паднеше во несвест од убавината на иконите во црквата. Од Кареја до Манастирот Ставроникита ни требаа околу 1,5 часа симнување.

Патеката покрај брегот, надвисната од дрва, не водеше кон манастирот Пантократор. До манастирот кој беше во големи градежни работи стигнавме за околу 1 час. На влезот на манастирот се запознавме со германецот Валтер кој ни правеше друштво во следните денови, и бидејќи немаше можност за подетално разгледување на манастирот продолживме кон Манастирот Ватопед. А, Манастирот Ватопед е огромен. Голем поплочен двор, со црвено окречена црква, високи конаци околу дворот, 120 монаси и многу посетители од Грција и Русија. До дел од највисоките спратови на конаците имаше лифт. Надвор од манастирот има маслиници, вештачко езеро, пристаниште, пожарникарско возило, ... Вистински град.

Вечерната служба беше неверојатно доживување. 120 монаси во религиски занос ги бацуваа иконите длабоко поклонувајќи се пред нив. Од иконите и фреските светците со своите широко отворени очи како да го посматраа секој чекор на посетителите, а надвиснатиот крст над олтарот како да им се закануваше на монасите: „Пејте посилно, пејте поубаво“. А, монасите како да се натпејуваа, поубаво и посилно. Како во миг помина двочасовната вечерна служба, и бевме поканети на вечера. Ги спуштија белите завеси на влезот на црквата и ги подигнаа завесите за влез во трпезаријата. Како да се затвори еден, а се отвори друг, поубав свет. Трпезаријата беше величенствена; едноставни бели мермерни маси и раскошни фрески по ѕидовите. Секој милиметар од внатрешните ѕидови беше покриен со прикази од Библијата. На една фреска, пеколот ги голташе неверниците чии тела гореа во врелата лава, а светците, високо на небото, им нудеаат спас на верниците. Додека сите јадеа во тишина и го слушаа гласот на свештеникот, ние не можевме да ги одвоиме очите од живописните фрески. На излегување монасите им се поклонуваа на посетителите кои ги удостоиле со чест да им дојдат на вечера. Се искачивме со лифт на 4-ти спрат во конаците и набрзо не совлада сонот.

Следното утро после утринската служба и доручекот, прво купивме сувенири од продавницата за икони (се плаќа и со платежни картички) и тргнавме кон бугарскиот манастирот Зограф. Патеката е долга и низ шума. Високи конаци на манастирот Зограф опкружуваат една поголема и една помала црква. Љубезните домаќини не пречекаа со ладна вода, локум и кафе, и потоа не прошетаа низ комплексот. По тесни шумски патеки, а потоа по широк земјен продолживме кон српскиот манастир Хиландар во кого стигнавме после скоро тричасовно пешачење. И над него беа надвиснати два градежни кранови поради реконструкција на изгорените конаци. Затоа спиевме во голема просторија вон ѕидините на манастирот. Високата кула надвисната над црквата доминира над целиот комплекс. Во манастирот имаше околу 50-тина аџии, најмногу од Србија. Утредента, со превоз обезбеден од манастирот отидовме до пристаништето Јованица на западната страна од полуостровот каде што го чекавме траектот со кого се вративме во Уранополис.

За првпат бевме на Света Гора и посетивме многу интересни места, запознавме многу луѓе. Германецот Валтер ни стана шести член на нашата група. Монасите не сакаат многу контакти со гостите; си имаат свои работни задолженија кои мора да ги извршат во текот на денот, а тука се и долготрајните вечерни и утрински служби.

Во денешниот хиперповрзан и хиперинформативен свет, Света Гора е вистински мирен агол во кого времето како да застанало. Едни одат таму поради поклонување и давање почит на светците, а други поради недопрената природа, мирот и самотијата. На трети им е интересна архитектурата, фреските и иконите. Секој мотив за аџилак на Света Гора е валиден се додека се почитуваат воспоставените правила.

Детали:

•  Во текот на летните месеци е многу топло да се пешачи низ Света Гора, па можеби е најдобро е да се посети полуостровот во текот на пролетните и есенските месеци. Но, процедурата мора да се почне многу порано, барем 4 месеци пред посетата.

•  Во манастирите има ладни извори на вода, кревети со чисти чаршафи, крпи и папучи за секој посетител, тушеви, богата вечера и доручек. Во текот на повеќечасовното пешачење јадевме овошје, ореви и бадеми, риба од конзерви, а во манастирите: тестенини, зеленчук, сирење, овошје, риба и вино (освен во деновите кога се пости).

•  Во Уранополис може да се купи детална мапа од полуостровот (1:60.000) за 6 евра, и книга со детали за манастирите за 7 евра.

•  Најголем дел од патеките низ Света Гора се добро обележани со патокази, но треба да се носи и ГПС уред со впишани патеки. На многу места патеките се покриени со внимателно наредени камења, на успоните има и камени скали. За повеќедневно одење најпогодни се спортски чевли со тврд ѓон, а никако лесни, спорстки патики. Има мобилна мрежа низ целиот полуостров.

•  За православните христијани Д иамонитирионот (визата) чини 25 евра, брзиот брод од Уранополис до Кавсокаливија - 21,5 евра, траектот до Јованица до Уранополис - 5,5 евра, комбето од Манастирот Ватопед до Кареја - 8 евра, ... малите икони по манастирите околу 5-6 евра, а поголемите се и поскапи, ...

•  Во дел од манастирите сосема нормално го прифаќаат фактот дека посетителите се христијани од Македонија. Но, има и провокации. Во продавницата за икони во грчкиот манастир Голема Лавра монахот кој плетеше бројаници на англиски ме праша од каде сум. „Од Македонија, од Гостивар“ му реков. „А, во која црква се молиш? Во српска или грчка црква?“. Јас божем зачуден го прашувам: „А, зошто да се молам во друга црква кога имаме наша?“. “Па таа црква е во шизма. Која црква ја признаваш?“ продолжи тој со повисок тон. Бидејќи после поминати 15-тина км. на нозе и по дожд и град, бев изморен, не планирав да се расправам за црковната историја, продолжив да разгледувам што нудат во продавницата. „Американците се криви“ си заклучи самиот и со смирен глас, сега на бугарски јазик, ме праша: „Како ти е името?“ „Горан“, реков. „А, твоето?“ „Павел“ – одговори тој. На излегување ми подари мала икона.

Напишал: Горан Николоски
Фотографии од: Петар Герасимов, Светомир Милошевиќ, Горан Николоски

 


Петмина


Со „ Micro Agia Anna “ во Кавсокаливија


Кон скит Ag. Neilos (горе десно)


Ag. Neilos


Невреме


Скит Продромос


Кон манастирот Голема Лавра


Манастир Голема Лавра


Кареја


Во храмот Протат


Манастир Кутлумуш


Атос (2.033 м.)


Манастирот Ставроникита


Манастирот Ставроникита оддалеку


Патека кон манастирот Пантократор


Манастир Пантократор


Манастирите Пантократор, Ставроникита и високиот Атос


За гостите: ладна вода, ракија, кафе и локум


Манастирот Ватопед


Високите конаци во манастирот Ватопед


Манастирот Ватопед оддалеку


Кон манастирите Зограф и Хиландар


Манастирот Зограф


Кон манастирот Хиландар


Манастир Хиландар


Големата спална соба


Пред трпезаријата во манастирот Хиландар


Кон Уранополис


Тргнавме петмина, се вративме шестмина


Света Гора

 


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje