Планинарско Спортско Друштво МАКПЕТРОЛ Скопје > Макпетрол Home 
         Почетна страна
         Годишна програма
         Акции
         Документи
         Историја
         Библиотека
         Високогорство
         Topo Maps
         Контакт
         Линкови

 

 

 

 

Шар Планина : Кај мечките на коледе - 08 јануари 2012

Група од 9 планинари поаѓа од Скопје во недела наутро - во правец на Попова Шапка. Претходниот ден дуваше многу силен ветар дури и тука - во Скопје, а за планинаските врвови на Шара беа предвидени ветрови посилни од 100 km/h. По пат накај Тетово половина од сообраќајните знаци беа турнати од силниот ветар. Но утрото беше релативно мирно, речиси без ветар во долниот дел. Малку бевме загрижени поради информацијата дека на Шапка паднале 50-тина cm нов снег - како ќе биде приодниот пат до Шапка, но немавме никаков проблем - на коловозот немаше или имаше многу малку снег, но не беше лизгаво. На Попова Шапка сме околу 6:30. Се спремаме за поаѓање и за десет минути поаѓаме. Тука веќе се чувствува ветрот и затоа уште од сега се облекуваме во потопла облека. Членови на екипата : Деан, Вања, Јани, Никола, Ѓоре, Владо, Васко, Петар и Трајче.

Планот беше да се искачиме прво на Церипашина. Поаѓаме по патеката по која минувал ратракот - да заштедиме енергија во првиот дел и да не газиме длабок снег. Тоа не беше случај со Деан и Ѓоре. Тие по грешка (поради тоа што можеби некои од групата побрзаа да појдат порано) наместо по таа патека пошле по асфалтот во правец на П.Д. "Смрека" и некаде погоре - кај каптажата заглавиле - како што рекоа тие "до врат" во снегот. Потоа решиле да се вратат назад по нашата патека, но тоа им донесе околу половина час доцнење зад нас.

Некаде над Попова Шапка не дочека убаво изгрејсонце - масивот на Јакупица обоен во портокалово од сончевите зраци.


изгрејсоце над Попова Шапка

Снегот на падините на Церипашина на некои места речиси сосема беше издуван од ветрот. Цело време се прашуваме - каде се оние обилни количини на снег кои претходните два дена паднале тука. Некој рече дека ветрот ги оддувал во Маврово. Одиме нагоре по тврдата стаза од ратракот. Ветрот како што се креваме се посилно дува, така да на крајот на жичарницата веќе не е пријатно да се стои - мора да се движиме за да останеме загреани. Се слушаме по телефон со Деан и Ѓоре и чекаме и да ги видиме како доаѓаат и им кажуваме во кој правец ние ќе се движиме - за да дојдат по нас.

Ние продолжуваме по гребенот на Шара - прво до Антените, а потоа уште натаму. Некаде после Антените Вања и Јани решаваат да се вратат - искрено кажано времето не беше баш многу убаво - силен ветар, облачност, слаба видливост. Се поздравивме со нив и продолживме понатаму. Решивме да се обидеме да одиме до каде ќе можеме - потоа ќе видиме - и онака беше рано - имавме време.

Планот од дома ни беше да се спуштиме по еден од гребените - кај ќе ни фати око - за да се спуштиме до седлото под Плат, па - ако се поволни условите - да го искачиме и Плат. Стигнавме до котата 2559 m - врвчетo од кое речиси на сите страни стрмно се спушта теренот надолу - некаде има повеќе карпи, некаде помалку. Делот со камења и карпи беше доста стрмен и камењата беа сосема малку покриени со снег - што значеше дека од таму ќе биде многу лизгаво. Се определивме за побезбедната варијанта - ја фативме северо-источната страна - тревнат гребен на кој немаше многу снег, а кој исто така доста стмно се спушта надолу. Снегот на места беше тврд, но не замрзнат, додека на некои места беше помек и пропаѓаше до колена. Со помош на цепините релативно бргу се спуштавме. Некаде во долниот дел ветрот го снема и дури почна да ни станува топло. Но претходното дејство на ветрот кај некои од нас предизвикаа флеки - измрнатини на лицата, промрзнати прсти на рацете. Правиме мала пауза за да јадеме нешто, дека за друга таква прилика не знаеме дали ќе имаме шанса. Му даваме дел од нашите сендвичи и на кучето кое не следи уште од Попова Шапка.


дел од спуштањето по гребенот


спуштање по гребенот - слаба видливост

Видливоста беше мала - околу 50 метри, ретко повеќе од 100 метри. Решивме да одиме до седлото под Плат. Размислувавме и за искачување на Плат, но тоа само во случај ако се поправи видливоста - инаку навистина немаше смисла да се качиме таму, а да не видиме ништо од прекрасните глетки што таму можат да се видат. Во делот кон седлото на неколку места наидовме на џепови подлабок снег каде пропаѓавме до половина, некаде и повеќе, па се влечевме, лазевме, пливавме за да ги минеме тие делови. Ете каде дошол оној "издуваниот" снег.


групна фотографија на седлото под Плат : Петар, Васко, Никола, Владо, Трајче

На седлото бевме малку пред 12 часот. Се беше во најдобар ред - имавме доволно време да се вратиме. Направивме 10 минутна пауза за да некој касне по нешто и да се сликаме - за жал во услови на бела позадина, но тоа е. Потоа поаѓаме назад - по истата патека. На враќање пак неколку пати заглавуваме во длабок снег, но за среќа тие парчиња не беа многу големи и бргу ги минувавме. Потоа следеше стрмното искачување нагоре кое мене лично многу ми се допадна, го искачивме без застанување - беше одличен тренинг за членовите на оваа група за во иднина.


доцна попладне над Попова Шапка

Кога излеговме горе - на главниот гребен на Шара - пак не дочека силен ветар - сега доста посилен од она што беше утрото. Повторно едно два часа одење под слаба видливост, на граница на измрзнување на рацете - на некои дури им измрзнаа. Но знаевме дека наскоро ќе стигнеме до ски-лифтовите на Церипашина и потоа ќе биде многу полесно. Еден од проблемите што го имавме беше што резервите на енергија ни се истрошија - скоро сите бевме "на црвено". Свесни за тоа одевме побавно, без вишок движења. А зошто беше така? Па од силниот ветар не можевме да застанеме, да најдеме завет, за да јадеме. Тоа можевме да го направиме дури доста подоцна - во куќарката на крајот на седешницата на Церипашина. Влеговме таму заштитени од ветрот, каснавме малку се напивме чајче или скоро замрзната вода. Потоа, прилично брзо бевме на Попова Шапка. Од Деан и Ѓоре дознавме дека на Шапка времето било убаво, сончево, ама над Церипашина и поназад - во делот каде што бевме ние - цело време имало густи темни облаци. Таква ни била среќата денес.

Акцијата траеше точно 10 часа, од која без две-три минимални паузи - остатокот беше постојано движење. Добар тренинг за акција во зимски услови. Особено беше битно што на ваков начин - во реални услови - секој можеше да си ја провери опремата и да види дали му фалат подобри ракавици, или балаклава, или нешто друго. И барем се изнадишавме чист Шарпланински воздух.


Технички податоци :

Должина на патеката: 17 km
Висинска разлика (вкупен успон) : 1550 m
Макс.процент.успон : 55 %, просечен успон 19 %
Време на движење : 10 часа


измината патека - поглед од страна на Попова Шапка


поглед на дел од патеката - од страна на седлото под Плат


профил на патека

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк :
https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/SarPlaninaAnteniSedloPodPlat#

Автор: Трајче Панковски

Фотографии: Петар Герасимов, Трајче Панковски


© Copyright 2004 - 2014 Makpetrol A.D. Skopje