Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Кораб планина : Бабин Камен и Шупља Стена - 10 октомври 2010

Масивот на планината Кораб е прекрасен, но за жал, за нас планинарите, сметам се уште недоволно истражен дел од македонските планини. Со своите гребени, остри врвови, длабоки долини, многу реки и езерца претставува остров на недопрена убавина. Се надевам дека барем ние планинарите ќе се погрижиме и во иднина тоа да остане така, да уживаме во природата без да ја загадуваме и уништуваме.

Приказната почнува горе-долу стандардно. Идејата за турата кружи низ глава одреден период, се прави план, се трасира патека, се бара друштво. Овој пат со нас (Марин и Трајче) дојде уште Петар Герасимов (Перо) - и тој член на П.Д. "Макпетрол" и Андреја Јакимовски - член на "Македон". Рано наутро во недела - 10.10.2010 поаѓаме од Скопје со возилото на г-н Перо. Нешто по 6 часот сме во село Жировница. Андреја, кој веќе порано бил на овој терен, ни кажа дека е подобро да паркираме во горното маало. Најдовме место за паркирање близу до горната џамија. Селцето чисто, средено, со многу нови куќи, а тесни улички - како да сме во Андора. Луѓето љубезни, спремни за разговор. Во селото пицерија, Интернет кафе, неколку слаткарници. Жал ми беше што не се задржавме на враќање барем малку во некоја слаткарница. Но ... можеби следниот пат.

Се подготвуваме и во 6:35 поаѓаме кон излезот од селото. По пат ги среќаваме жителите на селото кои рано станале да си ги завршат своите работи. Еден од нив ни кажа за патот кон Бабин Камен, дека е подобро да фатиме од десната страна на долината на Жировничка река - што се поклопуваше и со нашиот план. Исто така ни кажа дека пред една недела веќе овците се спуштени долу од бачилата - што за нас беше добра информација - не мораше да се грижиме за контакти со кучиња во планината.


патеката над селото Жировница - иње по тревата

Патеката оди над селото и потоа фаќа по долината на реката, помеѓу Куртово Ќуле од левата и Кребуљиц и Асан Кула од десната страна. На поаѓање температурата беше малку над нулата, а на тревата и папратта беше нафатено иње. Но сонцето почна да се појавува и неговите зраци наскоро почнаа да не загреваат, а особено не загреа бојата на шумата осветлена од сончевите зраци - златно жолта есенска боја.

По околу половина час одење патеката навлегува во шумата. Убава букова шума, патеката идеално трасирана, да може да се оди без напор. На две места се минуваат мали поточиња.


по шумската патека

Потоа низ се поретката шума почнуваат да се наѕираат карпестите убавини на стрмната падина на Куртово Ќуле. Имаме впечаток како да сме на Доломитите. Стрмни карпести форми, а помеѓу нив убави тревни косини, по некое дрво... Вистински празник за очите.


дел од падините на Куртово Ќуле

Долината на реката се повеќе се шири и доаѓаме на излезот од долината, во еден амфитеатар каде се наоѓа бачилото. Од левата страна се врвовите Куртово Ќуле (2082 m), Јаворско Брдо (2155 m) и на крајот - на граничната линија со Албанија - Високо Брдо (2245 m). Малку подесно се наоѓа врвот Плоча (2233 m) - на врвот со трапезоидна форма - а од северна страна, како и од Албанска - западна страна - со многу стрмни и карпести делови. Тука во амфитеатарот се сливаат повеќе поточиња - на тревките над водата беа формирани мразулци - значи ноќта тука било доста ладно.


на излезот од шумата - врвот Високо Брдо

Мојот план "од дома" беше да појдеме до Бабин Камен - едно карпесто и според мене многу убаво брдо, а потоа да се качиме на сртот - границата со Албанија, па по срт да одиме назад - Плоча, Високо Брдо, Јаворско Брдо, Куртово Ќуле и да се симнеме во Жировница. Но Андреја, кој бил еднаш до делот каде планиравме да одиме - Скржец - гребенот над Бабин Камен, сакаше - ако можеме - да појдеме малку по на север - до убавиот врв Шупља Стена (2440 m). Се договоривме да појдеме прво до Бабин Камен, па оттаму да ја разледаме можноста за искачување на Шупља Стена, бидејќи знаев дека во тој дел има доста карпест терен.

Од бачилото вртиме десно, кон север и се искачуваме кон брдото Три Синори - убава купола која стои малку под главните врвови. Решаваме да поминеме од долната страна, за да добиеме во време. Но кога дојдовме до таму, погледот ни го привлече една карпа која гордо штрчеше над околината. Моравме да застанеме под неа и да си направиме мало задоволство со тоа што се искачивме на неа.


Делот од Трите Синори со карпата


Искачување на карпата (Петар и Трајче)


искачување на карпата (Марин и Андреја)

Веќе од оваа позиција се отвори погледот кон најубавиот дел од масивот на Кораб, во правец на гребенот Рибничка Скала, Кабаш, Гури Куј... Огромно пространство сега обоено во топли есенски бои. А и времето ни беше ептен погодено - сонце, чисто небо. Под нив - раширена и карпеста - легнала громадата на Бабин Камен. Многу убаво брдо кое може да понуди и некои алпинистички искачувања, а во зимски услови може да биде одлично место за логор и тренинг во зимски услови. Особено што е многу блиску до село Тануше до каде може да се стигне со теренско возило. А во подножјето има ливади, поточиња - идеално за зимски и летни тури.


поглед на дел од Бабин Камен и Кабаш и Рибничка Скала (позади десно)

Но до Бабин Камен треба уште да се стигне. Иако во овие огромни пространства изгледа дека ти е на дофат на раката, сепак има скоро еден час одење до подножјето. А таму има две - три мали езерца, кои очигледно во летниот период биле и поголеми, а сега беа подмрзнати на површината. Од тука, од висина од 1820 метри почнува искачувањето на Бабин Камен. Успон кој бара поштено да се запне - но тоа ќе биде соодветно наградено со прекрасен поглед на сите страни - и на карпите што штрчат под вас, и на врвовите од Кораб од сите страни и на околните езерца и поточиња. Андреја рече дека ова врвче му се чини како Ајланд Пик на Хималаите - сместено во средина под главните врвови и со привилегија да пружа прекрасна глетка на сите страни.


почетокот на искачувањето на Бабин Камен


поглед кон дел од карпите на Бабин Камен


на врвот Бабин Камен (1956 m)


мали езерца од другата (северна) страна на Бабин Камен - накај Извир


поглед на нашиот најомилен врв - Кабаш - под него билото на Махија е Маде

Во 10:30 сме на врвот. Тука правиме мал одмор, за да појадуваме нешто и да направиме фотографии од околината. Го гледаме теренот кон Шупља Стена и утврдуваме од која страна би било најдобро да се искачи. Гледаме дека искачувањето е стрмно, но изводливо. Правиме договор да се обидеме да го искачиме врвот до 13 часот. Ако не успееме отприлика за тоа време, да поаѓаме назад. Но сметаме дека има доволно време, метеоролошките услови се извонредни и затоа не седиме многу на Бабин Камен, туку се спуштаме надолу.


спуштање од Бабин Камен - отприлика патеката кон Шупља Стена

Го минуваме делот избразден со неколку поточиња богати со вода - тој дел во картите е означен Долен Чардак. Десно од нас е Бачилски Камен - уште едно брденце во подножјето на Шупља Стена. Потоа почнува стрмно искачување - прво по трева, потоа малку по камењарот, кој на моменти е полесен за качување од стрмниот терен со висока трева. Стигнуваме до висина од околу 2100 метри каде се наоѓа еден покарпест дел, но со тревни премини помеѓу нив. Го избравме оној што ни изгледаше најдобар за минување. Кога дојов до таму, видов дека тука има патека - патека која траверсира од лево на десно. Тоа уште еднаш ми го потврди она што и претходно некако го наслутував - целиот овој дел - целиот масив на Кораб е избразден од многу убави и логични патчиња - кои со векови претходно локалните жители ги трасирале. А и премините од наша кон Албанска страна си функционирале. Ако е од едната страна карпа, патот оди од другата страна, некогаш повисоко, некогаш многу пониско. Но генерално, ако сакаш некаде да стигнеш, најверојатно веќе таму има убава патека.


почетокот на искачувањето на Шупља Стена


на излез од првиот дел од искачувањето

Потоа излегуваме на едно тревнато плато кое наскоро повторно стрмно се искачува нагоре. Се упатуваме кон гребенот кој е граница со Албанија, бидејќи сакаме да видиме што има од другата страна, а и патеката оттаму е некако пологична.
По стрмниот тревнат дел, веќе на најгорниот дел наидуваме на крапест предел, кој особено од албанска страна е со стрмни литици, но понатаму од албанска страна се шири во една прекрасна долина - амфитеатар со изразиот алпско - леднички карактер. Да се надеваме дека ќе дојде време кога ќе можеме да шетаме и по тие прекрасни предели.

Искачувањето на последниот дел е по карпи, по лошо време, а особено по снег мора да се биде екстремно внимателен.


искачување во вториот дел - по граничниот гребен


под самиот врв - Шупља Стена


Перо и Андреја на гребенот - назад се Голем Крчин (полево) и Веливар (подесно)


Андреја, Марин и Перо на врвот Шупља Стена


поглед кон Мал и Голем Кораб (крајниот десен врв) - под нив Боази, Дерза


на албанска страна - Маја е Пепелникут (белите падини) - Проклетије на крајот на хоризонтот - со тазе снег

Од Шупља Стена натаму веќе е тешко проодно - наскоро се наидува на еден процеп - околу пеесетина метри вертикала која би требало да се качува со алпинистичка опрема, но и тоа не знам колку е препорачливо, поради ронливиот карактер на карпите. За оние кои сакаат да го траверситаат Кораб, има можност да се помине од подолу - оној патот на кој наидовме на околу 2100 - 2150 метри надморска висина - тој продолжува под Црн Камен во правец на Дерза.

На врвот успеавме да стигнеме до 13 часот. По краткиот одмор се спремаме за назад. Од албанска страна почнаа да се креваат и некои облаци, кои не натераа побргу да станеме и да појдеме назад.

На враќање малку си поигравме кај природниот феномен - дупката - мост поради која и врвот се вика Шупља Стена. Ние на доаѓање со Марин поминавме од горе и не ја забелажавме, но Петар и Андреја ни укажаа на неа.


природната шуплина на Шупља Стена


детал од врвот Шупља Стена - се наѕира лево од врвот дупчето во карпите.
Се дава претстава и на понатамошниот дел од стрмниот гребен

Потоа почна спуштањето. Одиме по истиот пат до карпата на 2150 метри, а потоа го следиме патот кој полека се спушта кон југ - кон преслапот во правец на врвот Плоча. Патот минува под камењарот и високите карпи на јужната страна на Шупља Стена.


јужната страна на Шупља Стена

Од преминот одиме по делот наречен Горен Чардак и понатаму се спуштаме кон Трите Синори. Таму правиме пауза - на точката кога мора да преминеме од другата страна и кога веќе нема да ги гледаме овие прекрасни предели. Седиме малку и уживаме во огромноста на просторот и мирот што е околу нас.


огромните пространства на Кораб


одмор во друштво на Бабин Камен и Кабаш

 


падините на Куртово Ќуле во вечерна светлина


при крајот на целодневната тура - над село Жировница

Се враќаме назад по истиот пат од каде што утрото дојдовме : бачилото, стрмните страни на Куртово Ќуле, долината на Жировничка река, шумичката. Во селото стигнуваме во самата квечерина, околу 18:15 сме кај колата. Повторно љубезните домаќини од селото не сретнаа, не прашаа како сме си поминале, ни посакаа среќен пат.

 

Технички податоци :

Должина на патеката : 25 km
Висинска разлика (успон) : 1775 m


висински профил на патеката


3D претстава на изминатата патека (според GPS-от)


детал од искачувањето на врвот Шупља Стена

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк : http://picasaweb.google.com/117320863135421357287/BabinKamenSupljaStena#
GPS записот можете да го симнете од следната адреса :http://www.stazeibogaze.info/2010/10/12/korab-planina-babin-kamen-i-suplja-stena-2440-m/

текст : Трајче Панковски
фотографии: Марин Стојановски, Петар Герасимов, Андреја Јакимовски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje