Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Сува Планина - 18 април 2010

Сува Планина е планина во комплексот Караџица, Јакупица, Даутица. Географски таа го претставува најистурениот северо-западен крак на овој комплекс. Се протега во правец север-југ, почнувајќи некаде од селото Нова Брезница, односно од местото каде сега се наоѓа браната Козјак, од запад е заградена со текот на реката Треска, односно сега со водите на езерото, а од исток со долината на Патишка Река. На југ оди до Мирска Вода, каде што продолжува во планината Караџица. Планината е варовничка и има изразит карстен рељеф, со многу дупки, вртачи, јами, пештери. Блиску е до Скопје, но ретко посетена, бидејќи обично се оди на повисоките врвови во близината: Убава, Остри Врв, Миленков Камен и тоа од селото Патишка Река.

Ние решивме да направиме мало истражување на овој терен, да се запознаеме со него, а и тој со нас. Една од причините за истражување беше и можноста тука во иднина да трасираме патека за планинско трчање - патека која би имала должина од околу 12 км и би имала речиси постојан успон. Истражувајќи по картите и Google Earth го забележав овој предел и ми се виде погоден за такво нешто.

Последните два-три дена постојано ја следевме временската прогноза за да видиме дали ќе може да ја организираме акцијата во релативно поволни услови - и - имавме среќа - прогнозата беше добра - така да се договоривме со Марин во 6:00 да појдеме од Скопје кон Нова Брезница. Во 7:10 сме таму и веќе во 7:15 поаѓаме нагоре, од надморска висина 770m.


ливадите околу Нова Брезница

Одиме јужно од селото и наскоро скршнуваме десно по едно не многу широко, но добро утабано планинско патче, се гледа дека е често користено. Тоа е патека кон ридот Остреш, висок околу 1000 m.


патеката кон Остреш


ливада на Остреш - поглед кон Габрулица

На излез на ридот се отвара патеката во една, а подоцна уште една ливада. Оттука продолжуваме кон Габрулица, следниот рид пред нас. Тука веќе патеката е послабо воочлива, обрасната со гранки. Некаде на половина од патеката кон Габрулица, излегуваме на еден широк пат по кој може да одат теренски возила (па дури и обични возила, бидејќи беше одлично направен), а кој се движеше по изохипса во правец исток - запад. Тој пат (проверив на карта) на запад оди до Кула и може добро да се искористи за потребите на планинската трка.


широката патека на Габрулица - да провериме на карта каде сме


Орлите летаа над нас - дали е тоа некоја скриена порака дека треба да одиме на врвот Орле ?!

Излегуваме на Габрулица и тука пределот ведаш не пречекува со еден кратер, како да е од вулкан или кратер од метеор. Но не е ниту едното ниту другото. Оттука па натаму целиот предел е исполнет со такви дупки, речиси рамномерно распределени на секои 50 - 100 метри. Избираме патека помеќу дупките за да не одиме само горе-долу и се упатуваме кон Житин. Потоа скршнуваме во десно, во правец на југо-запад, со цел да стигнеме до сувото езеро и понатаму до гребенот од од каде би можеле да фрлиме поглед кон езерото од браната Козјак. Тука има убави широки шумски патишта, очигледно направени со цел привилегираните ловци од резерватот Јасен слободно да си ги возат џиповите и да пукаат околу - патеки во одлична состојба.

На околу еден километар понатаму, ја забележуваме првата јама во еден од кратерите. Јамата или пропаст - како што се среќава во литературата, е појава карактеристична за вакви варовнички терени и тоа се дупки кои одат вертикално надолу. На теренот на Сува Планина има повеќе вакви јами, чии длабочини (според она што го најдов на Internet) се од 30 до 90 метри. Имено, овој комплекс на планини претставува најголем варовнички блок во Македонија, а неговата длабочина (дебелина) досега околу 800 метри.
Оваа прва јама беше помала, но многу интересна. Веднаш до дупката се наоѓаше и череп од некое големо животно, најверојатно од коњ.

Во овие пропасти порано селаните се спуштале со јажиња и оттаму ваделе блокови со мраз кој потоа го спуштале со коњи и магариња во Скопје и го продавале на слаткарите во летниот период. Баш поради дебелиот слој на мраз кој е наталожен во дупките не се знае точната длабочина на пропастите. Вакви, но уште поголеми јами има во близина на Солунска Глава и спелеолозите од "Пеони" ги имаат истражувано и овие и тие таму.


првата пропаст - од далеку


на влезот од пропаста


дупката на пропаста со снег на влезот

Продолживме понатаму - наскоро скршнуваме во лево и по петнаесетина минути стигнуваме кај сувото езеро - широко плато сега изорано во паралелни ленти за потреби на пошумување. Одиме преку сувото езеро во правец на Зајачница - врв со висина од 1769 m. патот не води низ една прекрасна долина, долу со свежа убава трева, од страните дрвја, што иглолисни, што листопадни - особено ни го привлекоа вниманието убавите борови кои наликуваа на приморските. По околу 2 км стигнуваме до крајот на патот - тука има убава полјанка и потоа - провалија на другата страна во правец на реката Треска.


патот кон сувото езеро


сувото езеро - назад десно - Зајачница


патаката низ долината кон подножјето на Зајачница

Се покажува еден карпест терен и на лево и на десно, со стрмни страни и со гребени кои одат како ребра, прошарани со иглолисна шума. На 50 метри од нас се појавија 6-7 дивокози, кои, бидејќи го насетија нашето присуство, стрмоглаво почнаа да се спуштаат по карпите.


карпите - на подножјето на Зајачница


поглед на лево - кон браната Козјак


поглед на десно


убавите борови

Уживаме во прекрасната глетка десетина минути, па почнуваме да се искачуваме во правец на Зајачница. одејќи на работ од провалијата и гледајќи ги прекрасните глетки што ни се прикажуваа. Тука имаше една ловечка куќа во добра состојба. Местото е идеално да се направи логор за ден-два и да се шета наоколу, можеби да се искачи некоја карпа, или во зимски услови да се вежбаат кулоари.


поглед кон Зајачница - подолу - ловечката куќа


уште еден поглед надолу


една убава карпа за качување

Од околу 1600 метри нагоре почнаа снежни јазици. Одиме право нагоре и наскоро сме на Зајачница. Времето стануваа магловито - навлеговме во облак и нормално - веднаш станува поладно. Тука на врвот не дочекува уште еден орел кој лебди на ветрот. Сврте два-три круга над нас, па потоа си продолжи некаде на друго место.
Ние тргнавме прво накај врвот Уши, но наскоро свртевме во лево сакајќи да ја најдеме големата јама - Пропас, која на карта е добро обележана и чија локација ја имав внесено во GPS-от.


на Зајачница


врвот Уши


типичен предел за Сува Планина - ритчиња и дупки

Наскоро ја откривме јамата. Овој пат јамата беше поголема - на влезот имаше ширина од околу 8 метри. Се спуштивме надолу неколку чекори, до каде што беше безбедно, сликавме и снимавме со камера. Веднаш до јамата има остатоци од трла и бачила. Целиот овој предел е тревнат и тоа се одлични пасишта за летниот период.


јамата Пропас - од далеку


влезот во јамата

По краткиот одмор (веќе беше околу 12 часот) решивме дека е време да се враќаме. Нормално не по истиот пат, туку сакавме да ја испитаме планината од другата страна - од страната на Патишка Река. Од јамата тргнавме на северо-исток кон блиското седло и кога го искачивме него се покажа еден друг свет - донекаде сличен, но и поразличен од досегашниот. Многу позелени површини. увалички, уште од горе се гледаа 2-3 бачила. Се спуштивме надолу по остатоците од снег. Колибите од бачилата беа полуразрушени, не баш угледни. Но природата беше фантастична - зелена сочна трева, искомбинирана со сончевите зраци кои се пробиваа низ облаците - рај на земјата.


од другата страна - накај Патишка Река


едно од бачилата


no comment


поглед надолу кон селото Патишка Река


уште еден поглед кон убавините на овие планини

Одиме уште малку на север, па потоа скршнуваме кон запад - време е да се враќаме. Тука наидовме на уште две бачила, од кое едното е нова градба и се гледа дека е добро одржувано - на карта пишува бачило Сивовец . Веднаш по бачилото има две ептен мали езерца и една дупка со вода. Помисливме дека е извор, но кога ѕирнавме поубаво и фрливме еден камен во водата, сфативме дека е тоа всушност една од оние јами, ама исполнета со вода.


бачило со 5 ѕвездици


дупката со вода близу бачилото Сивовец

Патот назад го правиме пак преку сувото езеро. Сакав да ја проверам патеката (онаа широката за теренски возила) за планинската трка, па затоа одиме по широкиот пат до месноста Кула, каде е рампата за влез во резерватот "Јасен". Таму се видовме и поразговаравме со чуварот и оттаму по асфалтниот пат се вративме назад до селото Нова Брезница. Во 16:30 сме кај возилото, по изминати 32 километри.

Ни беше мило што уште еднаш она што се роди како слаба идеја во нашите глави успеавме да го доведеме до реализација. Што се однесува до патеката за планинско трчање, треба да испитам уште неколку варијанти, веќе ги имам трасирано правците, но мора да поминеме уште еднаш на овој терен, се надевам дека следниот пат тоа ќе биде со моите пријатели - маратонци.


сувото езеро и патот што оди кон Кула



шумскиот пат накај Кула


патеката во форма на бројот 8 по која што се движевме


висински профил на патеката

Должина на патеката : 32 km
Вкупно искачување : 1235 m


автор : Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje