Стогово : Дводневна зимска убавина – 26-27 март 2011
Втор ден: Бик Дорук, Канеш
<претходна страна - прв ден: Остри Камен, Кршисер, Османица >
Будење во 5 часот по ново - летно време. Темница. Полека еден по еден се миеме - некој јаде нешто, пие кафе, чај, сок. Душко и Миланка не ги будиме. Миланка се уште не беше заздравена од настинката фатена претходните денови, а вчерашната акција и тоа што на враќање и беа мокри чевлите и пантолоните само и ја влошија состојбата. Другите си ги проверуваме чевлите - некои суви, некои делумно суви. Но, нема врска, решени сме денот да го искористиме за искачување на најатрактивниот врв на оваа планина.
Поаѓаме во 6 часот - уште е темница па ставаме челни лампи. Наскоро - одејќи нагоре по текот на Гарска река, почна да зазорува а над Кршисер се појави и месечината во последна четвртина.
рано пред зори по патеката над село Гари
месечината ѕирка над карпестите врвови
Не брзаме, знаеме дека имаме доволно време да ја реализираме планираната акција. Снегот под нашите нозе е цврст, подмрзнал во текот на ноќта. Го користиме тоа за да напредуваме нагоре. А нас не греат првите сончеви зраци, иако на запад се набираат темни облаци кои не ветуваат баш многу. Така, полека - полека излегуваме над нивото на шумата и се упатуваме понатаму кон блиското бачило кое се наоѓа под карпите на ридот Чаушица.
веселата дружина бргу напредува тврдиот снег
почнуваат да се гледаат врвовите на Канеш меѓу облаците
бачилото под Чаушица
Кај бачилото правиме одмор за краток појадок на оние кои рано утрото не појадувале. Сега се спремаме да го почнеме главниот успон - сево ова досега беше приближување до местото од каде вистиснкото искачување започнува. Ние бевме на Бик Дорук на крајот на октомври минатата година и тогаш ја искачивме Чаушица од десната - северна и западна страна. За ово пат се решив на варијантата исток - југ - и за да пробаме нова патека, и дека успонот од бачилото нагоре ми се виде стрмен и интересен како можност за тренинг на движење по снежна падина. Токму така и испадна. Стрмна падина, тврд снег, на моменти прилично тврд, па внимаваме од каде би постоела опасност за лавина, одиме над тоа место па пречиме во лево, па микс на снег и трева, па снег и карпи... Влезени сме веќе во облакот - на висина сме над 2000 метри. Мало разочарување кај учесниците - одиш а не гледаш каде одиш - навистина тоа може да го расипе расположението. Излегуваме на гребенот од Чаушица кон "влезот" за Бик Дорук - големата карпеста порта кон светот на дивината. Ветрот дува а видливоста е мала - околу 30 метри.
колоната во искачување
погон на сите четири
на крајот на гребенот
Како што се приближувавме кон крајот на гребенот, почна да ѕирка по малку темна маса меѓу облаците - големите карпи пред нас. Ги гледам и почнувам да врискам - го бодрам времето да се расчисти. Се придружуваат со врескање и викање сите учесници на "експедицијата" и наскоро успеваме да ги растераме облаците. Одиме до камената врата и се шмугнуваме внатре во еден друг свет - во кој нема ветар - се е бело, тивко и спокојно.
меѓу карпите
нема магла, нема облаци
По искачувањето на првото седло - продолжуваме по работ на падината - во изохипса кон подножјето на главниот врв за денес - Бик Дорук. Во меѓувреме времето си игра - се менуваат облаци, сонце, ветар - но тоа предизвикува прекрасни ефекти и создава можности за убави фотографии - што нашиве расположени момци спремно го користат.
накај подножјето на Бик Дорук
една од интересните игри на облаците, сонцето и ветрот
На подножјето правиме пет минути одмор - да се собере сила за последниот успон - последен ама доста силен - го избираме за искачување најстрмиот правец - иако имавме и други можности - сакавме да си ги пробаме силите и можностите.
почеток на послениот успон - малото кулоарче под Бик Дорук
снегот е "таман" - ни многу тврд - ниту пак мек
Во 9:30 сме на врвот Бик Дорук. И како што ние излегуваме еден по еден на врвот, така и сонцето почнува се посилно да се појавува и да ги растерува облаците. Се шири погледот наоколу и гледаме во каква убавина сме се нашле - особено уживаат нашите пријатели кои за прв пат се на овој врв. Се гледа веќе и Дебарското езеро - селата под нас, па и градот Дебар.
групна фотографија на Бик Дорук
дел од екипата на врвот
Перо и Томас загледани во далечините
Кога има сонце веднаш е се поубаво. Седиме на врвот околу 20 минути, шетаме ваму - таму - ѕиркаме надолу во понорите што се отвараат особено на северната и западната страна од врвот. Потоа поаѓаме кон блиското второ врвче - братот близнак - уште еден врв со иста висина како и првиот. Го минуваме малото карпесто седло и бргу ја искачуваме стрмната угорнина.
кон второто врвче со иста висина - 2068 m
на спуштање од Бик Дорук
И спуштањето од врвот е интересно - стрмно е тука се - планината како да е создадена за нас - да ни овозможи да правиме тренинзи какви што сакаме. Се спуштаме на широкото плато помеѓу Бик Дорук и Канеш и се упатуваме во правец на Канеш. Се вртиме наназад за да видиме каде сме поминале. Како што одиме понатаму, кај што се наоѓаме ние грее сонце, а на околните врвови се надвиваат облаци - како да сме сателитски синронизирани со времето.
патеката на нашето искачување на Бик Дорук
поглед од Канеш - карпестиот врв
дел од карпите на Канеш - и снежни стреи
И на Канеш одмараме малку и се враќаме наназад - наоѓаме една падина помеѓу Канеш и Бик Дорук и доаѓаме не седлото кое води кон "камената порта". Оттаму, по истата патека како утрото - но сега по помек снег кој пропаѓа до колена - се враќаме назад до бачилото.
пак назад кај карпата
спуст, слалом и велеслалом - а и акробации - по снежните падини
одмор кај бачилото
Кај бачилото правиме поголема пауза - сонцето толку убаво пече што не мами да легнеме и да задремеме. А рано е - имаме доста време - па затоа се опуштаме некои петнаесетина минути. Потоа стануваме, одиме назад и се вртиме наназад за да се "поздравиме" со карпите на Канеш бидејќи се ближи моментот кога ќе ни исчезнат од видното поле. До следната посета кога можеби ќе влеземе и во некој од кулоарите под Канеш...
поглед кон карпите на Канеш
во пониските предели започнува пролетта
село Гари со карпите на Кршисер над него
Во 15 часот сме вратени во Гари. Во меѓувреме се слушнавме со Миланка - таа и Душко заминале со Горан и Љубиша - нашите пријатели планинари - да го посетат св. Јован Бигорски, Вруток, Гостивар. Ние правиме супа, мал ручек, одмараме, се пакуваме и околу 17 часот поаѓаме од Гари - заедно со нашиот љубезен домаќин овие два дена - Васе. Со загреани лица од сонцето и со весели срца заради двата убави дена поминати на оваа убава планина - се враќаме кон своите домови.
Технички податоци за вториот ден:
Должина на патеката : 19 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1370 m - Макс.процент.успон : 45%
Најниска точка : 1100 m
Највисока точка: 2268 m
3D патека (со црвена боја)
профил на патеката
Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/StogovoBikDorukKanesh#
GPS запис од ова искачување не објавив дека е многу слично со искачувањето направено во октомври минатата година.
Автор: Трајче Панковски
Фотографии: Петар Герасимов, Марин Стојановски, Александар Буцевски
|