Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Корабски масив : Шупла Стена (2440 m) - 22 септември 2013

Акција на нашиот клуб на веќе добро позната дестинација - Шупла Стена. Но секогаш доаѓаат и нови членови кои се запознаваат со овие прекрасни предели. Така беше и овој пат. 13 души со 4 возила поаѓаме од Скопје во 5 часот наутро. Околу 6:30 сме во селото Жировница - Горно маало. Таму веќе не чека нашиот локален водич и доба пријател Даут Јашари. Денот убав, со мала облачност но пријатен. Поаѓаме отприлика околу 7 часот. За овој пат Даут ни предлага да појдеме при искачувањето од кај Асан Кула, што - нормално - ние го прифаќаме.


по излеозт од шумата - боровинки

Во делот кога се излегува на превојот - природната граница помеѓу атарот (синорот) на Жировница и село Тануше - забележуваме многу исечена шума и направени со булдожери патеки за пристап на камионите - патишта за сеча на шума. Бевме прилично разочарани од ваквото нагрдување на околината и од осиромашувањето на шумскиот фонд. И самата планинарска патека беше малу настрадана при минувањето на булдожерите. Продолжуваме понатаму. Наскоро наидуваме - некаде пред излезот од шумата - на појас богат со малини, а по излезот од шумата пак започнуваат боровинките. Тоа малку ја успори нашата група, но не за долго. Убавините кои се покажаа по излегувањето на чистина не водеа напред. Одмор правиме некаде под Трите Синори - Висока Карпа. Од ова место се гледа целиот предел во правец на Кораб - Бабин Камен, Кабаш, Шупла Стена, Дерза... Но има висока облачност па највисоките врвови беа пресечени со облаците. Штета.


кај Трите синори


пред Бабин Камен

Продолжуваме кон запад - нешто под главниот гребен на Корабскиот масив кој е и граница со Албанија. Тука, на висина од околу 2000 m има убава патека која не води кон север - за околу еден час стигнуваме кај превојот Шкртец каде што има и остатоци (темели) од стара караула. Од овој превој започнува Шупла Стена. Патеката за искачување води не веднаш по гребенот, бидејќи тој е многу карпест, туку под него, по трева па по сипар - од источната страна. Во камениот ѕид кој е над нас на едно место има погоден терен за да се премине - води и тесна патека таму. Преку карпест но едноставен за качување терен излегуваме над карпите повторно на огромна ливада, која по некои двеста метри почнува стрмно да се издига нагоре - како скијачка скокалница. Тоа е успонот кон Шупла Стена.


на подножјето на Шупла Стена


поглед кон Бабин Камен и езерцата над него


преминот помеѓу карпите

По стрмната трева се развлече колоната - секој си фати своја борба со висината. Навлезени сме во облак - почна да дува и засилен ветар па сите ставаме капи, ракавици, јакни. Кога ќе се излезе на гребенот наидуваме на карпест предел, кој од левата - албанска страна е стрмен - на места провалии. Од десна страна е исто така стрмно, но помалку, така да може да се минува. Малку пред врвот доаѓаме до карпата во која има дупка и се гледа од спротивната страна - шуплата стена. Во однос на минатиот пат - забележуваме дека во горниот дел фали парче од карпата - се прашувам уште колку време ќе издржи оваа природна формација под влијанието на ветрот, снегот и дождот. Веднаш потоа доаѓа врвот, тесен гребен кој е во облак. Групата се собира таму, чекајќи ги сите да дојдат, па потоа, бидејќи дува засилен ветар, се спуштаме надолу - на малку попријатни услови.


по стрмниот терен нагоре - облак и ветар


шуплината на Шупла Стена


наредени на врвот Шупла Стена (2440 m)

.
подолу на ливадате - групна фотографија - кој угоре - кој удолу


враќање назад кај преминот меѓу карпите

Го минуваме преминот меѓу карпите - веќе станува потопло. Полека по сипарот стигнуваме до преминот Шкртец. Тука седнуваме кај старата караула и правиме пауза. Во меѓувреме временската ситуација значително се менува. Ветрот се намалува, а се појавува сонце. Дури станува топло. Го користиме убавото време да фотографираме и видиме наоколу она што досега не можеше да се види - врвот Шупла Стена со карпите под него, врвот Дерза, натаму Кабаш, Гури Куј, Плоча, Веливар... Потоа продолжуваме со патот - право - во правец на подножјето на врвот Плоча, па скршнуваме лево - надолу - кон бачилото. Многу убава патека која оди по изохипса и бргу се минува.


поглед кон Плоча, Високо Брдо и Веливар


карпите од јужната страна на Шупла Стена


Шупла Стена (лево) и Дерза (десно)


Гури Куј (лево) и Кабаш (десно)


пак Шупла Стена убаво осветлена од сончевите зраци


поглед кон Кабаш преку едно од вирчињата на Горни Чардак

При враќањето - некаде над бачилото - забележувам движење во тревата - една шарка се шеташе - малку успорена и немавме никакви проблеми со неа - само искористивме прилика да ја фотографираме. Во долниот дел - под бачилото - ги гледавме трагите од силните лавини кои се обрушувале тука во зимските месеци - невидена сила која има срушено - искорнато големи ленти од буковата шума. Подолу, кај масата и клупите - седнуваме на последен одмор. За уште околу 40 минути стигнуваме во Жировница - некаде околу 16:30 часот. Имаме време да појдеме до ресторанот или до слаткарницата за да си уживаме на кратко - па потоа во колите и назад кон Скопје.


одмор кај масата и клупите


дел од карпите под Куртово Ќуле

Технички податоци :

Должина на патеката: 22 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1660 m
Максимален успон : 44 %, просечен успон : 14,6 %



измината патека


висински профил на патеката

 

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/SuplaStenaKorabMassif

Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Јани Беака, Петар Герасимов, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje